Карикатура „Нова Македонија“

Академик Катица Ќулавкова во остра писмена реакција во однос на последните настани и спорот со Грција вели дека име на држава не се менува ако државата е веќе формирана и стабилна, туку се менува кога се трансформира во некоја друга држава со друг идентитет, режимски, структурен или конституционален. Правото на самоопределување е суверено и никој не смее ни да помисли да го одземе, укине или негира. Во личната карта на ОН, Република Македонија е заведена и признаена од околу 140 држави, и тоа не смее да биде предмет на промена

„Нова Македонија“ како медиум и со својата уредувачка политика со години е на браникот на националните интереси на македонскиот народ и континуирано се залага за заштита и одбрана на нашиот идентитет, интегритет, име, Устав и сето она што значи идентитетско обележје на еден народ. Овие позиции и денес и веќе со години секогаш јасно и гласно ги истакнуваме

Во домашната експертска јавност не стивнуваат реакциите по последната рунда разговори меѓу Македонија и Грција во Софија и во пресрет на новата најавена средба на министрите за надворешни работи на 24-25 мај во САД.
И додека средбите и разговорите добиваат интензитет, домашната експертска и стручна јавност е едногласна во впечатокот дека преку преговарачкиот процес Грција практично од ден на ден, од година на година, сѐ повеќе и повеќе ја подигнува летвичката на своите уцени и апсурдни барања со крајна и единствена цел, целосно уништување и негација на македонскиот супстрат. Со своите безумни барања Атина уште одамна излезе од мандатот на ОН, со кој се предвидуваше двете земји билатерално да се договорат единствено околу разликите што Грција ги има за нашето уставно име. Со други зборови, тоа значи дека само со Грција требаше да се пронајде решение, а имено како таа ќе ни се обраќа во меѓународната комуникација. Но апетитите и целта на Атина стануваат сѐ потранспарентни. Сега веќе од авион се гледа дека амбициите на другата страна се сосема поинакви, мегаломански, а низ преговарачкиот процес таа ултимативно и крајно сака да постигне целосно разнебитување и негација на македонскиот идентитет, јазик, историја и национален код.

Во пресрет на новата рунда разговори со посредство на Нимиц во САД, и во однос на најновиот развој на настаните, нашиот весник собра редица мислења од истакнати јавни личности во врска со наметнатиот спор од страна на Грција.

Професорот на Филозофскиот факултет Љубомир Цуцуловски вели дека под такви услови ниеден нормален човек и ниедна нормална држава не би требало да прифати каков било разговор, бидејќи од македонска страна ниту беше поставено некое барање кон Република Грција ниту од неа нешто се бараше.

– Ако е тоа воопшто проблем, а не е проблем, но стана потоа проблем, можеше да се реши на многу едноставен начин Грците или која било земја да ни се обраќа онака како што сака, самата како што одлучила, а ние да си останеме она што сме – нагласува тој.

Професорот вели дека тој лично, без разлика на констелациите, условно кажано, е против каква било промена на името на Република Македонија.
– Тоа го има верифицирано уште 1992 година и објавено во книга, бидејќи Република Македонија верувам и нејзините граѓани немаат никаков проблем со името. Проблем има Грција, меѓутоа на Грција никој не ѝ брани да ни се обраќа онака како што самата сака да ни се обраќа. Оттука јас не гледам зошто воопшто беа потребни тие преговори, привремени договори, резолуции итн. Мене ми се чини дека станува збор за еден наметнат проблем, ние многу лесно го прифативме, макар што некому ќе му звучи преостра мојата оцена е силеџиски и натрапнички – вели Цуцуловски.
Своевидно будење на националната свест и одбрана на уставното име деновиве може да се забележи и во информативните медиуми, во одредени тврдокорни кругови, кои претходно се залагале за решение по секоја цена. Па така ќе сретнете тези дека никако не смееме да се согласиме со барањето едно такво сложено име да биде и за домашна употреба, бидејќи така го губиме идентитетот. Атињаните бараат да го сменат нашиот национален идентитет, од кој не сакаме и не смееме да се откажеме. И крајно време е тоа јасно и гласно да се соопшти, пишуваат тие.

Фото: Игор Бансколиев

Професорката Солза Грчева во врска со актуелните случувања истакнува дека македонската страна прифати сѐ што побарала грчката страна, што е катастрофално.
– Прифатија сѐ што побараа Грците: име што не се преведува или би се превело како „Republic of the day of Prophet Elijah Macedonia“, што е најголемо мајтапење со една држава и народ и навистина нема никаква врска со Македонија, име за севкупна употреба што со време ќе нѐ направи сите илинденци и запечатено во Уставот. Да изгубевме војна, подобро ќе поминевме. Низ историјата нѐ окупирале, нѐ преименувале, но на крајот ја добивме државата како исполнување на вековните желби и стремежи – вели професорката.

