Фото: Игор Бансколиев

Собранието вчера не му го одзеде пратеничкиот мандат на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. За предлогот за одземање на мандатот, кој го достави Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, гласаа 58 пратеници, а 27 беа против.

Собраниската комисија со мнозинство гласови во средата препорача да му се одземе пратеничкиот мандат на Груевски, заради издржување на двегодишната затворска казна за набавката на луксузниот „мерцедес“ во предметот „Тенк“, која му беше изречена по обвинението од специјалното јавно обвинителство. Комисијата притоа оцени дека Груевски е недостоен за вршење на пратеничката функција.
Вчерашната одлука на пратениците, да не му се одземе мандатот на Груевски, не го одложува извршувањето на казната.

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ завчера требаше да се јави на издржување на затворската казна. Но тој и неговите адвокати поднесоа жалби против решението на судијата за извршување санкции, кој постапува по предметот. Од судот информираа дека од вчера тече рокот од три дена во кои Кривичниот совет треба да донесе одлука по жалбите. П.Р.