Нееднаквиот пат кон обновата

„Патот кон обновата воопшто не е сигурен и, што е најважно, е нееднаков. Несигурен е поради разликата во почетните позиции, економската структура и капацитетот за одговор што доведува до зголемување на нееднаквостите во рамките на државите и надвор од нив. Но најмногу сум загрижена за тоа што ’големите карантини‘ од 2020 година можат да се претопат во ’големи разлики‘ во 2021 година. Разликите се најсилно изразени во земјите во развој ,каде што половина од државите што успеаја да држат чекор во приходите со побогатите држави сега многу заостануваат!“

Директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, со порака до ЕУ

Познатиот Жан Моне еднаш кажа: „Луѓето реагираат само кога е потребно и обично потребата ја препознаваат само во време на криза“. Ние сега се наоѓаме во криза и време е за акција. Во 2020 година, 90 отсто од државите ја завршија годината со намалена економија отколку на самиот почеток на годината, што беше доказ за најлошите економски резултати во светски рамки во време на мир. Но можеше да биде многу полошо.
Исклучително силните и координирани чекори на централните банки и финансиските власти одиграа клучна улога во ублажувањето на ударите врз граѓаните и економиите. Би сакала да им оддадам признание на Кристин Лагард и на Европската централна банка (ЕЦБ) затоа што реагираа брзо со воведувањето вонредни политики, но и на сите влади од Европската Унија (ЕУ) што вложија масовна фискална поддршка од над три илјади милијарди евра за деловните субјекти и домаќинствата, вклучувајќи ги програмите за зачувување на работните места, кои им помогнаа на 54 милиони работници. Иницијативата „Новата генерација на ЕУ“ претставува едно неверојатно постигнување во заедничкото мобилизирање на средствата.
Овие мерки, заедно со невидениот научен напредок за вакцините, терапиите (од кои голем дел се развиени во Европа) и превентивните мерки на носење маски, одржувањето физичка дистанца, тестирањето и следењето на контактите, помогнаа во стабилизирањето на економијата и успеаја да ги придвижат светот и ЕУ кон обновата. Во моментов предвидуваме раст од 5,5 отсто во светот и од 4,2 отсто во ЕУ за оваа година. Но патот кон обновата воопшто не е сигурен и, што е најважно, е нееднаков. Несигурен е поради разликата во почетните позиции, економската структура и капацитетот за одговор што доведува до зголемување на нееднаквостите во рамките на државите и надвор од нив.

Но најмногу сум загрижена за тоа што „големите карантини“ од 2020 година можат да се претопат во „големи разлики“ во 2021 година. Разликите се најсилно изразени во земјите во развој каде што половина од државите што успеаја да држат чекор во приходите со побогатите држави сега многу заостануваат. Но тоа претставува ризик и за ЕУ. Традиционалните туристички дестинации се соочија со многу посериозни економски падови, па, така, Шпанија, Грција и Италија лани забележаа намалување од девет отсто во споредба со преостанатиот просек од 6,4 отсто во другите членки од ЕУ.
Предвидуваме дека до крајот на 2022 година приходите по жител на пазарите во развој во Централна и во Источна Европа ќе бидат 3,8 отсто под прогнозите пред појавата на кризата, споредено со падот од само 1,3 отсто за напредните економии на ЕУ – негативно влијание речиси трипати поголемо, што ќе го забави темпото на приближување.
Исто така забележуваме зголемување на разликите во рамките на државите во форма на влошување на нееднаквоста. Регионите со помал БДП по жител влегоа во кризата со пониско производство, поголеми сектори со меѓучовечки контакт и помалку работни места што може да практикуваат работа на далечина, па затоа тие најтешко беа погодени.

Беа загубени милиони работни места, со тоа што жените и младите најмногу настрадаа, особено оние што имаат ниски приходи и мали заштеди. Големото прашање со кое сите европски политичари се соочуваат е како да обезбедат цврста обнова и да се справат со заканата од разликите? Прво треба да ѝ се стави крај на здравствената криза. Оваа година политиката за вакцините е суштината на економската политика во Европа и во светот. Додека не ја поразиме пандемијата насекаде, ние ризикуваме новите мутации да го загрозат нашиот напредок. Од клучно значење е да се зголемат производството и дистрибуцијата на вакцините, како и дополнителното финансирање за да се набават и испорачаат дозите, како и навремено да се распредели вишокот резерви. Затоа е потребна соработката.
Второ, треба да се бориме против економската криза. Додека не ѝ се стави крај на пандемијата, треба да продолжи поддршката за фирмите и за домаќинствата. Мора да следува постепено повлекување, но не пред да се обезбеди траен излез од здравствената криза. Ова е важно од внатрешен аспект и исто така од аспект на последиците, затоа што предвременото заострување на политиките може да ги влоши разликите меѓу државите кога најтешко погодените економии сè уште се ранливи. Иако сега не е време да се повлекува поддршката, но сепак е вистинско време да се утврди силата на режимите на несолвентност. Огромната поддршка лани доведе до помалку банкроти од просечното. Кога се намалува поддршката и се забрзува структурната промена, ризикот од повисока стапка на неисплата на долгот се зголемува. Спогодбите за несолвентност и поголемиот акцент на капиталната поддршка може да спречат зголемување на долговите и неконтролирани банкроти.

