Фото: Дарко Андоновски

Најавата на премиерот Заев дека со т.н. ветинг во правосудството ќе се започне дури по изборите, за упатените, е сосема необјаснива динамика кога се има предвид дека тие се најавени за април, а Владата повторно негува оптимизам дека до наредниот самит на ЕУ, кој треба да се одржи во мај во Загреб, повторно би можело да биде отворено прашањето за доделување датум за почеток на преговори со Македонија, за што еден од клучните услови е да се оствари видлив напредок во реформите во правосудството

И покрај општиот консензус во земјава и недвосмислениот императив од Европската Унија за радикални реформи во правосудството, процесот за кој постојано се зборува како за нешто што е во тек никако да резултира со видливи ефекти, а почетокот на неговиот можеби и најбитен сегмент, проветрување на кадрите, т.н. ветинг, премиерот Зоран Заев пред некој ден го најави дури за по изборите. Таквата динамика, според упатените, е сосема необјаснива кога се има предвид дека предвремените парламентарни избори се најавени за април, а Владата повторно негува оптимизам дека до наредниот самит на ЕУ, кој треба да се одржи во мај во Загреб, прашањето за доделување датум за почеток на преговори со Македонија, за што еден од клучните услови е да се оствари видлив напредок во реформите во правосудството, повторно би можело да биде отворено.

Премиерот Заев, сепак, најде објаснување за одложување на процесот.
– Со одлуката за парламентарни избори се менува просторот и ќе имаме техничка влада, која, според законот, не смее да се занимава со организирање и поддршка на вакви постапки, токму затоа ветингот во судството е постапка што најверојатно ќе започне веднаш по изборите – изјави премиерот Заев.

Во нефункционалноста на правосудниот систем, но и во непрофесионалното и несовесното однесување на дел од носителите на судските и на јавнообвинителските функции, јавноста во изминатиов период се увери најмногу преку зачестените неразјаснети бегства на осудените, обвинетите и на осомничените лица во случаите од поширок јавен интерес. Токму по една таква ситуација и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека на правосудството му е потребен не само ветингот туку и кривична одговорност.

– За вакви случаи јавниот обвинител треба да поведе истрага против некој судија и против некој обвинител и да се докаже што е поврзаност во однос на ваквите случаи. Дали има врска помеѓу оној што е осуден, помеѓу лекарите што го прават тоа, дали има врска помеѓу обвинителот и судијата… Конечно, ваквите работи мора да се расчистуваат ако сакаме навистина да имаме држава што ќе ги остварува првичните интереси, а тоа е да имаме правда во државата – објасни министерот Спасовски.
Само поставувајќи ја обратно целата работа, со ветингот се согласуваат и повеќето од судиите. Претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, неодамна потврди дека е потребен ветинг во судството, но за, како што рече, да се отстранат сите сомнежи за чесноста на судиите.

– На ветингот гледам позитивно и немам никаков проблем со тоа. Сметам дека е потребно да се направи ветинг и во судството, за да се отстранат сите сомнежи по однос на чесноста на судиите – кажа Џолев.
Во исчекување на некакви резултати од сите овие најави, интересно е да се види како овие процеси течеле во другите земји.
Најблизок пример за споредба, временски и просторно, е соседна Албанија. Тамошните медиуми пишуваат дека реформата во судството ја спроведува независна комисија под меѓународно набљудување, дека процесот на проветрување во судството е започнат уште од 2015-та, а според најавите се очекува да заврши најдоцна во 2024-та. Во 2016 година, парламентот во Тирана усвоил 17 амандмани кон Уставот, кои имаат за цел да обезбедат стручност во целокупниот сектор, да ги унапредат вредностите на независноста и непристрасноста, како и да ја зголемат довербата на јавноста во правосудството.

Натаму, во текот на годините, Албанија ја усвоила и меѓусекторската стратегија за правда и подготвила акциски план за клучни приоритети.
Медиумите во Албанија информираат дека досега земјата за оваа цел има потрошено од 15 до 20 милиони евра и се очекува оваа цена во иднина да се зголемува. Албанските медиуми, сепак, додаваат и дека Социјалистичката партија, која се смета за најголема опозициска сила во државата, тврди дека овие правни реформи се злоупотребуваат од власта за реваншизам со политичките неистомисленици и немаат никаква поврзаност со обезбедувањето професионален судски систем.

Сличен процес со години е актуелен и во Романија, која е членка на ЕУ. Медиумите оценуваат дека ефектот од реформата не можел да се протолкува ниту како добар ниту како лош. Овие реформи биле водени во периодот меѓу 2003 и 2007 година, во текот на пристапувањето на земјата кон ЕУ. Тогаш била формирана Дирекцијата за борба против корупцијата, која спровела повеќе од 43.000 истраги против повеќе од 12.300 државни функционери. Но сето тоа, според медиумите, паднало во вода, бидејќи во годините што следувале се покажало дека дури и првите луѓе на дирекцијата биле корумпирани и го кршеле законот.

Да се надеваме дека кај нас, сепак, нема да се оствари прогнозата на аналитичарката Магдалена Лембовска, која во своја објава на социјалните мрежи пишува дека со оглед на тоа како кај нас се прекинуваат процеси и се повлекуваат политики прекуноќ, таа сериозно се сомнева дека некогаш ќе се спроведе ветингот, особено во судството, „каде што има многу засегнати страни“.

[email protected]