Заев, Вучиќ и Рама порачаа

Остануваме уште попосветени на нашиот пат кон ЕУ и на регионалната соработка – на земјите од Западен Балкан им е потребна ЕУ колку што и се тие потребни на ЕУ, истакнаа претседателот на Србија Александар Вучиќ, претседателот на Владата на Албанија Еди Рама, и претседателот на Владата на Македонија, Зоран Заев, кои денеска одржаа работна средба преку интернет-конференциска врска на која ја утврдија заедничката изјава „Европски Западен Балкан“.

Во трипартитната изјава се наведува дека постојаниот неуспех на ЕУ да ги исполни своите ветувања и нејзината неможност да се движи напред со отворање на првата меѓувладина конференција со Албанија и Македонија, оди против европската волја на нашите земји и против интересите на самата ЕУ.

– Сакаме порано, отколку подоцна, да видиме дека четирите слободи на ЕУ – движење на луѓе, стоки, услуги и капитал – се спроведуваат низ целиот регион. И ние ќе сториме сè што е во наши раце да се движиме кон оваа цел преку моќта на нашиот пример. Во овој дух, ние ќе ја искажеме нашата целосна поддршка за регионалниот заеднички пазар на Самитот на Берлинскиот процес на 5 јули – се наведува во изјавата.

Тројцата лидери сметаат дека само со заедничко работење и поттикнување на регионална соработка во рамките на разни регионални иницијативи – Заеднички регионален пазар, Регионален Шенген, Зелени коридори или во поширока смисла преку Берлинскиот процес – граѓаните ќе почувствуваат опипливи резултати.

Како регион со приближно 18 милиони луѓе, се додава во изјавата, можеме да ги зајакнеме нашите економии, да ја зголемиме благосостојбата на нашите луѓе и да донесеме големи инвестиции што инаку не би биле возможни доколку го правиме тоа поединечно.

Вучиќ, Рама и Заев најавија дека на 29 јули, ќе се сретнат во Скопје за да го потврдат напредокот и да потпишат договори кои произлегуваат од спроведувањето на обврските од Берлинскиот Самит, меѓу трите земји. Договорите за соработка и помош во случај на природни катастрофи, како и за олеснување на трговијата, извозот и увозот меѓу земјите.

Ги поканија колегите во регионот да потпишат и спроведат слични договори, така што визијата за заеднички политички и економски простор низ Западен Балкан да стане важен дел од секојдневниот живот на граѓаните преку единствениот пазар. Во тој дух, Вучиќ, Рама и Заев се надеваат дека ќе го засилат процесот на соработка меѓу регионот.

– Гледајќи ги потешкотиите кои беа предизвикани од одложувања во процесот на проширување, ние веруваме дека сѐ уште може да се идентификуваат нови начини, политички области и финансиски инструменти, како и да имаме зајакнување на постоечките, така што ќе се подобри нашиот придонес кон Европа, нашиот однос со ЕУ и постепено да се интегрира регионот кон Европскиот единствен пазар. Затоа, решивме денес да побараме од Европската унија и од Соединетите Американски Држави, да преземат чекор заедно со нас и со нашите колеги од целиот регион. Нашата цел е да развиеме инвестициони, краткорочни проекти за подобрување на нашата животна средина и за многу поголем употреба на обновливи извори на енергија. Ова би било дел од спроведувањето на Економскиот и инвестициски план на ЕУ и на Зелената агенда за Западен Балкан – се додава во заедничката изјава.

Тројцата лидери се договориле и да побараат практична поддршка во откривањето кои проекти можат, во поголем обем, да го направат нашиот регион извор на обновлива енергија за граѓаните и за зелената енергетска иднина на ЕУ. Се надеваат дека ќе можат да го објават напредокот на конкретни проекти до Самитот ЕУ-Западен Балкан кој ќе се одржи оваа есен.

– Ние целосно ја препознаваме и повторуваме важноста на ресурсите на нашиот регион за зелената транзиција во Европа. Затоа, бараме Европската унија, во тесно партнерство со Соединетите Американски Држави, да бидат дел од развивањето на овие ресурси на начини што ѝ помагаат на ЕУ да ги оствари своите планови притоа привлекувајќи повеќе инвестиции низ нашиот регион, правејќи го дел од европската зелена транзиција. Благосостојбата и економските врски на нашите народи ќе растат кога ќе се интегрираме во европските синџири на снабдување и ќе придонесеме за стратешката автономија на ЕУ. За таа цел, ние сме подготвени да го одработиме својот дел заедно и ќе сториме се што можеме за да ги претвориме овие заеднички напори во заедничка сила за соочување со предизвиците кои ги носи иднината како цел регион составен од шест актери. Албанија е Европа. Северна Македонија е Европа. Србија е Европа. Западен Балкан е Европа. Ние ќе ја завршиме тешката работа за да го направиме ова дел од секојдневниот живот – се додава во заедничката изјава.