Која страна колку го почитува и спроведува Преспанскиот договор

Илјадници македонски граѓани не можеа да си ја подигнат пензијата, до примат социјална помош, да регистрираат автомобил и воопшто да завршат и најобична работа, затоа што МВР прекина да издава лични карти само за да го надгради системот со кој се овозможи, врз основа на обврските преземени од Преспанскиот договор, одредницата „Северна“ да се најде и на основниот документ за идентификација, иако земјава за таа обврска имаше рок до 2024 година. А што прави официјална Атина?

По неколкумесечен застој поради надградба на системот, конечно пред некој ден почна издавањето на личните карти со новото уставно име, што беше една од одредбите во Преспанскиот договор, чиј рок истекува во 2024 година.

Но додека Македонија брза предвреме да ги исполни сите одредби од договорот потпишан во Нивици, Грција продолжува да ги игнорира своите обврски и се однесува крајно арогантно.
– Меморандумите со Северна Македонија ќе бидат ратификувани во соодветно време во следниот период – рече портпаролот на грчката Влада, Јанис Иконому, без да прецизира кога ќе се случи тоа.

Од друга страна, илјадници македонски граѓани не можеа да си ја подигнат пензијата, до примат социјална помош, да регистрираат автомобил и воопшто да завршат и најобична работа, затоа што МВР прекина да издава лични карти само за да го надгради системот, со кој се овозможи „Северна“ да се најде и на основниот документ за идентификација, иако земјава за таа обврска имаше рок до 2024 година.

Згора на тоа, Македонија не ги започна ниту пристапните преговори со ЕУ, така што сите рокови од Преспанскиот договор, а кои беа поврзани со отворањето на преговарачките поглавја, сега се пролонгирани, па се поставува прашањето зошто толку се брза со еднострано спроведување на договорот кога другата страна арогантно ги избегнува своите обврски.
– Како што можеше да се очекува (и многумина предупредуваа пред склучувањето на Преспанскиот договор), Конечната спогодба (како што е формалниот назив на договорот) е далеку од конечна. Исто така, очекувано беше грчката влада (особено таа предводена од Неа демократија) да го одложува спроведувањето на обврските на Грција колку што е можно повеќе (а дел и воопшто да не ги спроведува)…, истовремено барајќи Македонија доследно да ги почитува своите обврски (зашто, како и пред постигнувањето на договорот, тие се во поповолна позиција со тоа што се членки на ЕУ), иако не се експонираат многу во последно време, препуштајќи ѝ ја засега на Бугарија „водечката палка“ во блокадата на нашиот европски пат – вели Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Според него, иако има рокови до кога треба да се заврши дел од обврските, земјава непотребно брза со исполнувањето на одредбите од договорот.
– За жал, иако во самиот договор се вградени некакви гаранции и за нас, односно рокови кога дел од одредбите треба да се спроведат (вклучувајќи и нивно поврзување со почетокот на преговорите за членство во ЕУ), се чини непотребно нашата влада брза со предвремено исполнување на дел од обврските. Тоа може да се покаже како не многу битно ако навистина започнеме преговори до крајот на оваа година, но ако повторно не се случи тоа, сето ова ќе стане бесмислено (а во тој случај ќе биде бесмислен и самиот Преспански договор) – заклучува Кржаловски.

За универзитетскиот професор Живко Андревски малите држави едноставно се ставени во позиција само од нив да се очекува да го спроведуваат она што е договорено.
– Тоа е една од судбините на помалку моќните држави во економска, политичка, воена и друга смисла, кои обично добиваат задача поревносно да ги исполнуваат обврските што ги презеле и да им се поставуваат услови. Врз примерот на Македонија се покажува дека тоа што го презела Европската Унија како обврска врз формализирани преговори на државно ниво не мора да го исполни, а нас нè тераат сè да исполниме – вели Андревски.

Тој додава дека Грција е во сосема поинаква позиција од Македонија и затоа го прави ова што го прави.
– Сосема поинаква е позицијата на Грција, и во рамките на преговорите за името изминатите години и сега таа е прво, формално членка на ЕУ и НАТО. Второ, клучна е во рамките на стратегиските интереси на светската структура на геополитички позиции и таа е поддржувана и за неа е многу комотно да каже дека ќе ги ратификува меморандумите со Македонија „во соодветно време“ – нагласува Андревски.

Според него, Македонија во основа води реактивна надворешна политика, дури не води активна во моментот, а уште помалку проактивна во рамките на сопствените потенцијали во структурата на меѓународниот систем и простор.
– Државата мора да се организира на тој начин што во надворешната политика ќе ги бара точките каде што таа ќе биде позитивно вреднувана, каде што ќе биде не тесно кооперативна, туку долгорочно ќе ги поддржува светските тенденции и во рамките на тоа ќе собира и формални поени и реални позиции. Во меѓународните односи колку што има логика и законитости, толку има и апсурди и нелогичности – заклучува професорот Андревски.