Фото: Маја Јаневска-Илиева

ГРУЕВИЗАМ, ЗАЕВИЗАМ… И ДРУГИ „ИЗМИ“ КАКО НОВИ ТРЕНДОВИ ВО ПОЛИТИКАТА

Кои се симболиката, прагматиката и значењето на идентификувањето на одредени политики и процеси во државата, или нивното поврзување со името, односно со презимето на една личност или политичар, и додавањето на наставката „изам“, побаравме мислење од комуниколозите и од аналитичарите

Секоја политичка епоха или период на владеење на некоја гарнитура или коалиција се карактеризира со одредени политики и потези, кои јавноста ги прима, препознава и реагира на нив на различен начин, што најевидентно се покажува на избори. Но една појава што станува впечатлива за домашната, но и за меѓународната политичка сцена е именувањето и идентификувањето на одредени политики и процеси во државата со името, односно со презимето на само една личност или политичар.

Па, така, имаме примери нечиј стил на владеење да се окарактеризира како груевизам, заевизам, претходно бранковизам итн. Во светски рамки исто така ќе сретнете путинизам, трампизам, чавизам. Главно ваквите преименувања се користат најчесто во негативен контекст односно целта е да се оцрни владеење на споменатите личности на чие име или презиме се додава наставката „изам“. Која е симболиката и што значи идентификувањето на терминот „заевизам“ со „груевизам“ или „чавизам“ во Венецуела, кој е актуелен деновиве итн. Дали можеби со тоа се илустрира неприкосновеноста на лидерот во политиката и партијата, по примерот на султаните низ историјата или, пак, станува збор за нешто друго. Домашните политичари во нивните јавни настапи често ги користат овие термини и квалификации. Имено, професорката Гордана Силјановска, барајќи ја довербата од членството на ВМРО-ДПМНЕ за претседателски кандидат неодамна, во Струга, драматично од говорницата зборуваше за ,,заевизмот“. Таа рече дека ,,заевизмот“ не е само режим, туку оти тоа е веќе ментална матрица, а тоа значи – денес ќе кажам, утре ќе порекнам. Нејзиниот говор постојано беше прекинуван со аплаузи, кога зборуваше за ,,заевизмот“.

Од друга страна, вакви примери со употреба на оваа терминологија имавме и во минатото за време на владеењето на поранешниот премиер Никола Груевски. Сегашната власт, тогаш опозиција СДСМ, со години ја обвинуваше тогаш владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и го критикуваше начинот на нејзиното владеење, воспоставен од тогашниот премиер Груевски за авторитарен и режимски. Периодот кога тој беше на власт честопати се нарекуваше „груевизам“, што требаше да симболизира авторитарно однесување и заробена држава. Кои се симболиката и значењето на споменатите, но и сите други „изми“, побаравме мислење и од комуниколозите и од политичките аналитичари.

Во Македонија е евидентна неприкосновеноста на лидерот во политиката и партијата – Фото: Игор Бансколиев

Познавачите со кои се консултиравме за оваа тема, велат дека преку употребата на овие „политички“ именки се затскриени трикови за оцрнување во политиката. Во исто време коментираат дека многу е тенка линијата во денешните современи општества на Интернет и социјалните мрежи да се разграничи слободата за изразување од говорот со омраза. Тие истовремено апелираат до сите влијателни личности, политичари, институции и претставници на седмата сила да внимаваат што зборуваат и што пренесуваат во јавноста, оти, според нив, тоа што една личност може да го предизвика со својата изјава, стотина други лица потоа нема да можат да го исправат. Професорката по комуникологија од Меѓународниот балкански универзитет, Викторија Кафеџиска, апелирала до сите општествено влијателни личности да внимаваат што зборуваат и што пренесуваат во јавноста, оти тоа, според неа, во овие мигови е доста сериозна работа.

– Во случајов не можам да знам дали има затскриена порака во говорите на политичарите и употребувањето на овие термини „заевизам“ и „груевизам“. Особено сакам да верувам дека кај професорката Силјановска постои професорски урамнотежен говор. Меѓутоа кога зборуваме за „заевизам“ „груевизам“ или „чавизам“ обично се определува еден период на работата на една личност. Кај нас премиерот или претседателот на државата неретко ги идентификуваме со партијата. Дали бил „заевизам“ или „груевизам“ претпоставувам дека се говори за некој негативен период. Не можам со сигурност да тврдам дали е кажано со намера да се оцрни некој период, но дека тие се личности, кои во одреден период биле најистурени играчи во политиката со ова се сака да се отсликаат политиките токму на тие поединци. За едните се добри, а за другите се лоши. За оние што се на страната на доброто тие не викаат „заевизам“ туку за спротивните, кои сакаат да го нападнат неговото владеење. Сепак, сметам дека кога се говори за еден период без оглед кој бил премиер, треба да се води сметка на јазикот на оној што се употребува во јавноста бидејќи политичарите се следени од народот, а народот неретко може да процени и да оцени во која конотација се употребува оваа терминологија. Оттука сакам да истакнам дека обично историјата потврдува дали тие личности биле добри или лоши, останува времето да каже како ќе се именуваат, а не политичарите – завршува Кафеџиска.

Од друга страна, политикологот професор Жифко Андреевски вели дека употребата на ваквата терминологија кај политичарите обично се прави за да се даде некаков негативен предзнак за личноста што се споменува. – Убеден сум дека станува збор на механичко преземења на термини што се блиски до сталинизмот. Во минатото имаше сталинизам и сталинизација. И подоцна тоа како идеја во практика за демагогија почна да се презема насекаде. Таа се рашири и стигна и во Македонија и ја слушавме во времето на Бранко, Љубчо, а особено кај Груевски и денес во владеењето на Зоран Заев. По правило се смета како негативен предзнак – објаснува Андреевски. Според професорот, во Македонија, но и во соседството ниеден таков термин не е за нешто позитивно или прогресивно кажано.

– Во случајов се презимињата, груевизам, заевизам, каде што има елемент на повторување и овој елемент на кратка звучност е за кратко прифаќање кај народот. Тие се некакви основи на таквото прифаќање на сликата што се карактеризира за релативно низок облик на политичка борба кога се употребуваат таквите термини. Иако јавноста е моќен инструмент за идеи таа не е моќна за критичен момент да вреднува и да проценува во која конотација се споменуваат овие термини. Накратко кажано тоа е така бидејќи луѓето не сакаат да навлезат во суштинска и длабинска аргументирана расправа туку преку лепењето на овие етикети на личностите се сака да се оцрни или обратно обели нивната работа, која на крајот се сведува на манипулација врз народот и ништо повеќе – заклучува Андреевски. 


Чавизмот во Венецуела

Во меѓународни рамки доста споменуван неологизам е чавизмот, што се дефинира како левичарска политика базирана врз идеи, програми и стил на дејствување во политиката слично на поранешниот претседател на Венецуела Хуго Чавез. Подемот и развојот на чавизмот од историски рамки започнува од 1990-тите години и трае до смртта на Чавез во 2013 година. Неговиот наследник Николас Мадуро продолжува со практикување со чавистичките политики, кои наидуваат на осуда од меѓународната заедница, поради што земјата подолг период е во криза, а меѓународна поддршка го добива новиот самопрогласен претседател Хуан Гуаидо.