Народната банка на Република Македонија (НБРМ) не смее да се остави без гувернер, бидејќи тоа би имало негативни импликации врз економијата на државата, се согласиле претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев на вчерашната средба во вилата „Водно“, која се одржа по барање од премиерот, а на која се разговараше за предлогот на Иванов за нов гувернер на НБРМ.
Од кабинетот на претседателот информираа дека Иванов како и на претходната средба одржана на 26 март оваа година, на премиерот Заев му ги образложил ставовите и аргументите зошто смета дека актуелниот гувернер Димитар Богов најодговорно ќе ја извршува оваа значајна функција во Република Македонија и потсетил на тогашната негова намера, дека доколку Богов даде согласност за негова повторна кандидатура, тој ќе биде предлогот на претседателот.

На средбата, како што стои во соопштението, е потврдено дека откако Богов дал согласност, на 25 април остварил средба со премиерот Заев на која му ја искажал согласноста за одлуката на македонскиот претседател за негова повторна кандидатура.
Иванов пред да ја донесе одлуката за предлог на гувернер, во текот на февруари и март оваа година извршил консултации со Сојузот на стопански комори, со Стопанската комора на Македонија, со Здружението на банкарството, со МАНУ и со други институции и поединци од оваа област, и на сите средби било утврдено дека Димитар Богов е најдоброто решение за гувернер.
– По сите тие консултации, а имајќи ги предвид досегашните успешни резултати во работењето на Народната банка на Република Македонија и врз основа на долгогодишното искуство во оваа област, Иванов смета дека Димитар Богов е најквалитетна, најпрофесионална и најсоодветна личност за извршување на оваа функција и затоа го предложи за втор мандат на функцијата гувернер – наведуваат од кабинетот на претседателот на РМ.

Претседателот Иванов го запознал премиерот Заев дека пред да ја донесе одлуката, остварил и средби со други потенцијални кандидати за гувернерското место.
– И на тие средби, не беше посочена ниту една забелешка за работата на актуелниот гувернер, ниту за работата на НБРМ. Напротив, сите соговорници го потврдија ставот дека Богов е најдоброто решение, кое е потврдено и во извештаите на Европската комисија – додаваат од кабинетот на Иванов.
На средбата се разговарало и за законската регулатива за именување гувернер. Констатирано е дека во согласност со членот 49 од Закон за Народната банка на Република Македонија, гувернерот го именува Собранието, по предлог од претседателот.
Премиерот Заев претходно изјави дека НБРМ е сериозна институција и оти верува дека по пат на кохабитација и дијалог ќе се најде решение.
– Правото е апсолутно на претседателот да предложи, но правото е и на парламентарното мнозинство да избере гувернер – изјави Заев.