Грчева уште подвлекува дека последниот предлог на привремените станари на отцепениот остров Илинденска бб ги фрли во несвест и најголемите оптимисти во спорот за името.
Професорката запрашува каде во нашиот устав видоа правна основа за прекрстување на државата.

– Опозицијата, која допрва ќе градела став за името и потврдува дека не дозволува промена на Уставот, игра исто така проsирна игра. Истата формулација ја дадоа и многу вазални партии во власта, кои божем стојат цврсто на браникот на националните интереси. А просто е. Сега нема ни да бараат промена на Уставот (временската рамка на Заев), туку во рок на 1-2 години – смета Грчева.
Професорот на Правниот факултет Тони Десковски, застапникот на Македонија пред Судот во Хаг, во свое видување за актуелните случувања вели дека апсолутно суштинската компонента на идентитетот е во името.
– Го смените ли името, вие го именувате идентитетот и понатаму сите други компоненти се менуваат – вели Десковски.

Тој истакнува дека ние ќе бидеме Македонци по дома, меѓутоа издвојува и дека во светот тој ќе биде, на пример, „професорот горномакедонски“.
Првиот човек на највисоката научна институција во земјава, претседателот на МАНУ, Таки Фити, смета дека менувањето на Уставот и прифаќањето име за севкупна употреба, ерга омнес, на кое тврдо инсистира Атина, може да доведе до крајно опасна ситуација по нас и дека тоа по никоја цена не смее да се прифати во преговорите со Грција.

– Ерга омнес, односно име за севкупна употреба не смее да се прифати, бидејќи тоа значи менување на Уставот. Тоа носи обезличување на Македонците – вели Фити.
Во оваа насока професорката Билјана Ванковска во однос на името/идентитетот посочува дека постои опасност на народот да му се случи колективно преименување и голем срам во иднина за општеството.

– Денес имаме капитулантска, марионетска власт и опозиција. Народот е сам! Оставени сме си сами на себе и сега од нас и нашето однесување зависи дали ќе дозволиме овојпат колективно да нѐ преименуваат. Наместо трет или четврти Илинден, политичарите се сложија да ги избришат сите илиндени во нашата историја! Поголемо колективно предавство не доживеале ни нашите предци, иако предавството велат ни е составен дел од историјата – наведува Ванковска.
За професорката по Уставно право Гордана Силјановска-Давкова, целосно апсурдни се барањата на грчката страна за отворање и менување на Уставот на Република Македонија.

– Грчката страна во преговорите за името се обидува да ни каже дека не сме разбрале што значи ерга омнес, односно дека севкупната употреба подразбира и внатрешна употреба во земјата. Но во меѓународното право е јасно дефинирано дека терминот ерга омнес означува употреба кон сите држави во меѓународните односи, а не и за внатрешна употреба. Бидејќи Привремената спогодба меѓу Македонија и Грција е интер партес, односно меѓународен договор меѓу две страни (како што и се именуваат двете страни во спогодбата – прва и втора страна), таквите меѓусебни договори не создаваат обврска за трета страна. Односно, во таков случај на меѓусебен интер партес договор не можете да принудите трета држава што ве признала со историското и уставно име на државата да го прифати и новото, евентуално договорено име – објаснува професорката Силјановска-Давкова.

Универзитетскиот професор Борче Давитковски, осврнувајќи се на временската рамка што ја бара грчката страна, во која ние би го имплементирале ерга омнес барањето, смета дека тоа би можело да биде алатка за Грција трајно да си ги оствари своите барања.

– Морам да истакнам дека во оваа ситуација можно е како во народната поговорка, и морковот и стапот да се во рацете на Грција. Тоа би значело дека тие со оваа клаузула или временска рамка би можеле трајно да си ги остварат своите барања – вели Давитковски.

И професорката по Уставно право и политички систем Тања Каракамишева тврди дека самите преговори за промена на нашето име, идентитет, јазик и сѐ што следува се прв и веројатно последен преседан што е виден во меѓународното право и во меѓународната практика.

– Се заборава или не, не ми е познато, дека за државно име дали да биде вакво или онакво власта на државата, во согласност со Уставот и во согласност со меѓународното право не може да преговара, бидејќи прашањето е од таква природа што не може да биде предмет на договор – објаснува професорката.
Таа истакнува дека за државно име во меѓународното право одлучуваат единствено граѓаните/државјаните на државата, а не други држави или ООН.
Aкадемикот Катица Ќулавкова по последните случувања побара да се прекине од Македонија да се прави салата и конфузија.

