Македонија и Албанија се соочуваат со ризик од зголемен национализам и застој во реформите, бидејќи ЕУ со години им ги затвора вратите за придружување кон Унијата, пишува „Фајненшал тајмс“.

Македонскиот премие Зоран Заев порача дека стравува од враќање на „лошото минато“ во неговата етнички поделена земја, како што беше избегната граѓанска војна во 2001 година, а албанскиот премиер Еди Рама изјави дека неговата земја ризикувала да стане „колатерална штета“ поради поделеноста за прашањето за проширување на ЕУ.

Предупредувањата на овие двајца балкански лидери кај аналитичарите предизвикува страв дека неуспехот да се придружат на европскиот блок, би можел да го дестабилизира геополитички чувствителниот регион на Западен Балкан во кој расте влијанието на другите земји, меѓу кои се Русија и Кина, пренесува ФТ.

Како што потсетува, францускиот претседател Емануел Макрон го блокираше отворањето на преговори за Македонија и Албанија, но и Холандија и Данска исто така беа против преговори со Тирана. Двете балкански земји се пожалија дека ЕУ не ја исполнува својата страна од договорот.

Заев изјави дека е загрижен дека чувствителниот договор, кој го постигнал со Грција минатата година за преименување на неговата земја, би можел да дојде во прашање, преку будење на националистички чувства.

– Ако има доволно националистичка реторика, радикални движења и говор во Северна Македонија, тоа ќе им даде аргументи на грчките политичари да користат иста реторика, што повторно може да доведе до чекори кои не се добри ниту за мојата земја, ниту за регионот – предупреди Заев, нагласувајќи ја мултиетничката природа на својата земја во која живее мнозинство Македонци и етнички Албанци.

Заев најави дека ќе поднесе оставка во знак на бунт против политиката на ЕУ, но додаде дека договорот со Атина би можел да биде во опасност ако неговата партија не победи на новите избори.

Од Тирана, Рама порачува дека одлуката за неотворање преговори со ЕУ, предизвикала „тежок психолошки шок во земјата“ како и дека ѝ наштетила на кредибилитетот на Унијата во регионот.

– Двапати сме брутално отсечени од Европа, еднаш во текот на Османското царство, а потоа половина век под најбруталниот комунистички режим. Никој не може да живее со идејата дека тоа може да се случи и третпат – изјави Рама.

Аналитичарката Џуди Демпси, од Центарот за Европа – „Карнеги“ вели дека кредибилитетот на ЕУ е нарушен, бидејќи на лидерите на земјите уште во 2003 година им било кажано дека ако ги исполнат критериумите на ЕУ, ќе бидат примени. Но, иако Скопје ги исполни критериумите, таа пракса е отфрлена со образложение дека пред сѐ мора да се реформира ЕУ.

– Прекршени се ветувањата и Западен Балкан сега станува лесна цел за кинеско и руско влијание – смета Демпси. На истото предупреди и македонскиот премиер, дека е загрижен поради обидот за пополнување на празнината која настана со одложувањето на процесот на придружување.

– Оваа одлука им дава простор на трети страни, кои не се од голема помош, а кои нема да ни понудат демократија, слобода и владеење на правото – порача Заев.