Фото: Дарко Андоновски

Политичкиот амбиент во Македонија веќе со години функционира како политички дуопол не овозможувајќи пробив на нови идеи и сили на политичката сцена. Нашиот политички систем, вака како што сега функционира, ги фаворизира само големите партии, создавајќи еден вид хибриден политички дуопол, каде што политичките актери одвреме-навреме се менуваат во практикувањето на власта, ставајќи ги партијата или потесните интереси над државните, односно над националните, а во исто време, обликувајќи го уставноправниот систем според актуелната политичка конјунктура и желбите и барањата на меѓународната заедница

Политичкиот амбиент во Македонија веќе со години функционира како политички дуопол не овозможувајќи пробив на нови идеи и сили на политичката сцена. Нашиот политички систем, вака како што сега функционира, ги фаворизира само големите партии, создавајќи еден вид хибриден политички дуопол, каде што политичките актери одвреме-навреме се менуваат во практикувањето на власта, ставајќи ги партијата или потесните интереси над државните, односно националните, а во исто време, обликувајќи го уставноправниот систем според актуелната политичката конјунктура и желбите и барањата на меѓународната заедница. Помалите партии, пак, на кои им е битно намалена можноста своите политички идеи или програми да ги промовираат и да се изразат, за да го зачуваат и онака кревкото битисување, најчесто се решаваат да влезат во коалиција со двете најголеми партии во земјата, безусловно прифаќајќи ги нивните политики.

Во една таква ситуација, многу од квалитетните кадри што членуваат во помалите партии, не можејќи да ги добијат внатрепартиските подмолни борби од постарото членство за искачување повисоко во партиската хиерархија, и да дојдат до израз новите идеи и принципот на внатрепартиска конкурентност, полека се дистанцираат од политиката или целосно ја напуштаат. Бескрупулозната партиска машинерија едноставно ги меле „неподобните“ и работи на пополнување на сите позиции со партиски, наместо квалификувани кадри.

Во една таква поставеност на работите, државата, односно институциите на своите раководни позиции, тешко може да дојде до квалитетни човечки ресурси што низ соодветен систем на вреднување би ја поставиле по вертикала и по хоризонтала административната машинерија поставена во функција на граѓаните, а не на партиите. Тоа резултира со немање стратегија за развој, лоши економски параметри, нефункционални институции, што од друга страна доведува до разочараност кај населението, кое сè почесто излезот го бара во напуштањето на земјата.

– Срамота е веќе 30 години да не знаеме да направиме држава. Кој да дојде на власт само гледа што повеќе да украде, што повеќе роднини да вработи… Колку доктори, инженери, научници ни заминаа во странство. Сето тоа се случува бидејќи тука нивните квалитети не можат да дојдат до израз, а и она што ќе го сработат, не им е соодветно финансиски вреднувано – вели Јован Павловски, приватен претприемач.

Тој додава дека децениското партиско расправање меѓу двете најголеми политички партии му дошло прекуглава и дека и самиот размислува да се отсели.

– Кога ќе дојдеш дома и кога твоите мали деца ќе почнат да те прашуваат кој е Заев, кој е Мицковски, зошто овој вака му рекол, зошто оној онака направил, сфаќаш колку забегало општеството. Од тие причини сакам да си заминам, да можат моите деца да живеат во функционална држава, каде што квалитетот ќе биде единствено мерило за успех, а не партиските книшки и етничките квоти – вели револтирано Павловски.

Според професорот Јове Кекеновски, веќе време е и мора да проработи свеста кај граѓаните и тие да се ослободат од клиентелистичкиот однос кон лидерите и партиите.

– Партиите треба да престанат да бидат бироа за вработување. Тие треба да понудат програми за кои граѓаните ќе се одлучат и ќе гласаат. Мора да престане и клиентелистичкиот однос и кон лидерите на партиите. Видовме што ни се случи со државата изминатите десетина години. Не смее партијата да биде над државата – вели Кекеновски.

Тој попатно нагласува дека кога се говори за менување на политичкиот систем, треба да се зајакнат и позициите на претседателот на државата.

– Токму во последниот период се покажа дека претседателот може да биде коректив на политиките на власта. Ако избереме авторитативна личност, таа ќе може да ги коригира политиките на власта, кои не се во интерес на граѓаните и државата – нагласува Кекеновски.

И професорот Јован Донев ја истакнува потребата од еволуција и промена на политичкиот систем во земјата.

– Културата на нивото на образование на граѓаните во Република Македонија не одговара со овој политички систем што ние го имаме. Тука е проблемот – вели професорот Донев.

Според него, потребно е приспособување на системот.

– Петтата Француска Република е создадена и Франција е централизирана затоа што процениле дека населението нема доволно образовани луѓе. Вие мора да го приспособите системот. Прво ние имаме најнеквалитетно образование во Европа. Тоа ви го покажуваат сите анкети. Нашите деца завршуваат основно училиште неписмени.

Ние немаме реформи во образованието, 40 отсто од населението е со основно или незавршено основно образование, имате луѓе што сè уште не знаат да читаат – истакнува Донев.

Тој додава дека има огромна разлика во квалитетот на дебатите на пратениците во првиот македонски парламент и она што сега се дебатира.

Професорот Донев се осврнува и околу партиските коалицирања во Македонија, и дури смета дека тие треба да се забранат.

– Со тие коалиции ние имаме монопол со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ бидејќи немаат конкуренција – вели Донев, притоа додавајќи дека добро е да се размислува и кон враќање на мнозинскиот изборен систем, бидејќи на тој начин од пратениците ќе се побара отчетност пред граѓаните, а не послушност кон партискиот лидер.

Според Љупчо Ристовски, претседател и коосновач на институтот за доблесна и вредносна политика „Интегра“, потребен е, како прв и решителен чекор, систем на квалитетно образование.

– Тоа е едно од компонентите на просперитетот и тоа мора да биде врвен приоритет. Исто така, потребно ни е квалитетно здравство. Тоа е втората компонента. Ако нацијата ви е болна, вие не можете да имате просперитетна нација и држава. Значи тие се двете компоненти на просперитет. Но најважно од сè е компонентата наречена БДП. Со најсилен раст на бруто-домашниот производ, мора да почнеме нов економски циклус – вели Ристовски.Тој додава дека оваа држава и нација имаат потенцијал и знаење и умеење, но потребна е сериозна промена на политичката карта.

– Далеку сме ние од владеење на правото и од поделба на власта на законодавна, судска и извршна, но јас велам и на четвртата власт, тоа се медиумите. Ние не успеавме да ја отвориме позицијата на медиумите и да ги востоличиме како четврта власт – нагласува Ристевски, притоа додавајќи дека ниту една партија досега не сакала да се направи систем.

[email protected]