Ниту 25 години по атентатот врз поранешниот претседател на Македонија, Киро Глигоров, мотивите, нарачателите и извршителите на овој грозоморен чин, кој се случи во периодот во кој на повеќе нивоа и на повеќе места се случуваа процеси што, според многу нешта, беа решавачки за Македонија, не ѝ се познати на пошироката јавност. Глигоров, иако со тешки повреди, го преживеа атентатот, кој се случи на трети октомври 1995 година, на улицата Македонија, пред хотелот „Бристол“ во Скопје, но на местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден и неговиот телохранител Илчо Теовски. На повредите подоцна им подлегна и Ристо Хаџиманов, кој бил случаен минувач.
За контекстот, можните причини и последици од целиот настан, деновиве, за „Нова Македонија“ пишуваат тогашниот амбасадор во Грција Љупчо Арсовски, пензионираниот генерал и актуелен пратеник на Партијата на пензионерите Илија Николовски, дипломираниот криминалист и поранешен претседател на Форумот за безбедност Гоце Аризанкоски и тогашниот претседател на Собранието Стојан Андов. Нивните сеќавања, согледувања и сведоштва во врска со атентатот ги објавуваме во четири продолженија.

ДВАЕСЕТ И ПЕТ ГОДИНИ ОД грозоморниот НАПАД ВРЗ ПОРАНЕШНИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ КИРО ГЛИГОРОВ (2)

Пред десет години, по повод 15-годишнината од атентатот врз претседателот Киро Глигоров, во својство на претседател на здружението „Ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста на Македонија“, заедно со господинот Гоце Аризанковски, претседател на Форумот за безбедност, одлучивме да организираме научно-стручна дебата на тема „15 години од атентатот врз претседателот Киро Глигоров – мистерија или настан ад акта, за да дадеме свој придонес за демистификација и расветлување на едно од најголемите политички злосторства сторени во нашата земја, Балканот, а и пошироко.
За жал, и по 15 години од овој немил настан, не беше демистифициран и не беа откриени злосторниците. Токму поради тоа, сега, по 25 години, сакам да ја потсетиме македонската јавност на овој настан и да дадам свој придонес во поттикнувањето на надлежните органи овој случај да не се затвора, бидејќи атентатот е еден од најмрачните, мистериозни и контроверзни настани во поновата историја на Македонија.

Сѐ уште постои безбедносна и
општествена оправданост за
расветлување на случајот

Неуспешниот атентат врз првиот претседател на самостојна Република Македонија, покојниот господин Киро Глигоров, длабоко ја потресе македонската јавност, бидејќи тој беше со пресметани политички цели за дестабилизација на Република Македонија во моментот, кога по сите тешкотии македонскиот народ конечно го оствари својот вековен сон да има сопствена држава.
Но, за жал, и по 25 години од атентатот, македонските државни органи овој настан сѐ уште го водат како службено нерешен случај, а неговите извршители слободно шетаат. Од тие причини, македонската јавност има чуство дека овој настан намерно полека се заборава.
Токму затоа, ние, организаторите на трибината од пред десет години и група на поранешни политичари и интелектуалци, решивме и по 25 години од атентатот врз претседателот Глигоров, овој мрачен настан повторно да го актуализираме.
Ние, тогашните организатори, сѐ уште сметаме дека, и покрај тоа што за атентатот постои информациски дефицит, сѐ уште постои безбедносна и општествена оправданост од проучување на овој безбедносен проблем. Токму затоа, и по 25 години треба да се актуализира проблемот со атентатот како еден од најмрачните и најмистериозни настани во поновата политичка и безбедносна историја на нашата држава. Во тој контекст, сакаме, повторно, да ги охрабриме надлежните државни и политички органи за незаборавање на овој настан. Напротив, треба да се преземат потребни мерки и активности за расветлување и докажување на атентатот, како и, конечно, да се лоцираат неговите сторители.
При расветлувањето на овој настан не смее да се занемари факторот време, како и факторот простор, кога беше извршен атентатот, бидејќи сѐ уште, врз основа на тоа, хипотетички, може да се извлечат мотивите за атентатот.

