На слика ме немаше, ама во списокот на членови на Владата ме имаше

Со одобрение на авторот, „Нова Македонија“ ексклузивно, во десет продолженија, ги објавува извадоците од книгата „Луѓе, времиња“, во која долгогодишниот претседател на македонското собрание Стојан Андов ги открива своите впечатоци од средбите со историските личности и настани во периодот од Втората светска војна до смртта на доживотниот претседател на некогашната СФРЈ, Јосип Броз-Тито. Од перспектива на младо момче од Кавадарци, студент и новинар во „Нова Македонија“, дипломиран економист и еден од највлијателните македонски политичари, кој своето животно и професионално искуство го стекнува во околности што сѐ уште ѝ се недоволно познати на пошироката јавност, со оваа книга Андов фрла нова светлина врз, како што и самиот вели, луѓето и времињата што се предмет на обработка. Книгата е дел од неговите политички мемоари, а деновиве, по повод неговиот 85-ти роденден, е објавена во издание на „Матица македонска“.

Стојан Андов – „Луѓе, времиња“ (4)

Отидов во поштата, а во тие петнаесетина чекори сешто ми мина низ главата, што е причината што дури од Скопје ме бара Милосавлевски. Кога му се јавив на Славко, тој ми кажа дека во Скопје стигнал мандаторот на новата влада Џемал Биедиќ и со македонското раководство разговарал за тоа кои ќе бидат членови на неговата влада од Републиката. Ми рече дека разговорот доста долго траел и сѐ уште не може да се постигне договор. Џемал Биедиќ прифатил од Македонија Свето Пеповски да биде министер за социјална политика и здравство (тогаш тие ресори беа споени), а покрај тоа и Благој Попов да биде на чело на ресорот за сообраќај и врски. Прифатил да биде член на СИС и Трпе Јаковлевски, без ресор. Не можеле да се договорат за четвртиот член од Македонија.
Му предлагале да остане Александар Грличков, како потпретседател на Владата. Џемал не се согласил. Им објаснил дека решил, овој пат од важни политички причини, потпретседател на Владата за економската област да биде од Хрватска, д-р Јаков Сиротковиќ. Славко ми кажа дека откако пропаднал нивниот предлог за Грличков, тие му предложиле за министер за финансии да биде Бошко Тонев, но тој одбил, бидејќи финансиите ќе им припаднеле на Словенците. А истовремено инсистирал да му кажат уште некое име. Според подоцнежните кажувања на Биедиќ, тие сфатиле дека трет ресор Македонија не може да добие. А не може да добие ни потпретседател за економска политика, но тој инсистирал да му дадат некој помлад човек да работи извесно време без ресор, а потоа ќе ја види ситуацијата во Владата дали можел да ни отстапи уште некој ресор. Славко ми рече дека тој лично му се обратил на Џемо и му рекол доколку бара млад човек, тогаш ние, еве, го имаме Стојан Андов, може да биде за таква функција. А Џемо им рекол: „Да не е тоа оној млад човек што беше претседател на Општина Кавадарци?“ Славко му потврдил. „Е па, тогаш, го земам! Сум се сретнал со него пред неколку години.“

Навистина, по повод 25-годишнината од АСНОМ, 1969 година, тогашниот претседател на Собранието на Македонија, Никола Минчев, покани повеќе претседатели на собранијата од републиките. Меѓу нив беше и Џемал Биедиќ, а Минчев, кој со него долго се познавал, му советувал покрај присуството на свеченостите Џемал да го посети и Кавадарци. Притоа, му кажал дека таму претседател на Општината сум јас, негов поранешен соработник. Се сеќавам убаво на тие два дена и денес во кои беше Џемо во Кавадарци. Колку убаво си поминавме со Џемал Биедиќ.
„А, сега, продолжи Славко, ти да бидеш избран за член на СИС, се согласи и Џемал Биедиќ и македонското државно и политичко раководство. А ти, кажи што велиш?“
Му реков дека тешко можам да му одговорам бидејќи ова не сум го очекувал и ниту сум го знаел и дека ми е неопходно да се посоветувам и со сопругата. Тоа ми падна на памет бидејќи веднаш се сетив дека работата во Белград ќе бара можеби, не веднаш, ама еден ден со мене таму да биде и семејството. Си мислев, ќе ја прашам Марија. А Славко тогаш ми рече дека нема време за некои мои консултации, ќе му кажел на Џемал дека не сум одбил.

