Каков е ставот на меѓународната заедница по испратениот меморандум од Софија до земјите-членки на Европската Унија, во однос на спорот наметнат од Бугарија, и дали ирационални, неразумни прашања, надвор од секаква логика на меѓународното право, кои се дадени во духот на некои дамнешни суперрадикални и милитантни идеологии би можело да прераснат во прашања вметнати во агенда или рамка по која во иднина ќе одлучува Европската Унија?!

Меѓународната заедница дава сигнали дека аргументите што држат вода се македонските

Одржувањето на првата меѓувладина конференција, што би значело почеток на преговорите за членство на Македонија, е голема цел за време на германското претседавање со Унијата, а билатералните проблеми не треба да бидат дел од преговарачката рамка за проширување на ЕУ, изјави германската амбасадорка во Македонија, Анке Холштајн, во интервју за Радио Слободна Европа. Но освен политичките ставови, ставовите на еден германски историчар привлекоа особено внимание во меѓународната јавност.
Германскиот историчар Улф Брунбауер коментирајќи го меморандумот на Софија, за македонскиот сервис на Дојче веле (ДВ), вели дека Брисел и особено Берлин треба јасно да ѝ стават до знаење на бугарската влада дека ова е навистина глупава идеја.

– Во овој момент подобро е да не му се дава премногу публицитет затоа што знаеме дека идентитетските прашања, доколку се дебатираат во јавност, водат кон непопустливост. Но Брисел и особено Берлин (кој има влијание врз Борисов), треба јасно да ѝ стават до знаење на бугарската влада дека ова е навистина глупава идеја и дека ЕУ нема да прифати да биде заложник на некои десничарски бугарски „патриоти“ и нивната чудна перцепција за „историската вистина“. Бугарија нема да добие многу пријатели доколку се обиде да ги киднапира преговорите со Македонија заради следење на својата македонска опсесија. Според него, со актуелните случувања, Бугарија покажува дека е можно една држава да го негира постоењето на една нација и нејзиниот јазик во соседна држава – објаснува професорот.
Според неговото толкување, Бугарија се обидува да изврши едноставно туркање на сопствениот националистички поглед на историјата и културата врз друга земја и нејзиниот народ.
– Тоа би било слично како Германија да им каже на Австријците дека се всушност Германци или Данска да ги нарекува Норвежаните аномалија бидејќи некогаш биле дел од заедничка империја, а нивниот стандарден јазик бил развиен подоцна од данскиот – вели професорот.

Актуелните случувања меѓу Македонија и Бугарија имаат индикатори и за внатреполитичка заднина во Софија, а сето е предизвикано од тамошните избори. Домашните експерти со кои се консултиравме укажуваат дека треба да се има и ова предвид.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски во своја оцена на случувања вели дека наметнатиот билатерален спор меѓу две држави не може да се решава на грбот на Европската Унија, особено во случајот меѓу Македонија и Бугарија. Според професорот, конкретните настани навестуваат дека Бугарија се обидува очигледно да го злоупотреби договорот за добрососедство со нашата земја, а сето тоа се врши поради неколку причини.
– Мораме да сме свесни дека живееме на Балканот и ваквите ирационални однесувања на државите се чести. Бугарија доколку навистина сака да нѐ блокира, немаше да го направи тоа сега и на ваков начин, туку преку институционални механизми на Унијата, кога ќе се оценува напредокот на Македонија во поглавјата. Одлуките во ЕУ, за жал, се носат колективно, па тука е и најголемата предност што ја има Бугарија врз нас. Дополнително, оваа балканска проблематика била присутна во овој процес меѓу земјите, а верувам и натаму ќе продолжи. Слични навестувања за вакви пречки може да има и соседна Србија од Хрватска, кога Белград ќе ги отвори соодветните преговори за членство – вели професорот.

Тој, на крајот од денот, вели дека властите во Софија не би требало да ја злоупотребуваат својата положба во Унијата, бидејќи сите се свесни на каков начин тие станаа членки во ЕУ. Сѐ потешко е веројатно дека ЕУ ќе ја проголта „запршката“ што Бугарија сака да ја подметне во ЕУ-рецептот и процедурата.
Поранешниот македонски амбасадор и доктор по политички науки Огнен Малевски е на иста линија со Давитковски и вели дека Бугарија врз однос на спорот меѓу двете земји на долг рок не може да предизвика сериозни пречки во процесот за наше пристапување кон Унијата.
– Бугарија во моментов седи сама или има многу мала поддршка во делот на развојот на билатералниот спор со Македонија. Оваа земја не е Грција и зад неа не стојат моќни сојузници што можат ова билатерално прашање да го развијат на мултилатерално ниво, како што тоа беше случајот со проблемот за името на нашата земја – вели Малевски.
Според дипломатот, од Бугарија можеме да очекуваме одредени краткорочни пречки на нашиот пат кон ЕУ во однос на развојот на настаните, но на долг план е невозможно да се развијат настаните како со сличниот спор што го имавме со Грција.
– Мислам дека сето во моментов е само за една употреба на проблемот поради бугарски внатрешнополитички случувања и ништо повеќе. Таму сега се одвиваат избори и токму затоа се злоупотребува сѐ – вели дипломатот.

Тој оценува и дека доколку дојде до промена на власт во соседството, во суштина нема многу да се променат политиките од овој тип на Софија, билатерално кон нас, бидејќи тоа е национална политика со одредени негативни тенденции кон Македонија.
Професорот по меѓународната соработка Зоран Ивановски вели дека апсурдноста на проблемот би требало да биде решена од Европската Унија под раководство со Германија.
– Дефинитивно надминувањето на апсурдноста на овој проблем меѓу Македонија и Бугарија би можел да послужи како пример во кој ЕУ директно ќе интервенира и ќе го надмине ова билатерално прашање не давајќи му унитарна димензија. Мислам дека ЕУ има во моментов политичка моќ за вакво дејствување и таа сега ќе го стори тоа, притоа отстранувајќи ги пречките од овој профил за нашето членство, за разлика од некои други времиња кога прашањата од ваков калибар ги решаваа други меѓународни сојузи или, пак, Вашингтон како главен меѓународен фактор – вели професорот Ивановски.

[email protected]