Фото: Дарко Андоновски

Се предвидува за плати на администрацијата во наредната година да се потрошат 461 милион евра, што е зголемување за 25 милиони евра. Во земјава, пак, јавна тајна е дека и во минатото и сега сите партии што раководат со државата спасот за вработување на своите кадри го бараат во администрацијата и токму затоа во моментов имаме огромна машинерија што е партизирана, недоволно ефективна и пребројна

Реформите во администрацијата се еден од главните предуслови што Македонија мора да ги спроведе доколку сака во скоро време да се приклучи кон ЕУ. Во тој правец, Владата, следејќи ги забелешките на експертската група предводена од Рајнхарт Прибе, годинава ја подготви и ја спроведува Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022 година, како и акцискиот план за нејзиното спроведување.
Во сублимиран заклучок за оваа тематика експертите велат дека е разбирливо зошто проблемот со реструктурирањето на администрацијата е толку високо на државната агенда и зошто оваа реформа е многу битна за евроатлантските аспирации на земјата.

Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски оценува дека еден од најголемите предизвици што Македонија во овој момент ги има пред себе е спроведувањето на реформата во администрацијата.

– Доколку се тргнат настрана случувањата поврзани со спроведувањето на спогодбата со Грција и судските процеси на специјалното јавно обвинителство, ќе се види дека многу високо на агендата на владините приоритети е реформата во администрацијата. Морам да истакнам дека овој проблем воопшто не е лесен за решавање, бидејќи тој во себе има политички и финансиски димензии – вели Стефаноски.

Аналитичарот истакнува дека администрацијата долги години е еден финансиски обемен товар за земјата, кој некогаш мора некако да се реши преку намалување на неговиот обем.

– Во земјава јавна тајна е дека и во минатото и сега сите партии што раководат со државата во администрацијата го бараат спасот за вработување на своите кадри и токму затоа во моментов имаме огромна машинерија, која е партизирана, недоволно ефективна и пребројна. Па, сосема е логично да се сфати зошто експертската група на Прибе во својот извештај истакна дека се неопходни реформите во ова поле ако навистина сакаме да се доближиме до стандардите на земјите од ЕУ по ова прашање – вели Стефаноски.

Професорот Борче Давитковски, пак, во изјава за РСЕ на слична тема вели дека плановите за реформи без намалување на бројот на вработени укажуваат дека не постои политичка желба да се имплементираат вистински реформи и препораките од Брисел, од каде што со години во секој извештај пристигнуваат критики за партизирана, неефикасна и обемна администрација.

Давитковски смета дека не може да се прави реформа без притоа да се намалува бројот на административците. Сепак, тој истакнува дека намалувањето на бројот на административците е најмал проблем во реформата и дека вистинскиот предизвик е соодветни луѓе да се постават на соодветни места.

Од друга страна, пак, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски вчера изјави дека со буџетот за следната година е предвидено зголемување на платите на вработените во администрацијата за пет проценти.
Тој најави дека ќе има и нови вработувања, но тие, секако, според него, ќе треба да го следат трендот на одлив од администрацијата.

– Имаме превработеност во администрацијата, но и недостиг од професионален кадар. Затоа мора да најдеме решение со мерки и политики што ќе нѐ доведат до тоа – рече министерот.

Според него, на крајот на идната година ќе има понуда до дел од вработените во администрацијата да заминат во приватниот сектор, тоа ќе биде доброволно за тие што ќе ги прифатат критериумите.
Манчевски истакна дека администрацијата мора да стане ефикасна служба на граѓаните.

– За оној што не работи, нема потреба да зборуваме за реформа.Тој што не работи едноставно нема што да бара – нагласи Манчевски.

Во меѓувреме, Владата неделава го објави предлог-буџетот за наредната година, каде што може да се забележи дека на администрацијата секоја година се трошат сè повеќе пари. Според расположливите информации, се предвидува за плати на администрацијата во наредната година да се потрошат 461 милион евра, што е зголемување за 25 милиони евра, или од 5,7 отсто во однос на годинава, кога за оваа намена се одвоени 436 милиони евра. Генерално, податоците за изминатиов период покажуваат континуирано зголемување на расходите наменети за плати во администрацијата, односно од 2013 година наваму, секоја година за плати има зголемување во просек за 14 милиони евра.

Во рамките на 461 милион евра проектирани за плати во администрацијата во 2019 година, предвидено е покачување на платите за 5 отсто за вработените во буџетските корисници во последниот квартал од годината, односно почнувајќи со исплатата на септемвриската плата во 2019 година.

– Ваквото зголемување се предлага за подобрување на стандардот на вработените и на зголемување на мотивот за професионално, квалитетно и целосно исполнување на работните задачи, особено во фаза на спроведувањето на преговорите околу интеграцијата во ЕУ и во НАТО – се вели во предлог-буџетот за 2019 година.


Десетици милиони евра за плати без работно место

Над 67 милиони евра биле потрошени за плати и надоместоци во Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор од 2009 година до крајот на 2017 година. Ова го покажаа податоците што по барање на новинарската истражувачка мрежа БИРН ги обезбеди Министерството за информатичко општество и администрација од Министерството за финансии.
Овој секретаријат во јавноста е најпознат како институцијата каде што се водат како вработени административците што земаат плата а не одат на работа и за кои се води постапка за прераспределување во други органи на јавниот сектор.
Во разговор за новинарите на БИРН, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски вели дека е реална процената дека од 2009 година барем две третини од вработените во Секретаријатот за рамковниот договор биле со обезбедена плата но без работно место, со оглед на обемот на работата на таа институција и на задачите што ги извршува.