Неизвесни денови – две гласања до конечниот избор

Глигоров не учествуваше во преговорите меѓу партиите. Трпеливо чекаше што ќе се случува, но секогаш имаше вистински информации како се движат дијалозите. По изнесената идеја за претседател да биде предложен митрополитот Михаил и по дознавањето дека со тоа се согласиле Гошев и Андов, Глигоров ја загуби симпатијата кон Гошев, а кон Андов никогаш подоцна не покажа искрена доверба иако беа блиски по функција, дури и по службените кабинети во просториите на Собранието. Формалните и недоверливи односи со Андов се влечеа уште од белградскиот период на двајцата, кога и Стојан вршеше високи функции во сојузните органи на Југославија. И Петар Гошев плати висока цена. Краткото Гошево „предавство“ на Глигоров во корист на дедо Михаил беше еден од поводите само три-четири месеци подоцна Гошев да биде сменет од местото претседател на ССКМ-ПДП и на негово место да дојде Бранко Црвенковски. Која била улогата на „штипскиот клан“?

Фељтон: Изборот на Киро Глигоров за прв претседател на Републиката – триесет години подоцна (4)

На 19 јануари, ден Водици, како точка на дневниот ред на Собранието беше поставен предлогот Киро Глигоров да биде избран за претседател на Република Македонија. Се водеше жестока дискусија, во која предничеа пратениците на ВМРО, наведувајќи контроверзни делови од неговата кариера и служејќи се со непристоен и навредлив речник кон неговата личност. Како и на претходните состаноци на Комисијата за избори и именувања, така и на пленарната седница, покрај критиките и навредите, една од главните причини за несогласувањето беше прашањето дали како жител на Белград и државјанин на Србија има право на кандидатура. По долги натегања, предлогот беше ставен на гласање. Броењето на ливчињата (сѐ уште не беше почната ерата на дигитализација) покажа дека при гласањето Глигоров не го доби потребното мнозинство. По соопштувањето на резултатот, првин настана молк, па се слушна понекој аплауз, но, општо земено, завладеа збунетост од една страна, еуфорија од друга. Интересен е бројот на гласовите. За Глигоров гласаа 60 пратеници, што значи за него гласаа СКМ-ПДП, Сојузот на реформски сили, социјалистите, југословените и тројцата независни пратеници, таканаречениот лев блок. На 37 ливчиња, број што одговара на бројот на пратеници на ВМРО, името беше пречкртано, а на 23, бројот што одговара на бројот на пратеници на ПДП, немаше никаков знак. На ниту едно ливче не пишуваше против.

Веднаш по овој епилог во јавноста нагрна лавина од реакции. Со поддршка за Глигоров се јавуваа малите политички партии, институции, големите стопански организации, општини, видни поединци од сите сфери на животот, разочарани граѓани. По завршувањето на седницата на Собранието со Снежана (Жана) Османли, активна, млада и мудра советничка, која веќе беше блиска до Глигоров, се договоривме во „Нова Македонија“ и во „Вечер“ да ги проследуваме повеќето обраќања од граѓаните и „Нова Македонија“ да се појави со коментари во кои се бара повторно гласање, бидејќи тоа го бараат мнозинството граѓани. Кон тој приод, во помал обем, се приклучи и Македонската телевизија. Во два-три дена беше поведена масовна јавна кампања во корист на Глигоров, а против ВМРО. Таа кампања даде резултат.

Зошто се премисли ВМРО-ДПМНЕ?

Не можејќи да го издржи притисокот, гледајќи ја неверојатната поддршка, раководството на ВМРО се премисли. На 22 јануари осамна изненадувачка вест. Имено, Централниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ испрати соопштение до јавноста во кое се соопштува дека му се дава целосна поддршка на Глигоров. Тоа беше вистински пресврт. Во образложението на партијата се наведува дека секакво натамошно продлабочување на недоразбирањата меѓу партиите го доведува во прашање нормалното социјално, економско, политичко и културно опстојување на македонскиот народ и сите жители на македонската држава.
Но, сепак, пресвртот не бидна случајно. Тој беше плод на нов договор меѓу партиите. Согласноста со таквиот предлог го промени првичниот договор, според кој претседател на државата требаше да даде ВМРО како партија со најголем број пратеници, СКМ-ПДП претседател на владата, во името на Петар Гошев, а Собранието да го води претседателот на Сојузот на реформски сили, Стојан Андов. Промената што се направи беше таа што функцијата претседател на владата гарантирано да ја добие ВМРО (подоцна избран Никола Кљусев) и како дополнителна компензација да се воведе функцијата потпретседател на претседателот, место што се бараше и на кое дојде нејзиниот лидер Љупчо Георгиевски. По тој договор, Стојан Андов свика нова седница на Собранието. Киро Глигоров за претседател на Република Македонија официјално беше избран на 27 јануари. На истата седница на дневен ред беше и предлогот за Љупчо Георгиевски, но не го доби потребниот број гласови. И тоа гласање беше повторено, вториот пат успешно. Георгиевски таа функција не ја вршеше долго, самиот даде оставка.

