Три години од Преспанскиот договор:

Досегашните последици од Преспанскиот договор во врска со неговите ефекти во меѓународните (билатералните и регионалните) односи, неговата геополитичка и дипломатска вредност, сурово се пресметуваат во актуелната политичка практика, луто судирајќи се со уверувањата на креаторите, потписниците и поддржувачите на Преспанскиот договор, кои беа убедени дека по потпишувањето ќе следува брза и непречена македонска евроинтеграција

Постпреспанската реалност, која Македонија ја живее веќе три години, се чини како краток период за преболување на националните лузни, предизвикани од промената на името на државата со географска одредница, Уставот, кои иницираа чувство на мултиплицирачки загрозен национален идентитет. Сосема извесно за незалечувањето на таквите лузни, голем удел има и фактот што Преспанскиот договор, потпишан на 17 јуни 2018, и покрај тоа што овозможи полноправно членство на Македонија во НАТО (две години по неговото потпишување), сепак се покажува како недоволен (а колосален наш) аванс за почеток на преговори на земјава за членство во Европската Унија. Уверувањата на креаторите, потписниците и поддржувачите на Преспанскиот договор за неговите позитивни ефекти во меѓународните (билатерални и регионалните) односи, неговата геополитичка и дипломатска вредност, сурово се оспоруваат во политичката практика со секое ново вето за македонските евроинтеграции од земјите-членки на Унијата, било тоа да е Франција, Холандија или Бугарија. Истражувањата на јавното мислење, и во Македонија, и во Грција, по повод три години по потпишувањето на Договорот во Нивици, покажуваат дека тој сѐ уште е сензитивна тема во двете земји, при што секоја страна и понатаму се смета за оштетена. Од друга страна, македонската влада, односно Преспа форум-дијалогот на 1 и 2 јули, планира да се одбележи тригодишнината од договорот со меѓународна конференција, на која ќе присуствуваат четириесетина високи функционери од Европа и од САД, а домаќин ќе биде министерот за надворешни работи Бујар Османи.

ОН го сметаат Преспанскиот договор за еден од своите главни успеси во 2019 година

По три години се чини и понатаму е присутна дилемата за придобивките и (непотребните) отстапки од Преспанскиот договор.
– Контроверзиите околу прифаќањето на Преспанскиот договор не се добар сигнал за процена на неговата вредност. Но од друга страна во Македонија, секој договор го следел таков анимозитет во општеството, како на пример Охридскиот договор. Сепак, за да се видат придобивките, клучно за процена е зачувувањето на националните интереси. Според тој критериум, Преспанскиот договор го потврдува македонскиот национален идентитет на меѓународен план. Со овој договор, грчката страна признава постоење на словенски македонски народ, во етничка смисла, кој говори македонски јазик. Навистина, индиректно, преку јазикот, се признава македонскиот словенски етнички идентитет, со што заврши онаа авантура со барање на античките македонски корени, која им нанесе голема штета на македонските позиции на меѓународен план. Оваа точка од Преспанскиот договор ни дава и цврста позиција, (со меѓународната потврда на договорот) и во спорот со Бугарија – вели универзитетскиот професор Љубомир Фрчковски.

Според Фрчковски, објективната вредност на Преспанскиот договор е потврдена и со фактот што Обединетите нации го сметаат за еден од своите главни успеси во 2019 година. Тој нагласува дека идентитетските спорови, каков што беше македонско-грчкиот (и сега спорот со Бугарија), во суштина се многу тешки за решавање и се оставаат настрана, како замрзнати спорови. Решавањето на еден таков спор, како што е направено со Преспанскиот договор, се смета за редок успех, особено што во историјата има решено можеби само уште еден до два вакви спора. Уште една потврда на вредноста на Преспанскиот договор, професорот Фрчковски ја гледа во тоа што ја направи Македонија видлива во интересите на американската политика. Тоа го потврдува внесувањето на Преспанскиот договор во извршната наредба на американскиот претседател Бајден.

Деноминацијата во меѓународното право е нелегална, секогаш и под какви било околности

