Фото: Игор Бансколиев

Ненаучно, непрофесионално, нечовечки, неетички и во спротивност со сите норми е да барате од кого било да се откаже од името на својот јазик што ги определува него и јазичната заедница на која ѝ припаѓа, велат лингвистите од Институтот за словенечки јазик во Љубљана. Ние мора да го кажеме своето: се разбира, ние сме на ваша страна, затоа што друга, воопшто, не смее да има, во спротивно тоа е грешка!, се вели во писмото од словенечките до македонските колеги. Но зошто се тивки македонските интелектуалци за бугарските напади врз јазикот и идентитетот?

Словенечките лингвисти во одбрана на македонскиот јазик

Сосема ирационално, според современите цивилизациски норми и правото на самоидентификација, но и спротивно на европските тенденции за инклузивност, македонскиот јазик во 21 век е доведен во ситуација повторно и повторно да бидат докажувани неговата автентичност и посебноста. Апсурдот е уште поголем што во таква позиција е доведен не поради некакво изразено сомневање од лингвистичката наука, туку како резултат на злоупотреба на одредена политичка надмоќ на соседот Бугарија, во однос на евроинтеграциите на Македонија. Во последниот израз на таквите оспорувања на Бугарија пред ЕУ, артикулирани во т.н. објаснувачки меморандум, како клучна точка во барањата за деградирање на македонскиот идентитет се наведува дека македонскиот јазик е „само дијалектна форма на бугарскиот јазик“.

Таквите барања за самонегирање на Македонците, македонскиот јазик и идентитет се издигнати на ниво на уцена за согласноста на соседна Бугарија за започнување преговарачкиот процес на Македонија за членство во ЕУ. И покрај признаената лингвистичка реалност на македонскиот јазик, која е поткрепена со 12-вековен историски развој, актуелните оспорувања на неговата самобитност и постоење, наметнуваат мобилизирање на научната јавност, пред сѐ, од областа на лингвистиката, во потврдување на неговата автентичност. Македонските лингвисти неодамна добија отворена поддршка на оваа тема од своите колеги од Словенија, за што извести професорката од Институтот за македонски јазик, Елка Јачева-Улчар.
– Неодамна добив писмо од еден колега од Институтот за словенечки јазик, во кое тој ме известува дека „во списанието на Институтот за словенечки јазик, Језиковни записки (Јазични белешки), (…) ќе ја коментираме намерата на Бугарите да го избришат именувањето ’македонски јазик‘. Ќе го објавиме и словенечкиот став кој, исто така, ќе биде преведен на бугарски, македонски, руски и англиски јазик“.

Понатаму во писмото се вели:
„Ненаучно, непрофесионално, нечовечки, неетички и во спротивност со сите норми е да барате од кого и да било да се откаже од името на својот јазик што го определува него и јазичната заедница на која ѝ припаѓа. (…) Не се сомневам во добриот резултат, но, исто така, мислам дека сите нас (…) нѐ обединува желбата за сончев свет во кој не смее да има ултиматуми и наредби. Тука, македонскиот јазик е конкретен пример, за што мора да го кажеме своето: се разбира, ние сме на ваша страна, затоа што друга, воопшто, не смее да има, во спротивно тоа е грешка!“, се вели во писмото.
Благодарам. Словенија! Им благодарам на сите колеги од Институтот за словенечки јазик „Фран Рамовш“ во Љубљана – објави веднаш на социјалните мрежи професорката Јачева-Улчар.
Реакцијата на словенечките лингвисти, на своевиден начин ја изразува научната поддршка на она што политички го порача претседателот на Словенија, Борут Пахор, при неговата посета на Македонија кога искажа „силна словенечка поддршка за одржување на првата Меѓувладина конференција, која означува почеток на пристапните преговори за Северна Македонија со ЕУ до крајот на годинава“, но ѝ порача на бугарската политика дека „кога блокирате договори станува политички сѐ потешко да се најде компромис“.
И покрај поддршката на македонскиот јазик и идентитет, од интелектуалци, научници и политичари од земјите-членки на ЕУ, професорката Елка Јачева-Улчар смета дека, сепак, најважна е гласната реакцијата на македонските лингвисти и интелектуалци на агресивните оспорувања што ги пласира актуелно Бугарија, но и другите соседи на Македонија.

– Овие проблеми на Македонија со соседите, во смисла на оспорување на македонскиот јазик и идентитет нема да се решат сами од себе. Всушност, ова што сега ни се случува од Бугарија е само резултат на сите политички отстапки што досега ги направивме со македонскиот идентитет и јазик, наводно во интерес на евроинтеграциите. Добра е поддршката што ја добиваме од колегите -лингвисти од странство и бескрајно сме благодарни за тоа. Но таквата поддршка треба да биде само дополнителен аргумент на нашиот изграден став дома, за посебноста и автентичноста на македонскиот јазик. Таквиот став треба да го искажеме јасно и недвосмислено, како научниците, така и наставниците што предаваат македонски јазик, но и сите Македонци, зашто без својот јазик остануваме без татковина, сфатена во блажеконевската смисла. Затоа, очекувам сите родољубиви и чесни Македонци да кажат гласно НЕ на големобугарската политика, непримерна ни за овој високоцивилизиран век во кој живееме, ниту, пак, за принципите на Еврoпската Унија – вели професорката Елка Јачева-Улчар.