ГЕВГЕЛИЈА

Факт е дека во последните денови се зголемува бројот на новозаболени од ковид-19 и се влошува епидемиолошката состојба. Каква ќе биде понатамошната состојба, зависи од нас самите, бидејќи ние сме тие што се одговорни за сопственото и јавното здравје, смета градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков.
– Евидентно е дека одредени протоколи не се почитуваат, особено од страна на младите, без разлика што популацијата на заболени можат да опфатат и цели кластери – семејства. Сакам да апелирам до граѓаните, особено до младите сограѓани, да ги почитуваат протоколите и мерките – рече тој.
По една година искуство со пандемијата и кризата, со помош на вакцината сакаме да ставиме крај на ова зло и животот што побргу да го вратиме во нормала. Но повторно се враќаме на бројките кога имавме најмногу заболени во изминатиот период.
– Уште еднаш апелирам до помладата популација за доследно почитување на мерките, за негрупирање за време на викенд, во кафулиња, излетнички места и сл. Знаеме дека младите се позитивни, полни со енергија, меѓутоа сето тоа за време на пандемијата носи одговорност. Влијае врз отвореноста на границите и последиците во локалниот економски развој. Од епидемиолошката слика, поточно oд тоа колку малку имаме новозаболени, толку побрзо ќе се вратиме во нормала, а тоа значи и враќање на економскиот развој на Гевгелија во кондиција – истакна Поцков, нагласувајќи дека во зависност од натамошната слика во општината ќе зависат и наредните мерки, односно дали ќе биде свикан општински штаб за заштита и спасување.