Експликацијата на португалската официјална политичарка за комплексноста на македонско-бугарскиот спор, во Македонија беше доживеана како заземање страна на Португалија за „разбирање и поддршка“ на бугарските позиции… Амбасадорот Арсовски смета дека ваквата изјава е почеток на нов притисок на другата (другите) страна(и) спрема Македонија, затоа што македонската страна во континуитет дава сигнали дека е подготвена за отстапки

Почеток на нов бран европски притисок врз Македонија

Нов заплет во македонско-бугарските релации, или можеби разврска во насока на демаскирање на вистинските позиции на ЕУ во однос на македонските евроинтеграции, предизвика изјавата на португалската државна секретарка Ана Паула Закаријаш, која го нарече македонскиот јазик „северномакедонски“ и оцени дека „некогаш бил дел од бугарскиот јазик“. Изјавата на Закаријаш, искажана како одговор на новинарско прашање, остави впечаток на своевиден заклучок на шестмесечното португалско претседателство со Европската Унија, кое заврши со крајот на јуни. Експликацијата на португалската официјална политичарка за комплексноста на македонско-бугарскиот спор, во Македонија беше доживеана како отворено заземање страна на Португалија за разбирање и поддршка на бугарските позиции.
– Искрено жалам поради длабоко погрешните изјави, кои ги поткопаа сите напори и одличниот и балансиран предлог со кој претходно излезе португалскиот министер за надворешни работи Да Силва… Од историчари што се занимаваат со политика, полоши се само политичари што се обидуваат да толкуваат историски епохи. Добрата вест е што португалското претседателство заврши, се надевам дека словенечкото претседателство ќе продолжи по должината на истата патека со полно уважување на виталните национални и државни интереси на двете страни, инаку не може да се дојде до договор – реагираше македонскиот претседател Стево Пендаровски, од официјалната посета на Хрватска, на изјавата на португалската претставничка во Брисел.

Претходно, официјално Скопје реагираше збунето и затечено од отворената експликација на Закаријаш, во која беше лесно видлива бугарската диоптрија во португалското гледиште на македонско-бугарскиот историско-идентитетски спор, за кој, наводно, Португалија како претседавач бараше праведен начин за негово надминување. Македонскиот вицепремиер за евроинтеграции, Никола Димитров, изјавата на Ана Паула Закаријаш за македонскиот јазик ја оцени „прилично несреќна“, додавајќи дека тој и шефот на дипломатијата Бујар Османи искажале негодување и протест во комуникацијата со Лисабон. Сепак, уште поголема загриженост во македонската јавност предизвика неизвесноста на прашањето, дали тоа што го кажа претставничката на Португалија во Брисел, од позиција на претседавач на Унијата, е и позиција на ЕУ за македонско-бугарскиот случај, односно за условите што Бугарија ѝ ги поставува на Македонија за почеток на преговорите за полноправно членство.
– Какво било оправдување да бараме за изјавите што доаѓаат од официјални лица во ЕУ, не може да се пренебрегне фактот дека искажани од официјална позиција, тие ја имаат тежината на порака на институцијата што ја претставуваат. Пред изјавата на претставничката на португалското претседателство во ЕУ, Закаријаш, за прашањето на бугарското условување за македонските евроинтеграции имавме и други чудни изјави на неколку еврокомесари, кои подоцна беа прогласени за лични ставови. Затоа треба да се расчисти со директно прашање, дали Брисел стои зад португалскиот предлог. Недозволиво е изјава во каков било контекст на претставничка на претседавач со Унијата да биде прифатена како „лична грешка“, со игнорирање на заднината на таквата формулација – вели поранешниот македонски амбасадор Љупчо Арсовски.
Амбасадорот Арсовски смета дека ваквата изјава е почеток на нов притисок на другата (другите) страна(и) спрема Македонија, затоа што македонската страна се покажува како подготвена за отстапки.

– Ако кажете: „за јазикот и за идентитетот не попуштаме“, оставате простор за порака дека за други прашања сте подготвени да попуштите, односно дека во принцип сте подготвени за нови отстапки. Во таква ситуација, притисокот се насочува кон вас – вели амбасадорот Арсовски. Тој смета дека изјавата на португалската политичарка треба да биде алармантен сигнал за подзапирање на процесот на преговори со Бугарија, согледување и анализа на целиот развој на односите со источниот сосед, ЕУ и евроинтеграциите од времето кога во бугарското собрание, во октомври 2019, беше донесена Декларацијата за бугарската позиција спрема македонските евроинтеграции. Македонија треба да направи ресетирање на својата евроинтеграциска стратегија – вели Љупчо Арсовски.
Од македонската влада, поради „толкување на изјавата на португалската државна секретарка“, со задоцнување се јавија со соопштение, во кое се наведува дека „доколку е прецизно пренесена, и по суштина и по методологија е целосно спротивна на португалскиот предлог за изнаоѓање решение“, а се истакнува дека ваквите изјави никако не помагаат во процесот на градење доверба и заедничко разбирање. Притоа ги повикуваат претставниците на земјите што се вклучени во процесот и кои не ги познаваат целосно и добро околностите во Македонија и во Бугарија, „да се воздржат од какви било квалификации или објаснувања на процеси поврзани со нашите национални прашања“.

Според политичкиот аналитичар Александар Пандов, изјавата на португалската државна секретарка за европски прашања не смее да се минимизира како „случајна, несреќна, резултат на недоволна упатеност“.
– Искажана од претставничка на земја што е претседавач со ЕУ, за која се претпоставува дека ја знае тежината на секој искажан збор, изјавата на португалската државна секретарка за европски прашања не смее да се минимизира како „случајна, несреќна, резултат на недоволна упатеност“. Всушност, прецизноста во објаснувањето на контекстот на македонско-бугарските односи, упатува многу директна порака дека Португалија како земја-претседавач, а и ЕУ, не само што имаат разбирање за позициите и условите што ги поставува Бугарија туку и за Грција. Таквата порака е обесхрабрувачка за македонските евроинтеграции, зашто имплицира дека патот на Македонија кон ЕУ води преку целосно национално обезличување со бугарска асимилација на македонскиот национален идентитет.

Во мигов сосема извесно укажува дека во Брисел, Македонија ја гледаат преку бугарската перцепција и дека не се категорично против желбата на Софија, Македонија да влезе во ЕУ, само како втора бугарска држава. Нешто како Кипар и Грција. Можеби ова звучи како препесимистичка визија и толкување, со предупредување за опасноста што ја носи ваквата проекција – за Македонија и Македонците како држава и народ во изчезнување. Но сосема е извесно дека на европските дипломати и политичари веќе им попушта обѕирноста со употребата на терминот „северномакедонски“, внимавајќи да не додаваат „сол на раните“ од Преспанскиот договор и неговото неприфаќање во македонската јавност. Таквата олабавеност се должи на понизниот и ретерирачки однос на првите луѓе од македонската влада, кои се извинуваат и кога другите страни (грчката, бугарската) не ги спроведуваат своите обврски од договорите – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.