Оставката на Никос Коѕијас дојде по расправата на грчкиот министер за надворешни работи со министерот за одбрана Панос Каменос во врска со Договорот од Преспа, за време на владина седница, пишува грчкиот весник „Катимерини“.

Според извори блиски до грчката влада, Каменос го обвинил Коѕијас и за лошо постапување со државните фондови, а го нападнал и поради наводната поврзаност со американскиот милијардер Џорџ Сорос.

Оставката на Коѕијас е последица на растечката нестабилност во грчката владина коалиција, што се должи во голема мера на ставовите околу историскиот Договор од Преспа.

Коѕијас верува дека Преспанскиот договор е резултат на неговиот заеднички труд со премиерот Алексис Ципрас и го смета за сопствен значаен дипломатски успех. „Грик репортер“ објавува оти Коѕијас, кој е познат и како „архитектот на Договорот од Преспа“, поднел оставка бидејќи не добил поддршка од премиерот при несогласувањето со Каменос.

Грчките медиуми објавуваат оти повлекувањето на Коѕијас било потполно неочекувано, по што Ципрас одлучил самиот да раководи со министерскиот ресор, бидејќи немал подготвена замена.