Фото: Игор Бансколиев

Воведување измени на Изборниот законик откако се распишани изборите е аргумент повеќе што не оди на контото на демократските стандарди за одржување фер избори. Освен ако не станува збор за технички измени, секоја суштинска промена на Изборниот законик (како што е предлогот за одредување изборен праг и отворени листи), во период кога веќе се распишани изборите, може да предизвика големи проблеми во спроведувањето на изборите. Конкретно, ДИК веќе го усвои роковникот на активностите за спроведување на изборите, па секоја суштинска измена на Изборниот законик би создала големи тешкотии за изборните органи. Тие тешкотии би биле уште поголеми доколку измените се случат во краток рок пред изборите

Краткиот рок пред изборите за измена на Изборниот законик создава притисок и на принципите за фер избори

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на 5 август ги распиша локалните избори и оттогаш и официјално течат роковите за подготовки и нивно одржување на 17 октомври. Државната изборна комисија (ДИК) веќе ги утврди роковите на активностите, а Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека ги доставило податоците на граѓаните до ДИК, вклучувајќи и отпечатоците од прсти, во законскиот рок од 48 часа по распишување на локалните избори, предвиден во Изборниот законик…

Временски теснец за усвојувањето на измените на Изборниот законик

Иако активностите за одржување на локалните избори се започнати, ситуацијата во однос на законската регулатива за нивно спроведување е оставена во специфична состојба. Имено, собраниската процедура за усвојување на предлог-измените на Изборниот законик застана кога пратениците заминаа на годишен одмор, на крајот од минатиот месец. Со оглед дека одморот на пратениците трае до крајот на август, (а Собранието нема да заседава за време на предизборната кампања, која започнува дваесет дена пред денот на одржување на изборите), на усвојувањето на измените на Изборниот законик им се заканува извесен временски теснец. Од една страна, ваквата состојба ги наметнува прашањата дали политичката волја може да ги надмине предизвиците на временските рокови, но и колку време ќе остане до изборите за таквото усвојување на предложените измени на Изборниот законик со што ефективно ќе влезат во практика, во насока на подигнување на нивото на изборниот процес и зголемување на демократските можности за избор на граѓаните.
– Од она што досега го имаме видено во Собранието, може да се изведе претпоставката дека нема нешто што не може да се изведе и усвои, ако тоа е од голем интерес за партиите, особено големите, без оглед на временските рокови и законските процедури. Колку таквите измени на Изборниот законик ќе придонесат за пофер и подемократски изборен процес сѐ уште не можеме да знаеме, зашто сѐ уште се неизвесни условите за кандидирање кандидати за независните листи и од помалите партии. Во суштина, за правење измени на Изборен законик треба да се следат препораките на ОБСЕ/ОДИХР, кои препорачуваат такви дејства за измени на изборната регулатива да не се прават шест месеци пред избори. Така што секое решение, протуркано на сила, во период непосредно пред одржување на изборите, без транспарентност, воопшто не оди во прилог на зголемување на довербата за фер изборен процес и подобрување на демократската перцепција кај граѓаните – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.
Собраниската процедура за усвојување на измените на Изборниот законик е блокирана со амандмани, кои се однесуваат на членовите од предлогот со кои се предвидува праг за собирање потписи за независни кандидати од два отсто од регистрираните избирачи во општината, а проблематизиран е и предлогот за отворени листи со три отсто изборен праг. Пратениците од партијата Левица поднесоа 772 амандмани, со што законот е ефективно блокиран. Покрај претходно наведените спорни членови, тие сметаат дека делот со ограничување и воведување кривично дело за фејсбук-спонзорирање е насочен спрема нив.

Претседателот нема да го потпише Изборниот законик ако биде
изгласан предлогот на текстот, каков што остана во собраниска процедура

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, изјави дека нема да го потпише Изборниот законик ако биде изгласан предлогот на текстот, каков што остана во собраниска процедура. Според него, најспорен е членот што предвидува дека мора да се соберат два отсто од потписите на гласачите во една општина за кандидирање на независна листа. Пендаровски смета дека на тој начин се оневозможува влез на други субјекти на политичката сцена, а и нема логика, бидејќи за кандидирање претседател на државата се потребни 10.000 потписи, а толку да треба и за кандидирање советници во Град Скопје.
Од Делегацијата на Европската Унија во Македонија се повикуваат на препораките и упатствата на Венецијанската комисија – и за бројот на потписи потребен за една независна листа да се најде на избирачкото ливче, и за периодот во кој треба да се менуваат изборните правила. Кодексот за добри практики на Венецијанската комисија, на кој се повикуваат од Делегацијата на ЕУ, вели дека изборната регулатива, особено нејзините основни елементи, не треба да се отвораат најмалку една година пред избори, додека собирањето потписи за независни кандидати и листи на избори го поставуваат на најмногу еден отсто од регистрираните гласачи во конкретната изборна единица.
Според Александар Новаковски, адвокат и поранешен претседател на ДИК, секаква измена на Изборниот законик, по распишување избори не е добра како предуслов за спроведување фер и демократски избори, со оглед на тоа што уште на почетокот се нарушени сите изборни стандарди и препораки на ОБСЕ/ОДИХР.
– И самото менување на Изборниот законик во рок што не ги почитува препораките на ОБСЕ и ОДИХР е доволно дискутабилен и уште пред одржувањето на изборите не оди во прилог на добрата оцена на овие институции. Но воведувањето измени на Изборниот законик откако се распишани изборите е аргумент повеќе за сомнеж во демократските стандарди за одржување фер избори. Освен ако не станува збор за технички измени, секоја суштинска промена на Изборниот законик (како што е предлогот за одредување изборен праг и отворени листи), во период кога веќе се распишани изборите, може да предизвика големи проблеми во спроведувањето на изборите. Конкретно, ДИК веќе го усвои роковникот на активностите за спроведување на изборите, па секоја суштинска измена на Изборниот законик би создала големи тешкотии за изборните органи.

Тие тешкотии би биле уште поголеми доколку измените се случат во краток рок пред изборите. Понатаму, воведување изборен праг на локални избори, треба да се направи по широка дебата и со собраниски консензус, а не со договор на политичките партии. Колку повеќе се скратува времето до одржувањето на изборите, толку повеќе се зголемуваат аргументите против менување на Изборниот законик – вели Александар Новаковски, поранешен претседател на ДИК.
Новаковски препорачува за претстојните локални избори, ДИК да се фокусира на имплементација на читачите на отпечатоците од прсти на граѓаните, односно на обука за нивна примена на членовите на изборните одбори, со оглед што првпат ќе се применуваат во изборен процес за идентификација на гласачите. Според него, колку и да биле досега технички добро спроведени изборите, секогаш имало забелешки од ОБСЕ/ОДИХР во однос на подобрување на изборната регулатива. Измените на Изборниот законик во време на веќе распишани избори оставаат аргументи за повторување на забелешките.