Фото Игор Бансколиев

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, и пратениците од опозицијата вчера си разменија серија реакции, бидејќи материјалите, но и самата седница, доцнеле два часа од претходно предвиденото

На вчерашната 123-та собраниска седница се најдоа 57-те точки на дневниот ред.
Меѓу нив посебен интерес предизвика предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за одбрана, кој веќе претходно доби зелено светло од собраниската комисија за одбрана и безбедност.
Според најавите од владејачкото мнозинство, со законот треба да се исчистат неусогласеностите и да се уредат обврските што државата ги презема како идна членка на НАТО, односно преминувањето од систем на индивидуална во систем на колективна одбрана.

До затворањето на весникот парламентарната седница сѐ уште беше активна, а за да се изгласаат измените е потребно двотретинско мнозинство, кое поради противењето на опозицијата е неизвесно.

Во меѓувреме, дебата имаше и на тема поврзана со предлог-закон со кој се предвидува укинување на Законот за трговија на зелените пазари.
Во контекст на актуелните случувања, за обележување е фактот дека според најавите на една од точките на седницата, парламентарците требаше да дискутираат и за давањето автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, што е поднесено од пратениците Сашко Костов и Диме Велковски.
Автентичното толкување пред една недела помина на Законодавно-правната комисија, која одлучи дека нема што да толкува затоа што таков член во законот не постои.

Пратеникот Костов во своето излагање пред собраниската комисија посочи дека причините зошто барале автентично толкување е да спречат некој што сторил криминал да избегне одговорност, како и иницијативата на Уставниот суд да одлучува дали е уставен членот 11-а од Законот за помилување.
Токму поради процедурата во Собранието, Уставниот суд минатата недела, по предлог на судијата Осман Кадриу, го тргна од дневен ред гласањето за нацрт-решението за одлучување за помилувањата. Од вкупно девет уставни судии, „за“ предлогот на Кадриу гласаа осуммина.

Натаму, според најавите, вчера парламентарците на седницата требаше да гласаат и за предлог-законот за Академијата за судии и јавни обвинители, кој во парламентот е во второ читање. По овој закон, опозицијата поднела над 950 амандмани, а владејачкото мнозинство тврди дека на овој начин се обидува да се забават реформите.
Од друга страна, темата поврзана со Законот за употреба на јазиците исто така вчера беше актуелна меѓу парламентарците, кои ги изнесоа своите мислења по ова актуелно државно прашање.