Атентатот е долго планиран, добро организиран и професионално изведен

Едно е неспорно, атентатот е долго планиран, добро организиран и професионално изведен. Тоа беше период на дефинитивното зацврстување на позициите на нашата земја. На 17 септември 1995 година беше потпишана Привремената спогодба со Република Грција, а со тоа беа нормализирани и односите со таа земја. Од посебна важност за нас беше тргнувањето на блокадата од страна на Грција. Во тоа време Македонија имаше сосема јасна евроатлантска ориентација. Притоа имаше комплетен меѓупартиски и меѓуетнички консензус, за што голема заслуга имаше и претседателот Глигоров. Се вршеа интензивни подготовки за пристапување во Партнерството за мир. Но, за волја на вистината, во тоа време сѐ уште преку Македонија се кршеа санкциите на ООН кон СРЈ, за што Македонија беше под силен меѓународен притисок конечно да почнат да се почитуваат тие санкции, на што инсистираше претседателот Глигоров. Со тоа почнаа да се задаваат силни удари на веќе воспоставените криминални структури на двете страни од границата. Тоа воопшто не им одговараше на криминално-безбедносните структури на Балканот.

Хипотетички, покрај криминалната и политичка заднина на атентатот, кој и да стои зад тоа, недвосмислено и јасно е дека некој сакаше да ја скине главата на државата, да ја прекомпонира и преструктурира политичката екипа што владееше во тоа време, да се создаде хаос во државата и спроти Дејтон да бидеме составен дел на поделбата на Југославија

Во интерес на вистината, иако, освен СРЈ, сите наши соседи ја имаа признаено Република Македонија како држава, ниеден сосед не беше воодушевен од јасно поставениот пат на Македонија. Исто така, атентатот беше изведен непосредно пред потпишувањето на Дејтонскиот договор.
Од сето тоа, кај стручната јавност постои една хипотека дека целите и мотивите за атентатот се криминолошко-политички, односно преку инспираторите и организаторите и однесувањето на институцијата Претседател на Република Македонија, постоел радикален конфликт како пречка за остварување, односно реализирање на одредени цели. Хипотетички, покрај криминалната и политичка заднина на атентатот, кој и да стои зад тоа, недвосмислено и јасно е дека некој сакаше да ја скине главата на државата, да ја прекомпонира и преструктурира политичката екипа што владееше во тоа време, да се создаде хаос во државата и спроти Дејтон да бидеме составен дел на поделбата на Југославија.

Со оглед на тоа што, и по 25 години од атентатот врз претседателот Глигоров, постојат многу отворени и неразјаснети прашања од политиколошки, криминолошки, етиолошки и други прашања врзани за политичките, безбедносните и други општествени последици по нашата земја и регионот, и во оваа пригода сакам да ги поттикнам носителите на највисоките државни и безбедносни функции да не го заборават професионалниот кодекс на однесување и постапување и да не ја избегнуваат моралната и политичка одговорност во разоткривањето и расветлувањето на атентатот врз претседателот Глигоров.

По нерасветлениот атентат врз Глигоров, настрадаа Ѓинѓиќ и Трајковски

Да бидам искрен, лично очекував дека со демократизацијата на регионот, а особено со промените во Србија и со падот на режимот на Милошевиќ и со доаѓањето на демократските сили на власт во Србија, ќе се воспостави искрена регионална соработка во областа на безбедноста за борба против мафијата, организираниот криминал и тероризмот и дека во тие рамки на соработка ќе се расветли и атентатот врз претседателот Глигоров. Но, за жал, тоа не се случи, Но се случија атентатот врз премиерот Ѓинѓиќ и други неразјаснети убиства во регионот.
Во меѓувреме во Република Македонија се случува уште еден трагичен феномен, односно во авионска несреќа трагично погинува вториот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски. Со право се поставува прашањето дали не постои поврзаност на атентатите на Балканот и можност на постоење на систем на организирано и активно дезинформирање за атентатот со цел негово трајно нерасветлување.
На крајот, сакам уште еднаш да истакнам, и по 25 години од атентатот врз претседателот Глигоров, сакаме да го актуализираме прашањето за атентатот и да ги поттикнеме компетентните државни и безбедносни органи да преземат одредени мерки и активности да не се заборави овој трагичен настан.

Илија Николовски пензиониран генерал и актуелен пратеник

Продолжува

(Утре: Сеќавање на Гоце Аризанкоски,
дипломиран криминалист и поранешен
претседател на Форумот за безбедност)