Трето и најважно на долги патеки, одговорот на кризата треба да се искористи за да поттикне структурни промени кон дигитализацијата и зелените политики, но и да го зајакне моторот на Европа кон сплотување. Мора да се настојува за координирана инвестиција во зелената инфраструктура. Нашата анализа покажува дека ова може да го зајакне светскиот БДП во текот на 15-годишен период за околу 0,7 отсто годишно, со што би се отвориле милиони нови работни места. Наплаќањето за емисии на јаглерод диоксид може да помогне во санирање на фискалните салда, да се насочат приватните инвестиции во зелените сектори и да се постигне значајно намалување на штетните емисии. Зголемениот пристап до брз интернет во руралните и во неразвиените области ќе придонесе за зголемување на продуктивноста. Вложувањето во образованието и во програмите за работни вештини ќе одигра улога во зајакнување на квалификациите што се потребни за дигиталната и зелената ера.
Европа може да ги зајакне реформите за да ги реши постојаните структурни предизвици. Програмата „Новата генерација на ЕУ“ може да биде повеќе од еден катализатор за економска трансформација, таа може да биде предвесник на новите заеднички фискални алатки за дополнување на единствената монетарна политика на ЕЦБ. ЕУ може да преземе понатамошни чекори кон банкарството и унијата на капитални пазари за да поттикне раст и интеграција. Напорите за вградување на меѓународните корпоративни даноци во дигиталната ера можат да помогнат во зголемувањето на приходите и да се намали нееднаквоста.
Би сакала да се заблагодарам за поддршката што ја доби ММФ во текот на кризата. Од самиот почеток, ние брзо работевме на подготвување препораки за политики. Нашата порака на „трошење, но чување на сметките“ беше невообичаена за Фондот, но соодветна на кризата. Нашите средства ги вложивме токму таму каде што беше најпотребно. Обезбедивме над 105 милијарди долари за ново финансирање на 85 земји, вклучувајќи ги земјите од Стариот Континент, како Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Молдавија, Црна Гора, Македонија и Украина.

Нашиот капацитет за развој го приспособивме на потребите и на методите на работа за време на пандемија. Ние го зајакнавме фокусот на инклузивниот раст, особено со нашите европски партнери, на прашањата како прогресивниот данок и општествените трошоци. Ги зајакнавме напорите во однос на борбата со климатските промени, кои не се само закана по економската и финансиската стабилност туку се и можност за зелен развој и отворање нови работни места. Нашата анализа на политиките, со намера да се постигне амбициозната цел на ЕУ за намалување на штетните емисии на јаглерод, ја покажува посветеноста да ја ставиме борбата со климатските промени високо на агендата.
Работиме тесно со ЕУ за да сториме повеќе за земјите со ниски приходи, кои се соочуваат со тешки избори, меѓу справувањето со здравствената криза, остварувањето на основните потреби на граѓаните и одржувањето на макроекономската стабилност, но настојуваме и на јакнење на јавните инвестиции што се неопходни за одржлив раст.

Граѓаните на ЕУ треба да бидат горди на нивната помош за ранливите држави за време на кризата. Тие ги поддржаа сите наши напори и придонесоа за нашето отпишување на долговите, како и концесионалниот капацитет за заеми. Исто така дополнително се залагаат за начини како да придонесат повеќе преку новите начини за прераспределба на средства, повикувајќи се на специјалното право за повлекување на средства на ММФ, за да се зголемат резервите без да се влошува должничкиот товар. Навистина ја ценам поддршката на европските министри за финансии во овој поглед.
Секогаш можете да сметате на нас, бидејќи ние сметаме на вас. Европската Унија е една од најдобрите креации на 20 век. Вредностите за солидарност и инклузија остануваат да бидат нашата најдобра надеж во 21 век.

Обраќање на директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, на парламентарната конференција на Европската Унија