Партиските тела на владејачката коалиција и опозициската Атернатива до крајот на оваа недела ќе разговараат за средбите помеѓу Зоран Заев и Африм Гаши, а во врска со евентуалното проширување на парламентарното мнозинство.

Ова го соопшти Владата по денешната средба на двајцата лидери кои попладнево се состанаа со своите тимови.

Од Владата информираат дека консултациите кои ќе уследат по денешната средба се со цел да се обезбеди договор за заедничка Влада која ќе се посвети на предизвиците кои доаѓаат од пандемијата и глобалната енергетска криза и зацртаните стратешки државни цели.
„На средбата е констатиран евидентен напредок во усогласувањето на ставовите околу дополнувањето на содржинскиот дел на програмата на Владата, а разменети се идеи и видувања од двете страни за споделување на одговорностите на највисоко ниво во институциите на централната власт“, соопштија од владината прес-служба.

Се додава дека разговорите продолжуваат водени од аспирациите за европската агенда на државата и од потребата за испраќање јасни пораки кон граѓаните и кон ЕУ за посветеноста во европеизирањето на Северна Македонија, за унапредувањето на економскиот стандард и квалитетот на живот на граѓаните.

Претходно, по денешната средба двајцата лидери не сакаа да коментираат каде се закочени преговорите за проширување на парламентарното мнозинство и дали ќе има нова средба. Заев му отстапи на Гаши, да каже, како што рече, една реченица.

„Можеме да ви кажеме дека имаме напредок, следуваат консултации од нашите партии. Ќе има известување од партиите, од Влада“, рече Гаши.
На денешната средба требаше да се разгледуваат кадровските решенија и распределбата на ресори. Веќе се шпекулира дека Алтернатива бара две министерски места и две вицепремиерски места. За директорските, нема информации. Неофицијално, Гаши сака негов кадар да раководи и со Министерството за здравство.