Додека Бугарија со притисоци и закани ја уценува и блокира Македонија и бара да се заборави нејзиното фашистичко минато, внатре во самата Бугарија на јавна сцена одново се појавуваат нови ’ркулци на фашизмот на старите бугарски корени на оваа погубна идеологија. Така, викендов во Софија беше организиран марш со нацистичко-фашистичка иконографија и чествување ликови од нивната историја со нескриена фашистичка идеологија. Улогата на Бугарија во минатото и симпатиите кон „новиот поредок“ на Третиот рајх не се никаква тајна, но зошто денес ЕУ молчи на ваквите појави во нејзина земја-членка

КОГА ИСТОРИСКИТЕ ГРЕВОВИ ОД МИНАТОТО СЕ ЗАКАНУВААТ СО ПОВТОРУВАЊЕ ВО СЕГАШНОСТА

Речиси во ист ден додека бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, којзнае по кој пат преку бугарските медиуми им порачуваше на македонските политичари дека основата на проблемот поради кој ставија вето на македонските евроинтеграции е „воспитувањето генерации (во Македонија) со омраза кон Бугарија и Бугарите“, низ улиците на Софија започна (па беше прекинат) т.н. таканаречениот Луков марш, кој го организираат различни националистички фракции во спомен на контроверзниот генерал Христо Луков. Кратко време откако почитувачите на Луков т.е. учесниците на маршот се собраа во саботата, на 13 февруари во центарот на Софија на марш со факли, градоначалничката на главниот бугарски град, Јорданка Фандакова, издаде наредба за забрана на собирот. Бугарските медиуми известуваат дека полицијата ги разделила насобраните во помали групи. Според наредбата од градоначалничката, тие не можат, како што планираа, да маршираат низ Софија, туку само да се соберат пред куќата во која живеел Луков и таму да положат цвеќе. По интервенцијата на полицијата, како што јавува Бугарската национална телевизија, насобраните во помали групи се упатиле кон куќата во која живеел генералот.

Инаку, настанот Луков марш е познат во Бугарија како парада на националистички организации. Минатата година не се одржа поради забраната од Град Софија, донесена врз основа на одлуката на Врховниот административен суд. Организаторите на настанот, Бугарскиот национален сојуз, потоа ја обжалија одлуката на Град Софија и таа падна пред судските власти. Инаку, овој настан се одржува од 2004 година, секоја година, а исклучок беше само минатата година.
Контроверзниот бугарски генерал Луков, во чие сеќавање се одржува овој своевиден неонацистички марш во земја-членка на ЕУ, бил министер за одбрана на Бугарија од 1935 до 1938 година, по што ја напушта Владата и во текот на 1940 г. се приклучува до Сојузот на бугарските национални легии, каде што набрзо станува нивни лидер.
– За време на Втората светска војна организацијата изразува симпатии кон „новиот поредок“ на Третиот рајх и сосема отворено се восхитува на националсоцијализмот. Таа дури собира и бугарски доброволци за учество во африканскиот корпус на Вермахтот во Либија. Во годините на Втората светска војна, Сојузот на бугарските национални легии е во опозиција на власта на царот Борис Трети и владата на Богдан Филов бидејќи смета дека официјалната државна политика не е доволно националистичка и дека не соработува доволно со Третиот рајх – пишува за идеологијата и активностите на генералот Христо Луков, бугарскиот историчар Стефан Дечев.
Луков е убиен во 1943 година од комунистичка воена група од заседа што, според бугарските историчари, го поттикнува создавањето култ кон него во легионерското движење и во крајните националистичките средини што имаат симпатии кон Третиот рајх и се противници и на болшевизмот и на западните демократии…

Бугарија бара од Македонија да биде заборавено нејзиното фашистичко минато

Честите забелешки, па дури и обвинувања на бугарските политичари до Македонија се дека со тоа што на македонските споменици од Втората светска војна, како и во учебниците по историја во образованието, периодот од 1941 до 1944 е означен како „бугарска фашистичка окупација“, што според нив е „воспитување генерации во Македонија со омраза спрема Бугарија“. Една од главните настојувања на бугарскиот дел од мешаната македонско-бугарска историска комисија, формирана според Договорот за добрососедство, е во македонските учебници по историја фашистичко-окупацискиот квалификатив да се замени со „администрирање“, па дури и да биде избришана од историјата улогата на таа „администрација“ во депортaцијата на македонските Евреи во логорот „Треблинка“. Додека од Македонија се бара да биде заборавено, дури и избришано, историското сеќавање за активното сојузништво на Бугарија со оската на Тројниот пакт, и окупацијата на дел од македонската територија во Втората светска војна, во 21 век се толерираат организација и спроведување марш со нацистичко-фашистичка иконографија и чествување ликови од нивната историја со нескриена фашистичка идеологија.
– Самиот факт што во денешното бугарско општество се дозволува да се организира марш со нацистички симболи, покажува каков е тамошниот однос кон нацизмот и фашизмот, односно дека не може да направи лустрација на таквото свое минато. Не може да се избрише фактот дека бугарската политичка елита во времето на Втората светска војна го прифатила нацизмот како метод за освојување туѓи територии. Тоа е запишано и во нивните историски документи, дека бугарското движење на отпорот се борело против монархофашистичката диктатура. Не може да се премине преку фактот дека бугарскиот цар Борис имаше потпишано указ за Закон за заштита на нацијата, како оној во Германија, врз чија основа беше спроведен холокаустот врз Евреите, и тоа уште пред Бугарија да влезе во Тројниот пакт – вели историчарот Тодор Чепреганов.

Обвинувајќи ги другите за омраза, омразата воскреснува на бугарска почва

Барањата на Бугарија да се избрише и заборави нејзиното фашистичко минато од македонските учебници, како еден од условите за отстранување на ветото за ЕУ, професорот Чепреганов го толкува како принуда за фалсификување на историјата, но и создавање предуслови за создавање сосема друга слика за тој историски период, т.е. за фашизмот и нацизмот, како во Македонија, но и во светската историја.
– Бугарија со истата матрица се обидува за последен пат, преку непринципиелна спрега на науката и политиката, да го реализира санстефанскиот сон и да ги направи Македонците Бугари. Низ историјата, Бугарија секогаш влегувала во сојузи за да го оствари својот сон, а сега сојузот што сака да го искористи е Европската Унија. Индикативно е што и во ЕУ знаат што се случува, но го толерираат таквото однесување на Бугарија, како што очигледно го толерираат и маршот со нацистички симболи во главен град на своја земја-членка, и тоа во Унија што е поставена на антифашистички темели – коментира професорот Чепреганов.

Македонскиот историчар предупредува дека Бугарија самата треба да се соочи и да го лустрира своето фашистичко минато, но и да се извини, како што тоа го има направено Австрија, дури во деведесеттите години на 20 век.
– Не може да се бега од историјата. Дури и да се обидете да го скриете и заборавите, дури и да ги принудувате и уценувате другите да заборават, кога духовите на злото маршираат повторно секоја година во сегашноста на вашите улици – историските грешки се закануваат со повторување. Бугарија не треба да се справува со некаква замислена омраза во Македонија, туку со омразата што маршира на нејзините улици – предупредува професорот Чепреганов.