„Предавството“ од Петар Гошев и од Стојан Андов и улогата на штипскиот клан

Во овој контекст неизбежно е да се спомене дека во сите тие преговарања, договарања, премислувања, предлагања, Глигоров не учествуваше. Тој трпеливо чекаше што ќе се случува, но секогаш имаше вистински информации како се движат дијалозите. По изнесената идеја за претседател да биде предложен митрополитот Михаил и по дознавањето дека со тоа се согласиле Гошев и Андов, Глигоров ја загуби симпатијата кон Гошев, а кон Андов никогаш не покажа искрена доверба иако беа блиски по функција, дури и по службените кабинети во просториите на Собранието. Формалните и недоверливи односи со Андов се влечеа уште од белградскиот период на двајцата, кога и Стојан вршеше високи функции во сојузните органи на Југославија. И Петар Гошев плати висока цена. Краткото „предавство“ на Глигоров во корист на дедо Михаил беше еден од поводите само три-четири месеци подоцна Гошев да биде сменет од местото претседател на ССКМ-ПДП и на негово место да дојде Бранко Црвенковски, со сменето име на партијата – Социјалдемократски сојуз на Македонија.
Зад изборот и зад кулисите за дадената согласност од страна на ВМРО-ДПМНЕ е исплетена и друга приказна, најверојатно точна и веродостојна. Имено, познато е дека таа партија, во тоа време, не ги поднесуваше поранешните југословенски кадри од Македонија, дека меѓу најголемите непријатели на Македонија и на македонскиот народ ги вбројуваше Србите и Србија. Од тој став произлегуваа жестоките критики упатувани и лепените етикети на адреса на Глигоров, на Андов, на Тупурковски и на други политичари од белградската „Титова“ школа.

Улогата на штипскиот клан

Глигоров, со сета своја итрина, смиреност и ладнокрвност, тоа го примаше како нормална манифестација на фрустрација, која мора да достигне врв, а потоа да спласне. Така го прими и првото неуспешно гласање, убеден дека ќе ја постигне целта, но овој пат ако побара помош од другата страна. Се обрати до штипскиот клан на ВМРО-ДПМНЕ, кој го сочинуваа стари вмровци, некои судени за Македонија, некои на не мали позиции во социјалистичка Македонија. Со нив, познавајќи се и дружејќи се како штипјани, ги евоцираше спомените од младоста, кога биле блиски по македонската кауза за обединета Македонија. Она што Темпо му го замеруваше цел живот, во овој случај му се покажа како предност, како адут штипските вмровци да ги убедат Георгиевски и раководството на партијата да го прифатат да биде претседател на државата. Исто така не е непознато дека во периодот на основањето и изборната кампања партијата повикуваше на обединета Македонија, како што не е тајна дека еден дел од нејзиното пошироко раководство беше во тесни врски со УДБА, односно со македонските безбедносни служби.

Конечно кон самостојна Република Македонија

Во својот прв инаугуративен говор Глигоров, умешно варирајќи меѓу Југославија и Македонија, во суштина ја најавува насоката по која ќе се движи Македонија, односно дека ќе го одбере патот на самостојна, суверена и независна држава. Тој ќе го истакне тоа на неколку места од говорот, наведувајќи дека расте свеста дека е можно конституирањето на суверена Македонија, дека можеме да изградиме суверена и модерна правна држава, способна да донесува најсудбоносни одлуки за иднината на македонскиот народ, за враќање на неговото достоинството. Да бидеме свои на своето. Да бидеме широко отворени кон светот како целосно независен, рамноправен и творечки субјект, така беседеше Глигоров во првиот говор пред пратениците на првото повеќепартиско Собрание на Македонија и пред нејзините граѓани во директен телевизиски пренос. Претседателот уште од првите моменти на стапување на должноста ја поврзуваше долгата историја на македонскиот народ, го сметаше Гоце Делчев за темелот на македонската национална борба, а македонскиот идентитет засекогаш бетониран во свеста на Македонците.

Два дена подоцна Глигоров го даде и првото интервју во својство на претседател на државата за весникот „Нова Македонија“. Остана запаметен насловот „Македонија е сѐ што имаме“, што стана негово политичко кредо изречена во неговиот инаугуративен говор во Собранието. Во тоа интервју ја искажа тенденцијата за интегрирање на Македонија во Европската заедница, се залагаше за владеење на разумот во општата вжештена контроверзна политичка атмосфера во Југославија и Македонија, на народот да му се кажува вистината и дека дијалогот не може да се замени со друга алатка. На тие основи, набрзо Глигоров ќе стане речиси најголемиот авторитет во Македонија. Со сите негови пропусти, грешки, задоцнети одлуки и колебливости, добивајќи го и прекарот Стариот Лисец, сепак ќе остане забележан во македонската историја како првиот претседател на независна Република Македонија. Освен тој историски факт, Глигоров ќе се памети и како заслужен што земјата ја спаси од југословенска војна и од можните сериозни крвави внатрешномакедонски инциденти што беа најавувани, а спречени со разумните одлуки на првиот претседател. Неговото место во македонската историја, кое сигурно и натаму ќе биде предмет на истражување и критичко оценување од подалечна дистанца, секако дека е неизбришливо.

* * *
Појаснение до читателите! Овој фељтон немаше намера да дава историски оцени за владеењето на Глигоров, освен неколку реченици, кои се мое лично убедување. Таквиот пристап е друга тема. Во четирите објавени текстови, во најголем дел се користени и објавени познати но подзаборавени факти. Некои сеќавања и некои послободни мислења што се изнесени се лично мои, така како што сум ги доживеал и видел. На крајот, сакам да кажам дека искрено жалам што актуелната власт, претседателот на државата, претседателот на Собранието, претседателот на Владата и партијата СДСМ, каде што Глигоров почесно ја носеше книшката со број 1, не најдоа за сходно со ниту еден збор, а камоли со чест и признание, да ги одбележат историските датуми за независна Република Македонија што се случуваа во 1990 и 1991 година.

(крај)

[email protected]