Фото: архива

(ЗЛО)УПОТРЕБА НА ПРИНЦИПОТ НА БАДЕНТЕРОВО МНОЗИНСТВО

Најновите барања Бадентер да влезе и во законите за јавно обвинителство и за советот на јавни обвинители, според правните експерти, само ја прелеаја чашата на општо незадоволство од долгогодишната злоупотреба на овој принцип, дури и таму каде што не му е местото

Поимот Бадентерово мнозинство првпат во македонската политика започна да се практикува по кризата во 2001 година. На почетокот оваа терминологија се поврзуваше со одредени прашања од, условно кажано, помал карактер, поврзани со функционирањето на локалната самоуправа, културата и слично. Бадентеровото правило именувано по француски правник, универзитетски професор и политичар Роберт Бадентер беше замислено да го олесни меѓуетничкиот дијалог во општеството во постконфликтниот период и носењето на одлуките да биде поддржано и од малцинските етнички заедници.

Меѓутоа, со текот на годините, оваа системска алатка, наспроти првичните замисли, како ламја ја проголта целата држава и допре до сите пори на општеството. Наместо да се применува многу често, Бадентеровото мнозинство се злоупотребуваше за собирање ситнопартиски политички поени, што наметна впечаток на своевидна уцена и притисок на малцинството над мнозинскиот народ во државата. Едноставно, нормалното функционирање на државата се доведе во залог само на неколку гласа од малцинските етнички заедници, без кои не може да се спроведе која било суштинска реформа во интерес на сите граѓани на Македонија.

Политичарите успеаја да наметнат и да условат користење на Бадентеровото мнозинство во сите сфери на општеството, во здравството, социјалата, образованието, економијата одбраната, правосудството, па дури и таму каде што ниту му е местото ниту, пак, првично беше предвидено негово користење.
Токму таквата форсирана примена на Бадентерово мнозинство му нанесе штета на функционирањето на целата земја. Најнов пример со изнасилена и форсирана употреба на Бадентеровото мнозинство беше регистрирана неделава, откога во парламентарна процедура влегоа законите за јавно обвинителство и за совет на јавни обвинители, а за кои се предвидува Бадентер при изборот на обвинители во Обвинителството за гонење организиран криминал и истовремено албанскиот јазик да се користи во сите јавни обвинителства.

Во сублимиран заклучок, експертите со кои се консултиравме велат дека штетните ефекти од масовната злоупотреба на Бадентеровото мнозинство се должат на етничката поделеност на државата и на слабиот развој на свеста на општеството, во кое непотребно предничи националниот клуч за решавање одредени прашања каде што нема потреба за тоа.
Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев во својот осврт на актуелните случувања вели дека Бадентер при изборот на обвинители во Обвинителството за гонење организиран криминал никогаш не бил изложен во јавноста за по него да се дискутира од страна на експертите.

Професорот напоменува дека е изненаден од овие случувања и додава дека сѐ што е поврзано со Бадентер најверојатно е епилог на некое барање или политика на албанските партии во парламентот.
– Со националниот клуч практично се отвора врата при изборот на обвинители клучни да се националната припадност и контролата на овие луѓе од страна на партиите во власта. Тоа на долги патеки би можело да значи дека ДУИ би била заштитена од евентуални процеси на начин на кој таа беше поштедена во работата на некогашното СЈО. Со вклучување на Бадентер, навидум се демократизира механизмот, ама индиректно тој може да е криминализиран. Целата идеја за избор на обвинители добива негативна конотација во јавноста бидејќи се добива перцепција дека одредени центри на моќ на ваков начин се обидуваат да се спасат од гонење – вели Калајџиев.
Публицистот Ким Мехмети вели дека, за жал, додека имаме испревртени вредности во општеството дотогаш ќе ни е потребен некој механизам за правична застапеност на сите што живеат во Македонија.

– За жал, Бадентер е потребен во земјата во секој процес што навлегува во сите општествени широки случувања. Кај нас, очигледно, побитно е од која етничка припадност е некој човек при изборот на некоја функција отколку каков професионалец е тој во својата професија, односно не е битно дали е тој или таа добар адвокат, лекар, економист итн., а битно е дали е тој Македонец, Албанец, Ром, Србин и слично – вели Мехмети.

Според Мехмети, во едни такви испревртени околности, во кои функционира државата, за жал, сѐ уште ќе ни треба овој механизам.
– Ние мора да знаеме дека, за жал, нашата граѓанска свест во државата е ниска, и таа на пример не може да се споредува со онаа од развиените држави во светот, каде што струката е пресудна за избор на некоја личност на државна функција – заклучува Мехмети.

Поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев вели дека ниту по Уставот ниту по која било законска одредба некаде е определено да има етничка припадност на обвинител, судија или адвокат во правниот систем на државата.
Според Илиев, обидите на партиите од албанскиот блок да наметнат Бадентерово гласање имаат за цел работите во новото обвинителство да ги постават како во Републичкиот судски совет, каде што при избор на судии се користи националната карта. Илиев ги советува оние што раководат со државата да направат максимални напори за да не дозволат етничката карта да навлезе во новото специјално обвинителство, бидејќи на тој начин ќе се уништи кредибилитетот на одделението пред да почне да дејствува.

– Обвинителот е титула што треба да биде слободна од политичко и национално дејствување и треба да има општ авторитет, да личи на американската поставеност, каде што и самиот претседател, сега Доналд Трамп, се плаши од наодите на државниот обвинител – резимира Илиев.

[email protected]