Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дали може за неколку месеци да се изработат и испечатат квалитетни учебници, дали наставниците ќе може квалитетно да се обучат, дали ќе има доволно време да се направат квалитетни критериуми за оценување на учениците, дали наставниците навистина ќе имаат автономија во работата, дали…

Има ли доволно време за квалитетно да бидат воведени образовните реформи?

Новиот начин на образование, за кој надлежните најавија дека ќе се воведе од септември во основното образование, отвора низа дилеми за квалитетот на промените, со оглед на тоа дека е краток периодот за нивно приспособување.
Дали наставниците ќе може квалитетно да се обучат, дали ќе има доволно време да се направат квалитетни критериуми за оценување на учениците, дали може за неколку месеци да се изработат и испечатат квалитетни учебници, дали наставниците навистина ќе имаат автономија во работата со оглед на тоа дека многу од работите се прават со дозвола на директорите…, се само некои од прашањата на кои периодов се бараат одговори. Надлежните во Министерството за образование и наука (МОН) уверуваат дека има доволно време.
– Обуките за наставниците ќе започнат веднаш по изготвувањето на наставните програми. Според предвидената динамика, во текот на летниот период ќе се одвиваат обуките и се разбира дека ќе направиме сѐ тие да бидат квалитетни и наставниците да имаат корист од нив. Ќе ги води Бирото за развој на образованието со надворешни соработници, експерти по определени области од високото образование, познати обучувачи и експерти – велат оттаму.
Планирано е обуките да траат повеќе денови и со нив да бидат опфатени сите наставници во прво и во четврто одделение, бидејќи промените ќе започнат најпрво во овие одделенија.

Од друга страна, се најавуваат и големи промени во начинот на оценување на учениците. Образовните експерти досега многупати предупредуваа дека сегашниот систем на оценување не чини и дека треба да се менува.
– Со новата концепција акцентот се става на формативното, наспроти сумативното оценување, односно на процесот на постојано следење на постигнувањата на учениците и постигнувањата на резултатите од учењето. Планирано е по изработката на програмите, кои ќе содржат стандарди за оценување, да се изработат и критериуми за оценување со намера оценувањето да стане пообјективно. Ученикот на крајот на учебната година ќе добива додаток на свидетелството, во кој ќе се наведуваат одделни карактеристики на ученикот, учеството во општествено-хуманитарната работа, воннаставните активности – појаснуваат надлежните.
Новите критериуми за оценување ќе ги прават лица од Државниот испитен центар и од Бирото за развој на образованието. Надлежните уверуваат дека оценувањето од септември ќе биде многу пообјективно од она што го има сега. Како што појаснуваат од Бирото, во процесот на оценување на ученикот ќе се користат различни техники и ќе се прибираат податоци за неговите постигнувања.
– Нема да се оценува како што е сега, да се научи па да се добие оценка за наученото. Наставникот ќе ги следи учениците постојано, за секоја наставна содржина и ќе проверува како тие ги совладуваат содржините – велат во Бирото.

Како што пишува во документот, новиот концепт за основното образование ја уважува потребата за промени, која ја базира на новите сознанија за развој на квалитетно образование, на светските и европските трендови за образование базирано на компетенции, на дигитализацијата на образованието, како и на сите наши досегашни искуства и стремежи да се унапреди квалитетот на наставата и учењето.
– Новиот концепт во целост ги уважува согледувањата и мислењата на наставниците што се утврдени со истражувањето спроведено во текот на ноември 2020 година. Така, новиот концепт за основно образование нуди промени во повеќе сфери што се однесуваат на интегрирање на наставата и наставните предмети, на избор на предмети од интерес на ученикот, на учење преку истражување и проекти, намалување на оптовареноста на наставните материјали со фактографски податоци, на приспособување на наставата кон потребите на сите ученици, на користење разновидни наставни материјали, на активно учество на учениците во животот на училиштето, на соработка и професионален развој на наставниците и нивно мотивирање со кариерен развој, овозможувајќи на тој начин можност за градење училиште по мера на децата – стои во документот.