Зошто корупцијата тешко се искоренува и кои се начините за искоренување на корупцијата во Европа се двете прашања што им ги поставивме на тројца истакнати активисти и борци против корупцијата кај нас.

Ставовите на Слаѓана Тасева, Мане Колев и Вања Михајлова, за тоа зошто е толку тешко да се искорени корупцијата, се речиси исти. Велат дека нема волја ниту кај политичарите ниту кај народот за нејзино решавање.

– Причина за тоа што толку тешко се решава корупцијата во Македонија е тоа што во изминатиот период нема вистинска политичка волја за примена на законите и за имплементација, односно примена на законите онака како што се напишани, како и независна работа на институциите што треба да ја искоренат корупцијата. Живееме во заробена држава – смета Слаѓана Тасева, поранешна член на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Според неа, начините за искоренување на корупцијата во земјите од Европската Унија се идентични како и кај нас.

– И во Европа е потребна политичка волја за јакнење на институциите што треба да ја решат корупцијата. И таму гледаме зголемување на корумпираноста во државите-членки на Унијата. Некои од нив се посебно назначени за држави за кои треба да се води сметка кога станува збор за корупцијата – вели таа.

За поранешниот антикорупционер Мане Колев, корупцијата е присутна насекаде во светот, но тој процент споредбено со Македонија е многу мал.

– Ако постоеше одговор на прашањето како да се искорени и зошто е толку тешко да се искорени корупцијата, таа ќе се искоренеше. Причина за нејзиното постоење не се само политичарите туку и народот. Народот е тој што секогаш бара полесен начин да дојде до некакво богатство или, пак, да заврши некоја работа. Тоа што не може да се заврши со малку пари, може да се заврши со многу. Од разните предмети со кои се сретнав, насекаде заклучокот е тој. Нема земја каде што корупцијата е нула – вели Колев.

И според поранешната антикорупционерка Вања Михајлова, корупцијата тешко се искоренува поради тоа што нема силна политичка волја, која не треба да биде декларативна.

– Потребна е вистинска политичка волја, а не декларативна. Ние таква волја не гледаме, имаме слаби институции, а корупцијата се исплатува затоа што не се казнува – смета таа.

Според неа, во нордиските земји, како што се Финска и Данска, каде што степенот на корупција е минимален, корупцијата се казнува, затоа и таа е толку мала.

– Во земјите од Европската Унија, можеме да зборуваме за оние од Западна Европа, функционерите подлежат на одговорност. Тоа е градење култура за борба против корупцијата. Се учат децата уште во училиште, се водат кампањи против корупцијата.

За Романија и за Бугарија не можеме да зборуваме, бидејќи иако се долги години во ЕУ, сепак корупцијата е присутна во овие земји. Корупцијата се решава само со казнување на функционерите – вели таа. Д.Т.