Фото: Игор Бансколиев

Токму потребата од сеопфатни реформи, меѓународните институции ја констатираат по секој изборен циклус во земјава и тоа влегува во секој извештај за напредокот на Македонија. Меѓу клучните забелешки на ОБСЕ/ОДИХР е и реформа за изборниот закон и модел, што подразбира отворени кандидатски листи и една изборна единица, за повеќе да дојдат до израз волјата на граѓаните и демократијата во државата. Зошто партиите се оглушуваат на овие укажувања и препораки на меѓународната заедница?

ОБСЕ/ОДИХР со истите забелешки
по секои избори

Првиот круг од локалните избори во Македонија помина мирно и со почитување на основните права, но има потреба од сеопфатни реформи, се констатира во извештајот на Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на ОБСЕ.
Токму потребата од сеопфатни реформи, меѓународните институции ја констатираат по секој изборен циклус во земјава и тоа влегува во секој извештај за напредокот на Македонија, но генералниот заклучок што може да се изведе е дека за политичките субјекти во земјава најважно е изборите да бидат оценети како мирни, без поголема желба целиот процес да се подигне на едно повисоко демократско ниво и суштински да се реформираат изборниот закон и модел за повеќе да дојде до израз волјата на граѓаните. Забелешките на ОДИХР го покажуваат токму тоа, дека иако партиите ветуваат, никогаш не ги исполнуваат реформите потребни за европскиот пат на земјата, туку имплементираат некакви козметички решенија пред самите избори.

Кои се клучните забелешки на ОБСЕ/ОДИХР

ОДИХР и на овие избори забележа неколку клучни недостатоци што се повторуваат и кои во голема мера го девалвираат секој изборен процес.
– Најголем проблем на овие избори беше новиот систем за биометриска идентификација на гласачите, односно неговото доцно воведување. Овие уреди се користат првпат, а претходно немаше пилот-проект и тестирање и немаше време за целосна обука и за едуцирање на гласачите.
– Забележани се и случаи на групно, семејно гласање, проблеми со тајноста на гласањето, како и изолирани случаи на заплашување и притисок врз кандидати и гласачи.
– Жените не беа доволно застапени во кампањата. Само осум отсто од кандидатите за градоначалници беа жени.
– Потребни се реформи на изборниот процес, што мора да биде проследено со широка јавна дебата, за разлика од сега, кога некои амандмани на изборниот закон беа усвоени премногу блиску до изборите.
– Најголемите партии имаа предности во распределувањето на јавните ресурси и во поглед на застапеноста во медиумите.
– Негативна реторика кон жените.

Партиите се оглушуваат на препораките со кои ќе им се обезбеди конкурентност на кандидатите

ОБСЕ/ОДИХР постојано со години ги дава истите забелешки, кои наведуваат само на една констатација, дека на изборниот процес во земјава му се неопходни суштински реформи, кои на површина треба да ги извадат најкомпетентните, најспособните кандидати, со акумулирано искуство, знаење и вештини од соодветните области.
Она што останува неодговорено изминатите 30 години е зошто партиите постојано се оглушуваат на препораките за реформи на изборниот процес ако се знае дека демократските избори се клучните според кои се оценува капацитетот на земјата во евроинтеграциите, преку капацитетот на избраниците, кои треба да го изнесат текот на преговорите за пристапување во ЕУ, кои Македонија веќе подолго ги очекува.
За напредок кон ЕУ се потребни реформи во сите сфери, а една од нив, секако, се и изборите, па затоа парадоксално е постојано да се изјавува дека земјава сака да ги почне пристапните преговори со ЕУ, а од друга страна да не ги спроведува реформите што Европа ги бара од неа, вклучувајќи ги и оние што се однесуваат на изборниот процес.
Постојаните забелешки за истите негативни појави на секои избори не значат ништо друго освен дека самите со неконкурентните кадри, без визија и знаење, доведени со протекционизам, си ја спуштаме рампата кон ЕУ и без бугарската блокада.
Универзитетскиот професор Живко Андревски смета дека големите партии тешко ќе се решат за спроведување некакви реформи во изборниот процес, бидејќи тоа би ги загрозило нивните позиции или позициите на лидерската партиска врхушка.
– Кај нас поимот власт подразбира освојување моќ, сила, пари, привилегии, влијанија итн. Кога ќе се тргне од таа позиција, тогаш логично е изборите да се гледаат како можност да се дојде до власт преку сите работи што ги наведува ОБСЕ, односно преку отстапување од демократски принципи, нарушување на законската процедура, нарушување на легитимитет – вели Андревски.
За него сите овие негативни забелешки во извештајот на ОДИХР се голем проблем, кој воопшто не треба да се занемарува.

– Кај нас има многу простор за вистински реформи на изборниот процес што ќе обезбедува што е можно понагласено остварување на интересите на граѓаните, оние доминантни и клучни интереси во одреден момент, но кај двете поголеми македонски партии нема волја да се направи такво нешто, оти тоа ги загрозува нивните интереси за власт, моќ, пари и слично – истакнува Андревски.
Според него, со таквото однесување Македонија им дава право на европските партнери да кажуваат дека нешто е пропуштено, дека треба и мора да биде подобро, дека недостигаат реформи.
– Реформата на изборниот процес е едно од прашањата што зависат само од нас, но ние не го правиме и тоа што можеме – категоричен е професорот Андревски.
Тој уште додава дека ако се направат сите тие изборни реформи, тогаш изборниот процес ќе се одвива на едно повисоко ниво.
– Ако се оди европски на изборите, тогаш тешко се задржува власта. Нашите партии го знаат тоа и затоа немаме реформи – заклучува Андревски.
На иста линија е и првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, кој смета дека желбата за реформи во изборниот процес изостанува бидејќи актуелната состојба им одговара на големите партии.
– Препораките за реформи на изборниот процес што доаѓаат однадвор едноставно се игнорираат зошто некому така му одговара… Системот ги фаворизира веќе етаблираните и големи партии – констатира во кратки црти Кржаловски.


Во првиот круг од локалните избори во 2017 година имало 44.481 неважечко ливче, а на изборите во 2013 година 38.787 неважечки ливчиња

ВО ПРВИОТ КРУГ НА ИЗБОРИТЕ
Дури 60.773 неважечки ливчиња

Вкупно 60.773 неважечки ливчиња се регистрирани во првиот круг од гласањето за градоначалници на 80 општини, вклучувајќи го и гласањето за градоначалник на Скопје, покажуваат податоците објавени од Државната изборна комисија (ДИК).
На неделните избори има вкупно 44.833 неважечки ливчиња од гласањето за градоначалници на 80 општини, додека на гласањето за градоначалник на Град Скопје, пак, има 15.940 неважечки ливчиња од вкупно 228.473 што го искористиле своето право на глас.
Податоците на ДИК покажуваат дека најмногу неважечки ливчиња кај општините има во Битола – 2.659, следуваат Куманово со 2.076 и Гази Баба со 2.020. Најмалку неважечки ливчиња, само 48, има во Пласница, по што следуваат Ранковце со 57 и Центар Жупа со 62 неважечки ливчиња.
Во првиот круг од локалните избори гласале вкупно 848.104 гласачи, или 48,99 отсто од вкупно запишаните 1.824.864 гласачи во единствениот избирачки список.
Во првиот круг од локалните избори во 2017 година имаше 44.481 неважечко ливче, а на изборите во 2013 година 38.787 неважечки ливчиња.
На парламентарните избори што се одржаа во 2020 година имаше 31.564 неважечки ливчиња.