Недоследноста и непринципиелноста на ЕУ уште еднаш излегоа на површина во екот на пандемијата на ковид-19, како претходно во однос на бегалската криза, прашањето за проширувањето, злоупотребата на правото на вето итн. Овој пат, во тој општ хаос и борба за вакцини, изневерени останаа земјите-кандидати, како што е и нашата земја, кои водејќи се по правилата на ЕУ и солидарноста со ЕУ-политиките, сега останаа и без вакцини, а изостана и помошта од Унијата

Ковид-кризата ги покажа сите слабости и лажни ветувања на Унијата

Дали ковид-кризата, која трае повеќе од една година, ги исфрли на површина сите структурни слабости на Европската Унија? Каде е солидарноста што беше темел на европското семејство? Општиот хаос со обезбедувањето вакцини, кој почна во јануари годинава, секој ден сѐ повеќе ја разнишува довербата и во самата ЕУ, но, што е поважно, и меѓу самите земји-членки.
Аналитичарите велат дека овој прв посериозен безбедносен предизвик со кој се соочи бриселската бирократска структура покажува дека ЕУ демонстрира огромна немоќ да ги консолидира пред сѐ своите редови и, наместо солидарност, демонстрира себичност на самите земји-членки.
Дополнително, во тој општ хаос и борба за вакцини, изневерени останаа земјите-кандидати, како што е и нашата земја, кои водејќи се по правилата на ЕУ и солидарноста со ЕУ-политиките, сега останаа без вакцини, а ја нема ниту помошта од Унијата.
Досега во земјава пристигнаа нешто над 8.000 дози на „Фајзер“, како донација од Србија, и 3.000 вакцини на „Спутник“. Иако беше најавено дека со последната пратка од Русија ќе почне имунизацијата на населението, засега со неа се вакцинираат само медицинските лица.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, во својата последна изјава посочи дека Европската Унија во моментов не е во можност директно да им донира вакцини против коронавирусот на посиромашните земји.
– Има доста голем притисок врз земјите-членки на ЕУ да набават вакцина за себе – рече таа.
Сепак, ја истакна финансиската поддршка на ЕУ за иницијативата „Ковакс“, обид на Светската здравствена организација (СЗО) да им овозможи на посиромашните земји пристап до вакцините.
– ЕУ инвестира 2,2 милијарди евра во оваа иницијатива. „Ковакс“ веќе испорача 30 милиони дози вакцини во 52 земји. Механизмот што му овозможува на ЕУ-блокот да споделува вакцини директно со другите земји нема да започне „сè додека немаме подобра состојба на производство во ЕУ“ – посочи Фон дер Лејен.
Претседателката на Комисијата агресивно водеше кампања за обезбедување вакцини за луѓе низ светот уште во пролетта 2020. Сепак, повеќето дози се даваат во богатите земји.

Балкански вакцинациски колонијализам

Политичкиот аналитичар Ристо Никовски вели дека Европската Унија се посрамотила на невиден начин во врска со вакцините и со тоа покажала дека не е способна да се справува со проблемите со кои се соочува.
– Ова не е првпат. Слично беше и со бегалската криза, а можеме слободно да кажеме дека уште полошо е кога се во прашање нејзините клучни политики, како што е проширувањето. Тоа е ситуацијата со која Македонија мора да се соочи – вели Никовски.
Според него, во однос на вакцините, и Македонија покажала комплетна неспособност.
– Досега требаше да се вакцинира добар дел од населението, ако надлежните беа свесни дека тоа е проблем што мора сами да го решаваат. Народот убаво рекол: помогни си, ако сакаш да ти помогнат и другите. Македонија мораше навреме да се консултира со повеќе други земји, соседни и подалечни, што треба да се прави за набавката на вакцините. Така ќе имаше информации што и како да се презема. И во тој случај немаше да бидеме доведени до оваа ситуација, односно на ова дереџе – додава тој.
Аналитичарот Петар Арсовски, пак, смета дека Европската Унија и во минатото покажувала структурни слабости и на други прашања, како што е на пример тоа што една земја може да блокира проширување на Унијата.

– Сега, со набавката и распределувањето на вакцините, само испливаа структурните проблеми на површина. Се покажа и дека во земјите, помеѓу ЕУ-солидарноста и националниот пиар, поважен им е националниот пиар. Истите земји што го заговараа механизмот „Ковакс“ преговараа и надвор од тој систем за набавка на вакцини – посочува Арсовски.
Тој смета дека земјата можеби требаше да направи нешто повеќе, зашто очигледно е дека ЕУ со својата рамнодушност тера своја геостратегија на Балканот.
– Ова што сега се случува на Балканот е вакцинациски колонијализам – додава тој.

Разлики меѓу земјите по пристапот до вакцини

Австрискиот канцелар Себастијан Курц пред извесно време излезе со изјава дека дистрибуцијата на вакцините против ковид-19 во рамките на Европската Унија не се спроведува врз принципот на популацијата на земјите, како и дека таквата ситуација доведува до нефер дистрибуција меѓу земјите.
– Забележани се разлики меѓу земјите во однос на пристапот до вакцините. Така, на пример, додека во Данска и Малта е спроведено поголемо вакцинирање, вакцинирањето во Бугарија и Летонија е помало. Во јуни на Малта ќе бидат дистрибуирани трипати повеќе дози вакцини по жител отколку во Бугарија – вели Курц.
Тој тврди дека оваа дистрибуција е спротивна на принципот на ЕУ за распределување на вакцините според индексирањето на населението и е во спротивност со политичката цел на Унијата.
Курц изјави дека Австрија не била негативно погодена од процесот на дистрибуција до денес, но дека е јасно оти некои земји се снабдени со многу помалку вакцини од другите.
Наведувајќи дека не ја обвинува ЕУ, истакна дека е потребна еднаква дистрибуција на вакцините за сите земји членки на Унијата правично да се вакцинираат до почетокот на летната сезона.


Србија прва во Европа по вакцинирани со две дози

Србија е најпозитивниот пример од земјите-кандидати за членство, но и меѓу самите членки на ЕУ, која успеа да обезбеди вакцини за своето население. Додека земјите од Западен Балкан сѐ уште ги чекаат првите дози, Србија има четири вакцини на располагање, со аплицирани над 2 милиони дози. Оваа политика на Србија сама да обезбедува вакцини, а не да чека на ЕУ, се покажа како исправна и корисна.