Расправата за избор на главен државен ревизор беше прекината од страна на претседателот на собраниската Комисија за прашања на избори и именувања, Илија Димовски, откако предлогот на функцијата да биде избран Адем Цури не доби мнозинство гласови.

Пратеникот од СДСМ Мухамед Зеќири за државен ревизор го предложи Адем Цури, додека пратеникот од ДУИ Ејуп Алими го предложи Насер Адеми, којшто досега ја извршуваше функцијата заменик државен ревизор.

За Адем Цури гласаа шест од 12 присутни членови на Комисијата, по што Димовски ја прекина расправата за оваа точка.

Тој ги повика политичките партии да изнајдат начин да се договорат за изборот на државниот ревизор.

Државниот завод за ревизија речиси две години е без главен ревизор, а мандатот на вршителот на должноста истече на 5 октомври.