Така некако пресече Славко и од телефонската говорница кога тргнав на плажата и ја најдов Марија ѝ кажав дека, најверојатно, пак ќе се селиме и ѝ кажав за што станува збор. Таа прво што се сети беше на татко ми. Тој живееше со нас во Скопје и навистина беше проблематично дали тој воопшто ќе сака да оди во Белград. Марија ми приговори, велејќи дека оваа работа веројатно се готвела долго, а сум ја криел и ми рече: „Да знаеш, сум ти лута!“ А потоа се насмеа и рече: „Ќе одиме.“
На тој кус разговор присуствуваа и Јордан и Милка и се смешкаа. Тоа се случи на 27 јули 1971 година. Во нашата мала дружина од две семејства постигнавме согласност некаде попладне утредента да тргнеме и да стигнеме во Задар, каде што, пак, Раде, мој врсник, а помлад брат на Јордан, како потполковник служеше во гарнизонот на Задар. Бидејќи на денот на разговорот беше неизводливо да тргнеме, го прифатив предлогот на Јордан. Утредента се бањавме еднаш-двапати, си отидовме во нашето привремено сместувалиште, се поздравивме со нашите домаќини и со сендвичи в рака тргнавме. Стигнавме во месноста Порозина на Црес и се качивме на ферибот за Брестовина на Истра. Оттаму, пак, со друг ферибот стигнавме во Задар, некаде доцна попладнето.

Според подоцнежните кажувања на Биедиќ, тие сфатиле дека трет ресор Македонија не може да добие. А не може да добие ни потпретседател за економска политика, но тој инсистирал да му дадат некој помлад човек да работи извесно време без ресор, а потоа ќе ја види ситуацијата во Владата дали можел да ни отстапи уште некој ресор

Штета што немаше директна бродска врска од Лошињ до Задар. Со ферибот патувањето е побавно и во Задар стасавме подоцна, приквечер, на 28 јули. Таа вечер сите бевме сместени кај Раде и не оти заспавме, бидејќи времето ни мина во разговори, а неговата сопруга Хата, инаку муслиманка од Дрвар, беше многу расположена и весела. Таа сама си воспоставила врски со кумановска фарма за производство на јајца и само таму во Задар таа била единствен трговец што можел да испорача јајца наголемо на ресторани, кујни итн. Така се случи со Марија во едно летување да го запознавме воспоставеното братство и единство меѓу Хрватите, Србите, Македонците и босанските муслимани. Утредента решивме да се избањаме и во Задар и веднаш потоа да тргнеме за Скопје со нашите автомобили. Но, по патот децата побараа уште еднаш да се избањаат, а потоа кога тргнавме, веќе кај Вирпазар, на децата им се приспа. Тогаш рековме ајде да преспиеме тука. За среќа, веднаш најдовме место, нѐ сместија. Тоа беше на 29 јули 1971 година. Цело време ми се поставуваше прашањето дали ќе успеам да стигнам во Белград на први август, за кога беше свикана седница на Сојузното собрание, а на дневен ред беше и изборот на новата влада. Тој ден беше 30 јули.
Почнав да размислувам за последиците што нема да можам да ги избегнам ако не стасам навреме. На 31 јули стигнавме во Скопје околу 18 часот. Не можевме побргу да стасаме и заради нужните потреби на децата. На 31 јули, кога стигнавме во Скопје, ни се јави Стојан, братот на Марија, од Панчево, и ни соопшти дека добиле уште една ќерка. Малата Калина многу се израдува. Можеби имаше шанса на први август да тргнам рано и во Белград да стигнам во 11 часот, за кога беше закажана седницата на Сојузното собрание, ама си помислив дека тоа и за мене е многу, но и за малата Калина, која требаше да патува со мене.

Покрај тоа, нам со Марија ни претстоеше чувствителен разговор со татко ми. А, на први август се навршуваа три години од смртта на Мито Хаџивасилев-Јасмин. Решив да останам во Скопје и да појдам на гробот на Јасмин. Тој човек многу ми помогнал во животот и ќе си префрлав себеси многу долго ако не бидам присутен на тој чин, кога веќе сум во Скопје. И така, новата влада ја избраа на први август и истата вечер на телевизијата беше покажана сликата на новата влада, каде што од сите членови само мене ме немаше. На слика ме немаше, ама во списокот на членови на Владата ме имаше. Тие денови соопштија дека новата влада ќе биде на одмор до 15 август. Не можев да бидам мирен поради моите нови работни обврски, ама и поради малата Калина, и на 4 или 5 август тргнавме со воз за Белград.

(Утре: „Првите искуства во сојузната влада“)