Фото: Маја Јаневска-Илиева

Иако политичарите во Македонија секогаш истакнуваат дека земјата треба да направи сѐ за да ги вклучи младите во општествените процеси, да стекнуваат знаење, вештини и искуства за да бидат и носители на предизвиците наметнати на државата и граѓаните, тие сѐ помалку се вклучени во тие процеси. Македонските политички партии многу малку прават за да ги вклучат активно младите во процесите за носењето важни одлуки, туку сѐ повеќе ги ставаат во подредена улога на извршители, а не на креатори. Ова најмногу е воочливо ако се анализира текот на досегашната изборна кампања за претстојните локални избори, во која само 2,99 отсто од кандидатите за градоначалници се млади, односно по законската дефиниција на возраст од 18 до 29 години.

Само 12 отсто од носителите на советничките листи се млади лица

Според податоците на последното истражување на Националниот младински совет на Македонија, како претставничко тело на младите, односно на 52-те младинските организации членки, во конкретните избори само 12 проценти од носителите на советничките листи се млади лица, а целокупната застапеност на младите во сите советнички листи е 26 отсто.
Од друга страна, иако државата во моментов ги анализира податоците од актуелниот попис и сѐ уште во моментов не е утврден точниот број на отселени млади лица, британскиот угледен магазин „Економист“ ја стави Македонија на осмото место по одливот на мозоци, односно иселувањето на високообразовани и талентирани луѓе во светот.
Според последната анализа на фондацијата „Вестминстер“, речиси половина од програмите на политичките партии нудат многу малку или ниту една мерка за млади. Дополнително, во анализата се посочува дека „изборните програми малку се разликуваат по својата суштина, без разлика од која партија доаѓаат, областа или идеолошката гледна точка, што укажува на потенцијален простор за политичка соработка, во интерес на младите и нивната иднина во земјата“.
Во анализата заклучуваат дека во програмите на партиите „на младите им се придава пасивна улога, што е евидентно не само според начинот на артикулација на самите политики туку и според самата нивна природа“.

Поради принципот на „султан-партии“, по изборите младите брзо се заборавени

Политичките аналитичари и универзитетски професори велат дека политичките партии во своите кампањи секогаш се исполнети со млади лица и декларативни политики, но во суштина веднаш кога ќе завршат изборите, младите се забораваат. Тие истакнуваат дека повеќето партии не нудат прецизни решенија за најкрупните младински проблеми.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски во својот заклучок на состојбите вели дека во земјата има две причини зошто младите не се повеќе застапени во државните и партиските процеси за носење битни одлуки.
– Првата причина е што изминатиов период во земјава во сите партии, младинските разграноци на партиите, но и генерално младите симпатизери на партиите, не се целосно витални и активни во политичките и партиските случувања. Па, оттука многу е мал „базенот“ на млади лица што се во можност да бидат избор на одредена партија за одредена позиција во локалните избори. Втората и многу побитна причина зошто се состојбите такви се должи на фактот дека партиите се централизирани и функционираат врз принципот на „султан-партии“. Во вакви околности, младите исто така немаат можност да допрат со своите размислувања до „лидерот“ и токму затоа состојбите се такви какви што се. Дополнително, ова не е случај само со младите лица, голем број женски организации и разграноци на партиите исто така ја делат судбината со младите лица, бидејќи и тие не го наоѓаат своето заслужено место во состојбите. Исто така сакам да додадам дека во земјава во овој момент имаме и состојба каде што млади сами не сакаат да се вклучат во овие процеси на партиите, бидејќи својата иднина и можност за вработување не ги гледаат во нив – вели Арсовски.

Отсуство на партиски механизми за селекција, избор и обука на млад кадар

Универзитетскиот професор Оливер Андонов во својот осврт на случувањата вели дека партиите не создаваат доволно соодветен млад кадар, кој потоа може да биде внесен во процесот на носење битни одлуки и тоа е една од причините поради кои во моментов состојбата со младите и политиката е таква каква што е во Македонија.
– Партиите кај нас немаат партиски механизми да вршат релевантен избор на млад кадар, кој пред да биде донесен на одговорна партиска или државна позиција би бил соодветно поткован политички и образовно да дејствува внатре во системот – вели професорот.
Тој истакнува дека недостигот од соодветни алатки во македонските партии резултира со ваква слика како што имаме денес.
Според професорот, за споредба, во Европа, пак, развиените партиски тела вршат соодветен образовен процес на младите луѓе, кој подразбира практично потковување на кадрите за начинот на кој дејствува политиката во земјата.
– Па, кога ќе имате соодветно образован млад кадар, кој пред да биде кандидиран за градоначалник или советник веќе бил активен со високи резултати на некоја пониска позиција во партијата или во некоја политичка институција, тогаш е многу лесно да го поставите тоа младо лице како главен адут во некој изборна трка – вели тој.
Професорот истакнува дека кај нас имаме и спротивни нелогичности негативни случувања поврзани за младите лица во политиката, каде што некои младинци од „бебешки нозе“ се државни и партиски функционери и кои во суштина, освен комотниот функционерски живот, никогаш не биле активни во општеството и немаат буквално ниту еден ден.
– Оттука, во моментов ние во земјата на оваа тема имаме два негативни дела на паричката. Имено, во моментов имаме загрижувачка состојба, во која нема многу млади лица во трката за градоначалници, но истовремено имаме и мал број млади лица што никогаш ништо не работеле во животот освен што биле политичари. И двете крајности не се добри за демократијата во земјата и токму затоа тие треба да се променат во периодот што следува. Мој личен став е дека младо лице под 45 години не треба да е премиер на државата, а дури и претседателот треба да се избира многу подоцна во годините на политичарите отколку што сега е поставено со Уставот. Јас верувам дека искуството во животот е пресудно одредено лице да е способен политичар ,но истовремено и не треба да се тргне погледот од силата и енергијата што со себе во политиката ги носат младите кадри на партиите – вели Андонов.
Токму затоа Андонов резимира дека нам сега ни недостигаат вистинските алатки, за да им покажеме на младите дека партиите се грижат за нив, дека ќе ги стават во фокусот на својата работа во следниот мандат, а прва работа што треба да направат пред да ги номинираат е да ги потковаат и образоваат во своите системи и од нив да изградат млади способни кандидати.
– Токму затоа одговорноста на партиите е голема во овој процес и тие што поскоро треба да ги променат состојбите во практика ако сакаме некогаш да изградиме здрава и развиена демократска Македонија – вели Андонов.

[email protected]