И покрај желбата да се видат вредностите на Преспанскиот договор, не може да се пренебрегне другата страна во јавната перцепција за него. Различни аспекти на перцепција на Договорот од Нивици презентира универзитетскиот професор Игор Јанев.
– Кога се работи за одлуката на Владата за задолжително НЕ-користење на термините „Македонија“ и „Република Македонија“, треба да кажам дека ваквиот „декрет“ произлегува од самата правна природа на Преспанскиот договор, според кој јасно се укажува дека e обврзувачки да се користи деноминаторот „Северна“ како дистинкција во однос на споменатите термини („Македонија“ и „Република Македонија“), притоа Владата применува принцип ерга омнес што подразбира дека не може едно име да се користи за меѓународната, а друго за внатрешната службена комуникација и претставување. Сите службени органи на државата и сите институции и тела што се финансирани делумно или во целина од државните пари имаат обврска да ја користат деноминацијата пред термините „Македонија“ и „Република Македонија“. Не е случајно во сите изјави на претседателот и премиерот се реферира на „наш народ“ или „овој народ“, како што до не толку одамна, а и денес се употребува кованицата „наша држава“ и сл. Тие само ја следат практиката на ОН, а од неодамна сѐ повеќе и во ЕУ, да се избегнува терминот „Македонци“, бидејќи се смета дека е резервиран само за луѓе од грчка покраина, па наместо „Македонци“, се користи „граѓани на РСМ“.
Логиката што се следи во ООН е дека ако „Македонија“ и „Република Македонија“ не се дозволени, тогаш mutatis mutandis не смее да се толерираат ниту термините „македонско“ или „Македонци“, бидејќи користењето на термините „Македонија“ и „Република Македонија“ не се дозволени. Овој принцип буквално се применува од домашните власти и постои недвосмислена интенција да се елиминира националноста „Македонци“, повикувајќи се на Преспанскиот договор.

Мојот став е јасен по сите овие прашања: Деноминацијата во меѓународното право е нелегална, секогаш и под какви било околности! Асимилацијата (од Бугарија или кој било друг) исто така е нелегална. Во оваа смисла уште еднаш се потврдува ноторен факт дека секој „идентитетски договор“, вклучувајќи го и Преспанскиот договор, кој патем дејствува и ретроактивно во однос на историјата (слично како и Бугарскиот договор, т.е. претендира да ги менува историските факти, па и јазикот) е правно нелегален акт. Имено, со ниту еден акт не може договорно да се смени историјата, бидејки ова е низа на факти врз кои не може да се примени доворното право. На пример, ние не можеме да се договараме дека „Сонцето е помало од Месечината“ или дека „Земјата е рамна плоча“, ако така ни одговара (политички). Преспанскиот договор, како таков тој не е само штетен, туку е и нелегален акт. Нелегалните акти се раскинуваат, а не се ревидираат – ги проценува идентитетските аспекти на договорот од Нивици, универзитетскиот професор Игор Јанев.

Добрососедските договори ги зголемија апетитите на некои наши соседи

За филозофот Љубомир Цуцуловски, Преспанскиот договор, во режија на меѓународната заедница, е „нечовечно шегачење со цел еден народ“
-Уште додека се преговараше за Нивичкиот/Преспанскиот договор тврдев дека неговата подготовка и дека неговото донесување се неуставни. Што значи дека се незаконски. Сеедно што е незаконски/неуставен, тој се донесе, обезличувајќи ги Македонците и Македонија со многубројни надворешни и внатрешни рестрикции/забрани. Тоа ги зголеми апетитите на некои соседи. Некои од нив сфатија дека со притисоци врз оваа Влада (историски гледано, таа е чудо невидено) сѐ може да сѐ добие, бидејќи на сѐ се согласува. За неа срамот, достоинството или сериозноста претставуваат непознати поими. На тој начин, настана спогодбата со Бугарија, со која уште повеќе се навлезе во внатрешните, најсезитивните работи на Македонија, почнувајќи од историјата, нацијата, јазикот… Тој процес трае и ни оддалеку не можам да го видам неговиот крај. Помина и средбата на НАТО во Брисел. И повторно, ништо! Тоа го призна и Заев, сеедно што е обдарен со ретко виден оптимизам, ако неговото однесување воопшто може да се означи како оптимистичко. Признал некој или не, работите тапкаат во место (дури и назадуваат!), бидејќи, според мене, влегувањето во НАТО не значи ништо друго, освен преобразување на Македонија во легитимна воена цел на секоја земја, која би била во евентуален воен судир со оваа организација.

Накратко, три години по Нивици, Македонија и натаму е обезглавена и понижена. Некои умно-умни глави тврдат дека не било така. На пример, веќе не сме биле БЈРМ, туку РСМ. Што значи, сме станале Република /северна/ Македонија. Во ред! Меѓутоа, можат ли да кажат која е разликата помеѓу кратенките БЈРМ и РСМ, кога и со двете сме преименувани? Или, во нивните глави сѐ е можно, вклучувајќи го и неможното, ако е тоа можно? По сѐ изгледа дека за овие и неможното е можно. Нормално, кога би се шегувале. Меѓутоа, шегата одамна заминала од овие простори и на нејзино место дошло грубото, нечовечно шегачење со цел еден народ – вели професорот Цуцуловски.