Неодамна странски амбасадор во нашата земја предупреди дека ниту преговорите ниту нивното членство во ЕУ не придонесоа да се променат нештата во некои од државите-членки. Ова е затоа што, и покрај реформите, нивниот систем останува блокиран од политичките партии, како и од десетина семејства што го држат во заложништво економскиот систем. Такви земји не сакаме повеќе да прифатиме во ЕУ, предупреди амбасадорот. Но дали и колку проблемот со непотизмот и третирањето на политиката како семеен бизнис има пуштено корени и кај нас

Дали балканските држави, но и европските, имаат проблем со практикувањето и третирањето на политиката како своевиден семеен бизнис. Оваа дилема отсекогаш е присутна во домашната и регионалната јавност, но повторно стана актуелна по изјавата на францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние, кој истакна дека Унијата повеќе не треба да прима земји што се заложници на политички партии или на десетина семејства. На што точно мислеше Тимоние и за кои партии и семејства се работи, не е јасно, но индикативно е тоа што ваквата негова изјава беше дадена пред да го блокира Франција доделувањето датум на Македонија за почнување преговори со ЕУ.
Дека изјавата има поширок контекст и се однесува и на земји што се веќе членки на ЕУ станува појасно во натамошниот тек на интервјуто на Тимоние за порталот „Порталб“.
– Може да кажеме дека членството на некои земји би можело да биде поефикасно. Ниту преговорите ниту нивното членство во ЕУ не придонесоа да се променат нештата во нив. Ова е затоа што, и покрај реформите, нивниот систем останува блокиран од политичките партии, како и од десетина семејства што во заложништво го држат економскиот систем. Такви земји не сакаме повеќе да прифатиме во ЕУ – нагласи Тимоние.

Во контекст на актуелните случувања и дилеми за владеењето на политичките династии на овие простори, вклучувајќи и во земјава, и колку ваквите појави се добри или лоши за една држава, експертите велат дека непотизмот и семејната политика не се македонска измислица. Според нив, партиската доминација на фамилии и роднински врски во раководењето на една држава е појава што не е ретка и низ Европа, но и другите развиени демократии. Поранешниот амбасадор и дипломат Ристо Никовски вели дека не треба да одиме подалеку од Балканот за да увидиме дека оваа практика е широкораспространета.

– Најновата изјава на францускиот амбасадор претставува мал пресврт, бидејќи до неодамна зборуваше многу оптимистички во врска со нашиот датум. Очигледно е дека од Париз доаѓаат недефинирани вести, во кои нема многу оптимизам. Што се однесува до проблемот на партиска доминација и на десетина фамилии или компании, тоа е чест случај во светот, а дека такво нешто има и во Македонија воопшто не треба да нѐ зачудува. Да не одиме подалеку, во САД ги имавме Кенедиеви, ги имавме династијата Буш, Клинтонови, така што, ако сме поблиску, тука е Грција, каде што неколку фамилии владеат речиси веќе цел век. Ципрас и Трамп се некакви исклучоци, така што аргументот на францускиот амбасадор не е ништо ново и само се користи за да го намали или да го спречи нашиот оптимизам за преговорите – вели Никовски.
Во меѓувреме на оваа тема „Политико“ пишува дека грчката политичка сцена, слично како други во светот, е проткаена со многу семејни династии. Уште од крајот на воената хунта, на челото на власта во земјата се менуваа неколку политички семејства. Магазинот наведува дека Кирјакос Мицотакис е член на едно од двете најважни семејства во Нова демократија. Неговиот татко Константинос Мицотакис беше премиер на Грција на почетокот на 1990-тите години. Неговата сестра Дора Бакојани е поранешна министерка за надворешни работи и поранешна градоначалничка на Атина. Нејзиниот син Костас Бакојани беше еден од кандидатите за градоначалник на главниот град.

– Останувањето на власт на политички династии, секако, е поврзано со старомодната структура и организација на грчките политички партии. Тие сѐ уште функционираат по принципот на олигархија, традиционални се, недемократски и ексклузивни – наведува магазинот во својата анализа на оваа тема.

Семејните врски и вработувања во Владата не се новина ниту за поширока Европа ниту, пак, за Португалија. Според португалскиот весник „Жорнал економико“, 27 луѓе што се семејно поврзани еден со друг, или со високи претставници на Социјалистичката партија што беше на власт во земјата, се вработени или биле вработени во јавни институции во времето додека премиерот Антонио Коста бил на власт.
Иако претходно во Португалија имаше индиции дека постојат непотизам и семејни вработувања во власта, изминатиов период медиумите во земјата успеаја да откријат и нови вакви случаи. Како што информира периодов весникот „Кориеро да Мања“, државниот секретар Кордеиро, откако ја вработил сопругата на министерот за инфраструктура како шефица на неговиот кабинет, сега вработил и син на пратеник од неговата Социјалистичка партија како негов советник. Според весникот, семејната политика во Португалија и владеењето на династиите во земјата се длабоко вкоренети. Останува да видиме како една земја-членка на ЕУ ќе се справи со непотизмот и семејната политика, кои, наводно, според португалските медиуми, се всадени во повеќе нивоа на државните институции.

Од друга страна, на истава тема во текст на познатиот колумнист Франк Бруни во „Волстрит журнал“ се наведува дека Американците се изморени од политички династии и од политичари што планираат да ја работат својата работа како и претходно, без нови идеи и креативност.
„Њујорк тајмс“, пак, пишува дека поранешната американска прва дама Хилари Клинтон не била најсоодветната кандидатка од редовите на Демократската партија на претседателските избори во 2016 година, но политиката на владеењето на династии во земјата го направила своето.

За состојбите во нашата држава и поврзаноста на практикувањето на политиката со роднинските и семејните релации исто така има редица примери во сиве изминати години од прогласување на независноста на држава. Во таа насока многу често политичарите од една или од друга гарнитура, упатувајќи си критики едни кон други, ги употребуваат и термините фамилијата или семејството на власт. Колку се испреплетени непотизмот и семејните релации во нашите државни институции говорат и извештаите на невладините организации. Ќерки, снаи, сестри, братучеди, цели фамилии на функционери, политичари и судии ги имаат преплавено македонските институции. Таа гангренозна инфекција не е од сега, туку е присутна со години. Системот е така поставен и со години се градел без разлика кој бил на власт- вели Слаѓана Тасева, претседателка на Транспаренси интернешнел Македонија.
Токму оваа организација деновиве ги објави и резултатите од анализата на легислативата за вработувањата во јавниот сектор.

– Во системот имаме пропусти. Во законите дури се внимавало да се остави простор за оние што се на власт. Постои длабок системски проблем што довел до тоа овие проблеми, прво вградени во два системски закони, понатаму да се провлечат и во другите закони – нагласува Тасева.

[email protected].