Фото: Игор Бансколиев

Наближувањето на националниот празник Илинден и можноста за спојување на три неработни дена, поврзана со искуството од претходните карантински празнувања годинава, кога бројките на новозаразени и починати беа контролирани и многу помали, наспроти сегашните високи бројки на новозаразени и починати, развива мислења во јавноста за опцијата за повторна примена на одредени рестриктивни мерки. Кој е ставот на стручната јавност

ВИСОКИТЕ БРОЈКИ НА НОВОЗАРАЗЕНИ И ПОЧИНАТИ ГО ВКЛУЧИЈА АЛАРМОТ

Политиката и вирусот и понатаму се двете доминантни теми во државата. Иако сме свесни дека вирусот е меѓу нас, а секојдневната статистика на новозаболени и починати драматично го потврдува тоа, не може да се одбегне впечатокот дека општествената перцепција и интерес се повеќе насочени кон политичките прашања и постизборните процеси и активности. Јавното разоткривање и законското процесирање на случајот со забавите во струмички ноќен клуб, каде што целосно биле игнорирани законските одредби за превенција и заштита од ширење на пандемијата, како да ја сепнаа сега веќе преодната техничка влада. Од друга страна, наближувањето на националниот празник Илинден и можноста за спојување на три неработни дена, поврзана со искуството од претходните карантински празнувања годинава, кога бројките на новозаразени и починати беа контролирани и многу помали, развива шпекулации во јавноста за опцијата за повторна примена на такви рестриктивни мерки.

Навистина министерот за здравство Венко Филипче во текот на изминатиот викенд порача „дека не можеме да живееме затворени, не може ниту една земја во светот да живее затворена“, но развојот на настаните со ширењето на пандемијата остава простор за понатамошни размислувања и шпекулации на темата нови рестриктивни мерки. Загриженоста е зголемена и откако универзитетот „Вашингтон“ од Сиетл направи проекција за Македонија за развојот на состојбите со ширење на пандемијата во земјава и предупреди дека треба да се воведат построги мерки во земјата. Според Институт за здравствени мерења и процени при универзитетот „Вашингтон“ од Сиетл, до 1 ноември во Македонија ќе починат 1.629 луѓе од ковид-19 ако продолжи олеснувањето на мерките за заштита.
И покрај ваквите предупредувања, министерот Филипче засега сѐ уште е на ставот дека единствена индиција што треба да покаже дали е потребна рестрикција за движењето се пополнетоста на болничките капацитети во ковид-центрите, кои, според министерот, се стабилни во бројките.

Комисијата за заразни болести, пак, најави дека во текот на наредните денови ќе разговара за евентуално намалување на работното време на кафулињата и рестораните, како мерка што би спречила понатамошно ширење на заразата. Комисијата не би препорачувала повторно ограничување на движењето, односно воведување полициски час, но по бурниот викенд со журки во дискотеки и ноќни клубови до изутрина, размислува да го ограничи работното време на ваквите субјекти.
И епидемиологот Драган Даниловски смета дека целосен карантин во претстојниот период не е препорачлив, но дека мора да се воведе ноќен полициски час.
– Граѓаните се веќе уморни од таквите мерки. Има полесен начин. Но мене нешто друго ме загрижува, а тоа се сликите и видеата што се споделуваат изминатите два дена од некој клуб во Струмица. Можно ли е да сме ние толку неодговорни?

Тоа не смее да се случува, тоа е едноставно недозволиво во услови на пандемија – вели Даниловски, кој исто така препорачува да се активира локалната самоуправа.
Даниловски препорачува градоначалниците преку своите општини да воведат редари што ќе се грижат за контрола врз придржувањето на мерките. Но наедно предупреди и дека бројките на новозаразени и починати од ковид-19 во наредните денови може да бидат и повисоки.
Во таков контекст се и очекувањата на членот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, кој изјави дека дури по изминати седум дена ќе биде јасно дали предвремените парламентарни избори влијаеле на зголемувањето на бројот на позитивни случаи на ковид-19 и на нови кластери во Македонија.

Покрај здравствените параметри, во процената на властите за воведување нови рестрикции не треба да се исклучи ниту влијанието на политичкиот постизборен момент, т.е. амбиентот на партиските (неформални) преговори за формирање парламентарно мнозинство и влада.
– Не верувам дека во наредниов постизборен период, техничката влада (која сѐ уште функционира додека не биде формирана нова политичка) ќе се одлучи за некои нови драстични рестриктивни мерки за ограничување на движењето. Во актуелниов амбиент во Македонија, тие би се доживеале како политички, а не како здравствени мерки. До формирањето на новата влада, колку и да трае тоа, работите на здравствен план ќе бидат оставени во лер, да градиме колективен имунитет.

Всушност, сите мерки и одредби, освен карантините и полицискиот час, се активни цело време и свеста за постоењето на ковид-19 постојано ни виси над глава. Ни, едноставно, фокусот на општествената перцепција со изборите веќе целосно се насочи кон политичките прашања. Така што сметам дека колку и да бараат епидемиолозите, во овој период нема да бидат воведени некои поригорозни ограничувања за здравствена заштита – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.