Фото: Игор Бансколиев

Во Собранието на Република Македонија продолжува неизвесноста дали денеска ќе се гласа за предлогот за пристапување кон уставни измени или пак тоа ќе се случи во текот на следната недела.

Од кабинетот на претседателот на Собранието за МИА велат дека седницата ќе продолжи во 12 часот со расправата на помалку 20 пратеници пријавени за збор. На седницата е потврдено и присуството на премиерот Зоран Заев.

Пратеничката Соња Мираковска од НСДП денеска на прес-конференција уште еднаш ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да дојдат на гласањето за уставните измени и да се издигнат над партискиот став во интерес на евроинтеграциските процеси на Македонија.

Мираковска одговарајќи на новинарски прашања не кажа дали денеска ќе се гласаат уставните измени или тоа ќе се случи друг ден, ниту пак дали е обезбедено двотретинско мнозинство.

– Колегите во целиот период не се откажаа од ЕУ и НАТО. Очекуваме тоа да го покажат на дело, да излезат и да гласаат. Дали тоа ќе биде во текот на денешниот ден или претседателот на Собранието ќе донесе одлука тоа да биде друг ден, сепак, тоа ќе биде нешто што тој ќе го реши до крајот на денот. До крајот на расправата очекуваме уште 20 пратеници да го искористат деловничкото право за дискусија, рече Мираковска.

На прашањето дали се купува време за обезбедување двотретинско мнозинство, пратеничката од НСДП повтори дека денеска немора да се носи одлука и да се гласа и рече дека не гледа потреба „некој овде да купува време“.

– На гласањето ќе видиме дали имаме двотретинско мнозинство, а ние веруваме и очекуваме дека тоа ќе се случи, истакна Мираковска.

Според неа, доаѓањето на високиот американски претставник Метју Палмер во понеделник во Македонија не е притисок за обезбедување двотретинско мнозинство. Ние 120 луѓе во Собранието треба да донесеме одлука дали ќе гласаме, рече Мираковска.

Повикот до опозицијата да се приклучи кон гласањето за промена на Уставот со цел промена на уставното име и отворање на вратите на НАТО и на ЕУ го повтори и пратеничката од СДСМ, Јагода Шахпатска исто така на прес-конференцијиа во Собранието.

Пратеничките од владејачкото мнозинство Мираковска и Шахпатска на прес-конференциите информираа за завршената расправа на вчера започнатата 60. седница на Собранието за законите за отпишување на камата на долгови и за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во скратена постапка.

Овие закони претседателот на Собранието вчера најави дека ќе бидат гласани во среда на 24 октомври.

Запрашана дали тоа значи дека Собранието нема да биде распуштено до овој датум, Мираковска рече дека очекуваат на 24-ти да се гласаат законите за кои синоќа помина расправата на оваа седница, а кои не беа гласани поради немање кворум.