Ставовите на угледниот научен советник Најал Фергусон од „Стенфорд“ за новата позиција на САД во светло на приближувањето на Кина со Русија, објавени во „Тајмс“, предизвикаа силни реакции во светската јавност. Предлозите за отстапките што би требало да ги направат САД спрема Русија се колосални. Но нивното публикување деновиве во угледниот магазин значи одредена порака и пробен балон за воспоставување нови релации меѓу САД и Русија

Анализата објавена деновиве во „Тајмс“, од угледниот научен советник Најал Фергусон од „Стенфорд“, во врска со најновите геополитички раздвижувања во светот, со акцент на новата позиција на САД (која, меѓу другото, ја објави и нашиот весник пред неколку дена), предизвика огромно внимание и реакции кај голем број активни проследувачи на состојбите. Колку за потсетување, стануваше збор за новата позиција и тактика на САД во светло на приближувањето на Кина со Русија.
Но една од највпечатливите реакции е на рускиот аналитичар Иван Данилов, објавена во РИА. Тој е шокиран од извештајот на Советот за меѓународни односи (ЦФР) и предложените отстапки на САД за Русија.

Како ја чита Иван Данилов анализата на угледниот американски Совет за меѓународни односи (ЦФР)

Како прво, во анализата на американскиот Совет за меѓународни односи (ЦФР) ги нема веќе познатите ставови дека САД можат самостојно да го победат целиот свет!? Уште повеќе (а тоа е и шокот од аспект на официјалниот американски дискурс), го нема веќе ставот за глобална надмоќ на САД, имено дека Американците можат самостојно да ја победат Кина.
Стратегијата на американската „длабока држава“ (како што ја означи Данилов спомнатата американска влијателна институција ЦФР) оди уште понатаму. Имено, се нагласува дека САД мора да престанат да се дефокусираат со други геополитички предизвици и да се концентрираат на Кина! Од друга страна, паралелно со надворешнополитичкиот фокус, да се концентрираат на внатрешни радикални реформи. Само комбинацијата на тие полиња (кои во стратегијата се нарекуваат „рецепти“) може на Вашингтон да му ја даде неопходната сила и да му ги овозможи неопходните услови за просперитет.
И самиот руски аналитичар Данилов е зачуден дека авторот на стратегијата, влијателниот поранешен американски дипломат, познат лобист и научен соработник на ЦФР, Роберт Блеквил, ја опишува сегашната „жална состојба“ на САД, остро критикувајќи ги претходните грешки на администрацијата на Обама, но и сегашните грешки на Трамп во политиката кон Русија. Тој особено е остар кога е во прашање украинската „мајданска револуција“, Крим и секако Киев.
Коментирајќи ја стратегијата на Блеквил, Данилов како најинтересен дел од текстот го истакнува „рецептот“ за подобрување на односите меѓу Вашингтон и Москва. Имено, во стратегијата се истакнува: „Соединетите Американски Држави, во координација со своите сојузници, мора да се обидат да отворат широк дијалог со Владимир Путин и руската влада за советскиот поредок и безбедноста на Европа и на Азија“.
На ова Данилов коментира дека само стручњак од таков ранг и претставник на „длабоката држава“ како Блеквил може да си дозволи во американскиот информативен простор сосема сериозно да се залага „претседателот Трамп да почне дијалог со Владимир Путин за светскиот поредок“, а притоа да не се плаши дека ќе му стане цел на ФБИ поради „соработка со Крем“!

ЦФР предлага отстапки и од Трамп и од Путин

Конкретно, ЦФР во стратегијата предлага: „Вашингтон треба да тргне со отстапки за да ги подобри односите со Москва, што не е можно преку комплетно зачувување на сегашната политика кон Русија. Истото тоа се однесува и на Москва“!
Во тој контекст, ЦФР издвојува дека „во тој дух САД мора да тежнеат кон спогодба со Русија за тоа дека ширењето на НАТО е завршено, дека САД ги укинуваат своите санкции поради анексијата на Крим и дека Русија повторно има пристап до групата Г8. Во замена, Москва преку повлекување на својата војска од Источна Украина треба да се согласи на разместување на мировните сили на ОН, како и да престане со отровното мешање во американската политика и култура“.
Данилов во врска со американската анализа укажува дека „во 2014 година било невозможно, апсурдно и незамисливо да се претпостави дека водечкиот аналитички центар на американската елита (ЦФР) во својство на почетна преговарачка позиција (за нормализација на односите со Русија) на маса ќе стави и такви предлози како што се признавање на Крим за руска територија, враќање на Русија во Г8 (што има само симболично значење), завршување на процесот на проширување на НАТО-сојузот (што де факто значи давање неутрален статус на Украина т.е. нејзина „финландизација“, според финскиот надворешнополитички статус) и отфрлање на разместувањето украинска војска во Донбас“.
Данилов во својот коментар додава и дека сето горенаведено (исклучителни отстапки на САД) не значи дека ќе го усвои официјален Вашингтон. Но и самото уфрлање на таквите предлози во ваков политички момент (искажани преку анализата на ЦФР) е своевидна порака и означува одредена еволуција на американското размислување, и тоа не само во однос на руското прашање. М.В.

Аналитичарите воочија многу помека реторика во релациите меѓу двете суперсили