– Името на државата треба да го означи државното уредување и режим на државата (република, монархија, федерација, соединета/обединета, односно – народна, социјалистичка, независна/автономна) или, ако е поделена, источна/западна, јужна/северна. Ние добиваме ревизија на идентитетот: од Р. Македонија во Р. Илинден-Македонија, Илинден-Македонци – пишува академик Ќулавкова.
Ќулавкова притоа додава дека име на држава не се менува ако државата е веќе формирана и стабилна, туку се менува кога се трансформира во некоја друга држава со друг идентитет, режимски, структурен или конституционален.

– Правото на самоопределување е суверено и никој не смее ни да помисли да го одземе, укине или негира. Во личната карта на ОН, Република Македонија е заведена и признаена од околу 140 држави, и тоа не смее да биде предмет на промена. Може за билатерална употреба да се договори име со соседот, кој бесправно оспорува едно суверено право под претекст за страв од иредентизам. Колку повеќе отстапуваме пред барањата спротивни на повелбите и конвенциите на ОН, толку повеќе ќе се зголемуваат барањата за дезидентификација на Македонија. Предмет на преговори не смее да биде идентитетот на конститутивниот народ на Р. Македонија, македонскиот, и ниту едно малцинство во Р. Македонија не би требало да одбива да се препознае како Македонец на државно, граѓанско рамниште. Сите држави по состав на населението се мултиетнички, а граѓаните, независно од етничкото потекло, се препознаваат во државниот идентитет. Нивниот идентитет поврзан со етничкото потекло се декларира и се уважува со внатрешни законски акти на државата и тоа не е спорно – нагласува академик Ќулавкова во својот пост на социјалните мрежи.

Таа додава дека Грција го искористила своето право на самоопределување, а Грците по устав се Хелени/Грци, а не Македонци, и зошто разговорите се претворија во преиспитување на правото на македонскиот народ за самоопределување и конституирање на своја национална држава со почитување на сите граѓански, малцински и човекови права.

– Никој нема мандат да прави таква ревизија. Ги повредувате не само колективните, туку и индивидуалните човекови права, а државата ја претворате во протекторат. Сите политички гарнитури дадоа придонес во тој процес. Ова не е партиски пост, ова е слободно мислење на писател и граѓанин. Овој пост е во согласност со Уставот на РМ. А многу аспекти на преговорите, како и на Законот за јазиците во РМ, излегуваат од уставните рамки. Конечно, можеби ќе најдете консензус со Грција и со моќните ментори, но без внатрешен национален консензус нема да има иднина оваа држава како суверена, независна и унитарна. Или, навистина, нашата спасителска иднина е да бидеме протекторат – истакнува академик Ќулавкова.


Коѕијас: Ние сме за некој предлог на Нимиц

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас по средбата во Вашингтон со американскиот државен секретар Мајк Помпео истакна дека Грција ја поддржува потребата да се прифати име од предлозите на Нимиц.

– Ние ја поддржуваме потребата да прифатиме едно од имињата што ги предложи Нимиц. Не се согласуваме, како што знаете, со петтото име од неговите предлози, и да одиме напред кон усвојување еден стратегиски план за пријателска соработка со оваа земја во иднина, со нејзиното ново име – рече Коѕијас.

Тој додаде дека за прашањето за името не разговарал со американскиот државен секретар Помпео, туку тоа било тема на средбите со помошник-државниот секретар на САД, Вес Мичел.


Димитров бара мудрост и нерви

Министерот за надворешни работи Никола Димитров пред да полета за Њујорк, каде што в четврток и в петок неделава треба да се сретне со грчкиот колега Никос Коѕијас и пред да почне новата рунда преговори, на неговиот профил на социјалната мрежа Фејсбук побара мудрост и трпение.
– Пуштајте ми мудрост и нерви – напиша на својот профил министерот Димитров.


Грчки композитор го толкува „сонот на Заев“

Грчкиот композитор Микис Теодоракис во своја колумна за грчки медиуми пишува дека сонот на Заев и на целото Скопје било Македонија до Егејско Море.
– Сите знаеме дека г. Заев има голем проблем. Тоа се екстремните националисти во неговата земја, кои ги сретнавме за време на претходната влада – пишува Теодоракис, додавајќи дека нивниот „сон“ бил Македонија до Егејско Море, но смета дека истиот „сон“ сигурно го имаат и Заев и целото Скопје.

Во текстот тврди дека „Егејска Македонија“ е инспирана од Тито, а зачленувањето на северниот сосед во НАТО го толкува како чин што ќе им олесни на Американците да ја уценуваат Грција со наведнување на главата. Композиторот го оценува последниот предлог (Илинденска Македонија) како име што може да стане инструмент на фанатиците во Скопје.