Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пред крајот на изборната кампања и пред почетокот на изборниот молк, лидерите на двете најголеми партии во државата, Зоран Заев од СДСМ и Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ, во интервјуа за „Нова Македонија“ ги претставуваат своите очекувања за изборите на 15 јули. И двајцата очекуваат убедлива победа и ветуваат подобра иднина за граѓаните и за државата

Интервју со Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Каква визија и иднина нудите за Македонија и зошто граѓаните би го дале гласот за вас?
– Секој граѓанин на овие избори треба да си го постави прашањето дали живее подобро. Одговорот на ова прашање го дава и одговорот за кого треба да се гласа на овие избори. Навистина верувам дека на Македонија по долготрајното статус кво ѝ треба комплетна обнова во секој сегмент. Не смееме да се задоволиме со потпросечноста, туку со прогресивноста, која, за жал, денес не ја гледаме кај оваа влада. На државата ѝ се потребни три основни фундаменти. Неприкосновена борба против корупцијата и криминалот за да имаме владеење на правото и правда. Правда што ќе важи за сите еднакво и правда од која нема да бидат исклучени политичарите, кои, пак, мора да бидат еднакви со сите други. Потоа потребна ни е обнова со главен фокус на економијата. На народот, стопанството, стопанските комори им треба повеќе можности, кои ќе обезбедат повеќе пари. Економски силна држава е среќна држава. Ние денес го немаме тоа. Народот не живее подобро и станува уморен од предолгото чекање и разочаран од премногу лажните ветувања добивани во претходниот период. Знаеме како да го направиме тој посакуван економски бум.

Мора да имаме робусно искористување на капиталните инвестиции, мора да се градат патишта, но и да се намалуваат трошоците за правење бизнис. Приватниот сектор мора да почувствува правна сигурност, но и ветер во грб за да се развива.
Третиот фундамент, кој е значаен, е нашата интеграција во ЕУ. Наместо децата да ни заминуваат во ЕУ, ние да ја донесеме Унијата овде. Свитканата кичма на Заев не ни донесе подобар живот, ниту нѐ направи членка на Европската Унија. Од првиот ден велам дека за да се оствари тоа е потребна работа. Жилава работа што ќе исполнува вредности и принципи. Не се Европејци тие што постојано говорат за ЕУ, туку ако работите за да исполните стандарди какви што имаат земјите на ЕУ. Таму нема премиери на држави што прибираат рекет, туку луѓе што работат за државата и народот.

Сметаме дека сме нова генерација политичари без обврски кон минатото, но и со визија кон иднината. Овие избори се и за тоа да се поразат последните остатоци на транзицијата и да му се даде шансата на некој што иако можеби не го познавате доволно, но сепак значи нов почеток и нова енергија на политичката сцена.

Како ги оценувате кампањата, програмата и реториката на политичките противници?
– ВМРО-ДПМНЕ води позитивна кампања со главен фокус на нашата програма и проектите што ги нуди обновата. Мислам дека секому му е јасно што не чини кај Владата и затоа посветуваме внимание на тоа, зашто изборот на обновата значи подобар избор за сите. Од владејачката СДСМ морам да кажам дека не чувме никакви конкретни бројки, ниту видовме некаков конкретен план. Тие практично ја продолжија истата реторика од изборите во 2016, изборите во 2017 г. и од ланските претседателски избори. Не може да говорат за иднината, а да се заглавени постојано во минатото. Велат можеме, а јас сум сигурен дека можат само повеќе криминал, корупција, трас трас нарачани судски одлуки, можат повеќе непотизам, матни тендери, непринципиелни коалиции. И сево ова има цел да ги покрие нивните неуспеси и да го одвлече вниманието од вистинските теми што ги интересираат граѓаните.

Тие сакаат да ја поткопаат самодовербата на народот за полесно да управуваат. Сакаат да влеат сомнеж и да нè извалкаат нас за да се одлучи народот за помалото зло. Но ова не е игра на поголемо и помало зло, туку промена што ќе донесе повеќе победи и заеднички успеси, зашто сигурно е дека со нив нема да биде подобро. Мора да си ја обновиме земјата, економски, политички општествено. Принципите и вредностите да станат начело по кое ќе се раководат политичарите. Потребни се пари за народот, а тоа ќе овозможи подобра иднина, остварување на соништата за силна држава. Одбивам да водам политика на ниски страсти и гола критика кон противникот. Таквиот ментален склоп нема да нѐ носи напред.

Кој е вашиот клучен адут на овие избори?
– Обновата што ќе донесе извесност, подобра иднина, сигурност и напредок. Се обврзуваме пред работниците да добијат поголеми плати, пред невработените да им обезбедиме работа што ќе им овозможи пристоен живот и извесност. Пред пензионерите се обврзуваме да добијат повисоки пензии и помалку грижи во миговите од животот кога мирот им е најпотребен. Пред земјоделците да имаат платен труд, конечно да бидат свои на своето, а пред стопанствениците се обврзуваме да обезбедиме пониски трошоци за водење бизнис, помалку даноци за државата, а повеќе пари за работниците. На младите им велам доаѓаат подобри времиња. Се обврзуваме да обезбедиме општество ослободено од политички притисоци, кое ќе се темели на европските вредности и правда. Македонија е Европа, а заедно ќе ја направиме и членка на ЕУ. Ова е последната шанса за спас на Македонија. Спас на државата што ја создале нашите предци, а наша обврска е да ја зачуваме.

Каков резултат очекувате на 15 јули?
– Очекувам победа затоа што верувам дека народот бара промени. Политиката на свиткана кичма да ја ставиме зад нас. Затоа ќе порачам и до вашите читатели. Излезете и гласајте, важно е да се гласа, да го чуе Македонија вашиот глас. Од вас зависи сè. А јас сум тука за вас како човек без хипотеки. Човек што целиот свој живот го поминал во науката и во приватниот сектор. Човек што не е салонски политичар, туку еден од вас. Државите се градат низ многу искушенија и големи одлуки. Мојот сон е Македонија да биде земја на среќни луѓе, на горда историја и наследство, но и на иднина што сами ќе ја изградиме. Нашата земја е нашето светилиште околу кое ги градиме нашите судбини, а доаѓа денот кога одлучуваме за нив. Петнаесетти јули не е само датум, туку крстосница, меѓник на кој одлучуваме за иднината на нашата земја.

[email protected]