Фото: Игор Бансколиев

Каде затајува здравствената превенција? Дали и понатаму најголемиот број граѓани одат на лекар само кога нешто ќе ги заболи, па дури идентично постапуваат и во време на ковид-криза? Проблемот пластично е опишан и со фактот што од над 6.000 граѓани што починале во пандемијата како последица на вирусот, повеќе од 70 проценти биле со коморбидитети

Дали само корона-кризата ги запре контролните и превентивните прегледи и хируршки интервенции

Продолжува голготата на пациентите што поради корона-кризата не можат да отидат на контролен или превентивен преглед, како и на хируршка интервенција.
Докторите велат дека одложувањето на контролните прегледи најмногу проблеми прави кај малигно болните пациенти.
Здравствените власти најавија дека во најкраток можен рок ќе најдат решение како пациентите со малигни заболувања навремено да стигнат до рендгенски прегледи, мамографија и ехо.
Надлежните велат дека на некои од клиниките веќе почнал да функционира „Мој термин“ за хронично болните, во дел е потешко да се вратат во нормала поради ангажманот на лекари и сестри за инфективните одделенија.
Со корона-кризата беа одложени сите интервенции, освен за итни пациенти. Веќе има листи на чекање речиси за сите операции.
Проблемот се продлабочува и со тоа што од над 6.000 граѓани што починале за време на пандемијата како последица на вирусот, повеќе од 70 проценти биле со коморбидитети. Каде е превенцијата во земјава или, пак, и понатаму најголемиот број граѓани одат на лекар само кога нешто ќе ги заболи, па и во време на ковид-криза.

Мал број термини за ехо

Матичната докторка Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари, вели дека со коронавирусот превентивните прегледи малку се забавиле, но истовремено апелира сите заедно да ја издигнат превенцијата.
– Сега некако наоѓаме термини за тестирање на пациенти за ковид-19. Бројот на пациенти што се тестираат не е во толкав обем како што беше до пред две недели. Знам дека во Скопје за термин за тест се чекаше и до 11 дена. Поголем проблем е закажување термини за ехо на дојка или за простата. На пример, во Велес се даваат три термина за ехо на дојка, а во овој регион сме 55 доктори -вели докторката.
Според неа, термините се во мал број, а има многу луѓе со малигнитети што мора да се дијагностицираат или да прават контролни прегледи.
– Затоа граѓаните често одат во приватните установи, каде што веднаш добиваат дијагностика и веднаш им се закажува операција.Но немаат сите доволно финансии за тоа.
Според неа, превентивните прегледи може да откријат одредена болест навреме, но по дијагностицирањето се неопходни и редовни контроли за следење на заболувањето, кои, пак, овој период им се недостапни на голем број пациенти.
– Мора да се ресетира здравството, да имаме термини, да функционира здравствениот систем – додава Чолакова Дервишова.

Хирурзите алармираат и бараат отворање на операционите сали

Последната ситуација во здравството доаѓа од градската болница „8 Септември“, каде што четириесетина хирурзи со писмо ги известиле министерот за здравство Венко Филипче и премиерот Зоран Заев дека од понеделник, 27 септември, нема да работат итни операции, туку само животозагрозувачки, во знак на револт од работењето на директорот Христијан Костов.
Реагираат дека во болницата секојдневно функционираат само две хируршки сали дневно, наместо полниот капацитет, кој би бил шест сали во текот на денот.
Болницата е главен ковид-центар во земјава од почетокот на корона-кризата.
Хирурзите со писмото велат дека им било јасно дека со пандемијата капацитетите ќе бидат намалени.
– Ова е под реално можно ниво и резултира со тоа што пациентите што не се во животозагрозувачка позиција да не можат да добијат термин за хируршка интервенција – велат хирурзите.
Нивните барања се да се овозможат услови во болницата за да може таа да им даде хируршка здравствена заштита на поголем број пациенти чии болести не исчезнуваат поради пандемијата.
– За надминување на ситуацијата постојат неколку решенија и сме отворени за дополнителни предлози – стои во писмото потпишано од 40 хирурзи.
Тие реагираат и дека ГОБ „8 Септември“ неоправдано се држи на секундарно ниво во јавното здравство, иако болницата е столб на здравството.
– Во изминатите две години ние сме главен ковид-центар, каде што се згрижуваат најтешките пациенти, прифатен центар за сите хируршки пациенти од сите болници надвор од Скопје, од кои голем број се на терциерно ниво, а за жал, по нечија необјаснива логика, ГОБ „8 Септември“ уште се држи на секундарно ниво – пишува во писмото.
Директорот Костов со писмено соопштение објаснува дека не само кај нас туку и во светот постои редукција на планираната програма поради ангажирањето персонал за лекување на приоритетните пациенти заболени од ковид.
Тој вели дека нема доволно анестезиолози и затоа операционите сали не работат со целосен капацитет.
– Во согласност со бројот на анестезиолози, земајќи го предвид и бројот на оправдано отсутни, поради болест и поради нивниот ангажман во ковид-одделенијата, акцент е ставен на оперативно лекување на пациенти кај кои одложувањето на оперативните интервенции би довело до загрозување на нивниот живот (малигноми и фрактури). И овие интервенции се одвиваат без застој – вели директорот.

[email protected]