Фото: Игор Бансколиев

Европа повторно стана епицентар на пандемијата, што натера некои земји да размислат за повторно воведување ограничувања во пресрет на Божиќ, барајќи издржани мерки што ќе спречат нови жаришта на ковид-19
Во кој правец ќе се движи Македонија пред очекуваниот нов бран на ковид-19, кој веќе ја зафаќа Европа? Потребни ли се нови рестрикции за невакцинираните пред и за новогодишните празници? Епидемиолозите апелираат на издржани мерки што ќе спречат ново жариште.

Во потрага по издржани мерки што ќе спречат нови жаришта на ковид-19

Во кој правец ќе се движи Македонија пред очекуваниот нов бран на ковид-19, кој веќе ја зафаќа Европа? Потребни ли се нови рестрикции за невакцинираните пред и за новогодишните празници? Епидемиолозите апелираат на издржани мерки што ќе спречат ново жариште. Некои држави во Европа веќе на некој начин ги враќаат карантинските мерки, но пред сѐ за лицата што не се вакцинирани, и покрај тоа што тие држави имаат над 70 отсто вакцинирано население.
Европските земји почнуваат да воведуваат нови заклучувања, бидејќи владите се борат да ги намалат рекордните случаи на коронавирус низ целиот континент.
Австрија оваа недела вовела мерки за невакцинираните како што се приближува зимата, Германија размислува за построги ограничувања, а Британија ја прошири својата програма за трета доза вакцини.
Во Холандија има мерки за лесни ограничувања на социјалните контакти како одговор на наглото зголемување на инфекциите.
Европа повторно стана епицентар на пандемијата, што натера некои земји да размислат за повторно воведување ограничувања во пресрет на Божиќ и поттикнување дебата за тоа дали само вакцините се доволни за да се скроти ковид-19.
Д-р Злате Мехмедовиќ, специјалист по трудова медицина и супспецијалист пулмолог, вели дека сѐ уште не знаеме во кој обем ќе бидат ставени во сила новите мерки и дали ќе се оди во насока да се ограничи и начинот на кој луѓето се организираат во затворено.

– Во претстојниот период, секако, треба да се размислува и на тоа. Сметам дека го пропуштивме возот кога можевме преку едукација да ги убедиме граѓаните да се вакцинираат. Уште пред да стигнат вакцините кај нас требаше да се води централизирана државна кампања и да не се остави каква било шпекулација за неефикасност и небезбедност на вакцините. Вака сите теории на заговор добија замав – заклучува доктор Мехмедовиќ.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера посочи дека во последните предлозите од Комисијата за заразни болести до Владата стои задолжителна вакцинација против ковид-19 за здравствените работници и препорака за вакцина за вработените во јавниот сектор и локалната самоуправа за да може да одат на работа.
Според него, препораката за вработените во државните институции се однесува на примена најмалку една вакцина или негативен ПЦР-тест, еднаш неделно на сопствен трошок, или потврда за прележан ковид, или потврда од лекар специјалист дека не се препорачува вакцината, поради имунозагрозувачки болести.
– Препорачуваме кон ова да се приклучат и приватните компании. Стигна писмо од Стопанската комора на оваа тема, со цел да се заштитат производствените капацитети – рече министерот.
Овие мерки би важеле по 10 дена откако ќе ги усвои Владата, а ќе се остават дополнителни 30 дена за тој процент од 20 до 30 отсто од невакцинираните здравствени работници да се вакцинираат.
Околу тоа кој ќе ја врши контролата на сертификатите, Филипче кажа дека за тоа ќе се разговара на седница на Главниот кризен штаб.

Според бројот на аплицирани вакцини, 39 отсто од целата популација во нашата земја се вакцинирани, а 38 отсто од популацијата во државата примиле две дози вакцина.
Според неделниот извештај, од 8 до 14 ноември за состојбата со коронавирусот во земјава, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) бележи намалување од 8,1 отсто на бројот на новозаразени од ковид-19 минатата седмица во споредба со претходната.
За една недела од ковид-19 заболеле 3.218 лица, што е за 286 помалку од периодот меѓу 1 и 7 ноември.
Најмногу новозаразени има во Скопје. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, а најзастапени се лицата над 60 години (4,6 проценти). Најмалку заболени се регистрирани кај возрасната група од 0 до 9 години (3,2 проценти). Според полот, 52,1 отсто од заболените се жени, а 47,9 машки.
Пријавени се 77 смртни случаи, најмногу од возрасната група над 60 години.
ИЈЗ регистрирал и 36 реинфекции, за 26,5 отсто помалку во однос на претходната недела. Заклучно со 14 ноември вкупно се пријавени 822 реинфекции, што е 0,39 отсто од вкупниот број на досега заразени, кој изнесува 209.449 лица.

[email protected]