Фото: Игор Бансколиев

Додека на невакцинираните граѓани им се воведе забрана за влез во трговски центри, кафулиња, како и за присуство на разни манифестации и настани во затворен простор и на отворено, истите тие граѓани се добредојдени на гласачките места без никаков сертификат, иако го носат истиот ризик како и при посета на местата во кои во моментот не им се дозволува влез

Некои контрадикторности од секојдневието поврзани со сертификатите за вакцинација

И ковид-сертификатите „се заразија со вирусот на поларизација на македонското општество“, предизвикувајќи недоразбирања што произлегуваат од низа контрадикторности при нивната применливост. Најмалку логични се последиците што произлегуваат од употребата на сертификатот, причинувајќи своевидна сегрегација на граѓаните во повеќе области од секојдневниот живот.

Во кафеани – не може, на избори – може!

Додека на невакцинираните граѓани им се воведе забрана за влез во трговски центри, кафулиња, како и за присуство на разни манифестации и настани во затворен простор и на отворено, истите тие граѓани се добредојдени на гласачките места без никаков сертификат, иако го носат истиот ризик како и при посета на местата во кои во моментот не им се дозволува влез.
Изборите секогаш се одвиваат во затворени простории и на гласачките места минуваат илјадници луѓе, така што е непринципиелно да се бараат сертификати за нормално функционирање на граѓаните на сите други места, а само за избори тие да се добредојдени без никаков сертификат.
Овој тип конзистентност на политиките постојано се применуваше изминатите речиси две години, со чудно различни критериуми при одбележувањето на верските празници, пролонгирање на воведувањето рестриктивни мерки кога стануваше збор за партиски манифестации и не баш најлогичното решение за дозвола (во пикот на есенскиот бран) дел од учениците од Тетово и од Гостивар да учат онлајн, додека сите други со физичко присуство.
Логиката говори дека кога има пандемија, правилата треба да важат за сите, па затоа секакви непринципиелности што произлегуваат од употребата на сертификатите, можат да бидат контрапродуктивни, а битно можат да му наштетат на самиот изборен процес.
– Не сум вакциниран, не сум антиваксер, туку едноставно не верувам во ефикасноста на вакцините. Имам дете што оди во основно училиште и не можев да влезам во ниту еден трговски центар да му купам облека на почетокот на учебната година оти немам сертификат. Но затоа партиските емисари секој ден шетаат низ населба и ми ставаат рекламен материјал за избори во поштенското сандаче. Се прашувам како одеднаш сум пожелен за гласање, а непожелен на ниту едно друго место? Ако како невакциниран им го загрозувам здравјето на другите, нема ли да сум опасен и на гласачкото место? Ова е целосно контрадикторно – педантно забележува Димитар Спасовски, експерт за хортикултурно уредување.

Уставното право на глас е загарантирано, но исто е и правото на слободно движење

Елементи на контрадикторност во целата работа со сертификатите и гласањето гледа и микробиологот Никола Пановски, кој смета дека сертификатите со кои сега се условуваат граѓаните во нормалното функционирање немаат никаква врска со заштитата од болеста. Тој одговорно тврди дека има луѓе што прележале и се имуни, а има луѓе што не смеат да се вакцинираат и никој не им дава потврда.
– Секој, според нашиот устав, може слободно да дојде да избира и да биде избран на изборите. Тоа што им се прави на граѓаните со сертификатите и ограничувањата за мене е срам на цивилизацијата на 21 век. Има луѓе што прележале и се имуни, тие се мирни една година. Има луѓе што не смеат да се вакцинираат и никој не им дава потврда. Не смее никаде да влезе без сертификат, но на избори може да оди. Постојано се соочуваме со контрадикторности – истакнува Пановски.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски не очекува ограничувањата на граѓаните што не се вакцинирани да се манифестираат преку бојкот на изборите.
– Не верувам дека е можно да има бојкот на изборите од страна на тие граѓани што не се вакцинирани и кои сметаат дека се обесправени во сегашното функционирање со ковид-сертификатите. Кај нас политичката мотивација е повисока од сè. Тие побрзо ќе отидат на гласање отколку на вакцинирање – вели Арсовски.

Социологот Илија Ацевски го анализира овој феномен на контрадикторности од социолошки аспект, притоа истакнувајќи го моментот на задоволување само на политичките апетити на партиите, без да се води сметка за граѓаните.
– Несомнено кога станува збор за задоволување на апетитите на политичките партии, тогаш не се потребни никакви вакцинални сертификати и сите се добредојдени на гласање, без оглед што на тие гласачки места дента ќе поминат илјадници луѓе и постои опасност да се прошири зараза дури и од страна на вакцинираните, оти и тие го пренесуваат вирусот. Вие не можете да одите никаде, но можете да одите на избори. Тоа е малку чудно да се разбере – истакнува Ацевски.
Неговото мислење е дека револтот што тлее во моментот кај оние што сега се спречени во нормалното функционирање, може да се манифестира за време на изборите преку нивен бојкот.
– Изборите се исто чин на масовно присуство. Оние што сега им е забрането да се движат на одредени места бидејќи немаат вакцинален сертификат, може утре својот револт да го искажат на тој начин што нема да одат на гласање. Лично мислам дека на овие избори и онака одзивот ќе биде многу мал, што всушност им одговара на големите партии. Тие ќе направат сè да нема одзив – вели Илија Ацевски, социолог.
Тој уште додава дека уставното право на глас е загарантирано, исто како и правото на слободно движење.
– И да е некој невакциниран, ако ги почитува сите протоколи тој е помалку опасен од некој вакциниран што исто може да го носи вирусот, а не почитува ништо. Кај нас уставните права ги толкува секој во зависност од тоа како му одговара – заклучува социологот Ацевски.