Фото: Игор Бансколиев

Дрвокрадците годишно пустошат околу 25-30 отсто од вкупната исечена дрвна маса, што резултира со загуба на околу десет милиони евра. Во согласност со обработените податоци со кои располага Секторот за заштита на шумите, од електронските извештаи за активноста на шумочуварската служба од 30 подружници во склопот на ЈП „Национални шуми“, во текот на минатата година се регистрирани 3.852 случаи на бесправна сеча, при што е исечена дрвна маса од 26.615 кубни метри. Според неофицијални податоци, таа бројка се движи од 300 до 400 илјади кубни метри

Македонија веќе долго време се соочува со проблемот на нелегалната сеча на шумите, што претставува трн во работата на шумската полиција и на ЈП „Национални шуми“. Дивата сеча најчесто е поттикната од лесната и брза заработка, во која дрвокрадците без дозвола го продаваат дрвото по пониска цена од продажната на огревното дрво, без да бидат пријавени од граѓаните. Дрвокрадците годишно пустошат околу 25-30 отсто од вкупната исечена дрвна маса, што резултира со загуба на околу десет милиони евра. Во согласност со обработените податоци со кои располага Секторот за заштита на шумите, од електронските извештаи за активноста на шумочуварската служба од 30 подружници во склопот на ЈП „Национални шуми“, во текот на минатата година се регистрирани 3.852 случаи на бесправна сеча, при што е исечена дрвна маса од 26.615 кубни метри. Според неофицијални податоци, таа бројка се движи од 300 до 400 илјади кубни метри.
Последиците од бесправната сеча се огромни. Покрај направената штета, се намалува општокорисната функција на шумата, трајно се нарушува екосистемот и намалена е нејзината заштитна функција, односно заштитата на земјиштето и објектите од ерозија, порои и поплави, а таканаречените бели дробови на Земјата страдаат, со што се создава рана што тешко и бавно зараснува.
– Пустошењето на шумите е уништување на природните ресурси, загадување на околината и нарушување на екосистемот, што силно влијае на климатските услови. Последиците не се само еколошки туку му се нанесува штета и на економскиот систем. Бесправните сечи и пустошењето на шумите се сериозен проблем, кој влијае на сите аспекти на општествениот живот – објаснува Марија Маринковиќ од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Пустошењето на шумите делумно е резултат на неповолната економска состојба на граѓаните. Сторителите ги користат нелегално исечените дрва за сопствено затоплување, како најевтин и лесно достапен ресурс, но мотив за вршење незаконска сеча е и стекнувањето корист, преку препродажба на огревно дрво по поевтина цена.
– Судиите изрекуваат казни што не се затворски, туку во најголем број случаи се парични или, пак, условна осуда. Со тоа, постои ризик кривичното дело да биде повторено, наспроти изрекување построга казна. Сторителите најчесто го сметаат за голема казна одземањето на средствата со кои го прават кривичното дело – додава Маринковиќ.
Граѓаните ја пријавуваат бесправната сеча, но само мал број од нив ги пријавува дивосечачите. Дивосечачите ретко се фаќаат на дело, а казните се премали и не ги обесхрабруваат сторителите да го повторат делото, па, така, се повторуваат и штетите. Некои од дивосечачите се однесуваат и насилно кон одговорните служби, а често употребуваат и оружје.
– Бројот на вработени во шумарскиот сектор е преголем, додека вработеноста на стручни кадри, како што се шумарските инженери и техничари, е премала. Преквалификација на дел од вработените, обука и опремување на шумската полиција може да ја подобри состојбата. На вработените не им е лесно, се соочуваат со добро организирани и вооружени групи, кои не се плашат да употребат оружје – објаснува професор Љупчо Несторовски од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг.
Од ЈП „Национални шуми“, пак, истакнуваат дека нема усогласеност на казнената политика за бесправните сечи помеѓу законите.

– Во согласност со Законот за прекршоци, прекршоците во областа на заштитата на здравјето на луѓето, заштитата на природните богатства и животната средина, заштитата на културното наследство, заштитата од природни и од други непогоди се казнуваат со глоба од 15 до 250 евра за физичко лице и од 15 до 500 евра во денарска противвредност за правно лице и овластено службено лице. Во согласност со Законот за шуми, глобите за горенаведените прекршоци се многу повисоки, што значи нема усогласеност на казнената политика за бесправните сечи помеѓу законите. Според Законот за шуми, глобата за палење отворен оган во шума изнесува од 2.500 до 3.000 евра за физичко лице и 20.000 евра за правно лице (сите казни се во денарска противвредност). Судот пресудува глоба во согласност со поолеснителниот законски пропис, додека за потпалување оган во шума при олеснителни околности, предизвикувачите честопати добиваат само опомена – објаснуваат од ЈП „Национални шуми“.
Од горенаведените податоци, очигледно е дека казнената политика во однос на пожарите и бесправната сеча е многу мала и несоодветна, па не ги обесхрабрува прекршителите, односно не придонесува за спречување на бесправните дејства во шумата.
– Казните се минимални, несоодветно се користат Законот за шуми и пропишаните казни во него од страна на судовите. Затоа се случува ист прекршител да биде фатен во незаконски активности во шума повеќепати во текот на годината. Граѓаните ретко пријавуваат дива сеча од две причини. Прво, можноста да се снабдат со евтино дрво, а второ, се плашат од организираните групи – истакнува Несторовски.

За подобра организираност на субјектите што вршат дејности во шумарството, како и заштита на шумите од пожари и од дива сеча, според Несторовски, потребни се подобра екипираност на шумската полиција, стимулација на луѓето да пријавуваат нелегални активности, драконски казни за извршителите и издигање на свеста кај населението за значењето и влијанието на шумите за нивната средина.
– За поуспешно справување со бесправната сеча е потребно да се спроведуваат координирани акции меѓу ЈПНШ, МВР и шумската полиција, да се воспостави целосно електронскиот систем за следење на дрвната маса, да се постави видеонадзор на шумските складови, државни и приватни, кои се занимаваат со трговија на шумски сортименти, а економските оператори што вршат превоз на дрвни сортименти да обезбедат ГПС-уреди во превозните средства со кои се превезува дрвна маса – велат од ЈП „Национални шуми“.
Се чини дека е потребно време за издигање на свеста на граѓаните за оваа состојба, додека профитот ќе остане водечка мотивација кај дивосечачите, кои не обрнуваат внимание на последиците и ефектот врз животната средина предизвикани од нивните криминални дејства.

[email protected]

Со овој текст, весникот „Нова Македонија“ се приклучува кон кампањата „Разбистри сѐ“ што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од британската амбасада во Скопје.