Фото: Маја Јаневска-Илиева

Годинава, поради пандемијата на коронавирусот, ќе изостанат масовното собирање и традиционалната церемонија на скокање по светиот крст во реките и во езерата во земјава. Празникот ќе биде одбележан во црквите, со литургија, а вода ќе се осветува во дворовите на црквите од страна на свештенството

Пандемијата наложи поинакво празнување на верските празници

Годинава и во изминатата година имаше едно поинакво празнување на верските празници, почнувајќи од почетокот на пандемијата на ковид-19, лани, кога Велигден се одбележа во услови на карантин, а верските објекти останаа без масовно собирање на верниците. Така беше и неодамна за Бадник и за Божиќ, а ќе продолжи и за Богојавление Водици, празник што традиционално во земјава се одбележува со масовно празнување, односно со осветување на водите во реките и во езерата низ земјава.
Но овој пат, поради пандемијата на коронавирусот, ќе изостанат масовното собирање и традиционалната церемонија на скокање по светиот крст во реките и во езерата во земјава. Празникот ќе биде одбележан во црквите, со литургија, а вода ќе се осветува во дворовите на црквите од страна на свештенството. Масовно скокање од страна на верниците по крстот во реките и езерата нема да се случи.
Во таа насока одеше и последната одлука на Владата за зголемени рестриктивни мерки, со која им се укажа и на верските заедници да не повикуваат на масовни собири и групирања за време на верските празници од 18 декември минатата до 20 јануари оваа година.

Од Македонската православна црква-Охридска архиепископија неколкупати до сега посочија дека ги почитуваат мерките пропишани од здравствените власти.
Отец Бобан Митевски од скопската епархија при МПЦ-ОА вели дека црквата во својата повеќе од двемилениумска историја препознава вакви моменти, кога преживувала вакви состојби со пандемија и со рестрикции, иако секој нов предизвик си има свои нови аспекти.
– Искуството на црквата е дека треба да се снаоѓаме и да сообразуваме со секоја состојба, не напуштајќи го она што е суштинско и суштествено, а тоа е богослужението. Одбележувањето на празниците има смисла доколку се одржува богослужението. Мерките може да предвидуваат присуство на верен народ или негово отсуство, но свештенството во црквата треба да го спроведе богослужението, односно ја изврши светата литургија. Црквата се сообразува со мерките на здравствените власти. Литургија ќе има, но верниот народ да присуствува во црква во согласност со пропишаните мерки – посочува отец Митевски.
Отец Бобан вели дека секое празнување што подразбираше собирање на многу луѓе на едно место, сега е под рестрикции, односно нема да се случи.
– На Водици ќе осветиме вода во дворовите на храмовите, но нема да ги посетуваме изворите, реките, езерата, каде што би го извршиле и спуштањето на крстот, за да не поттикнеме на масовно собирање на верниците – додава отецот.

За тоа колку МПЦ се снајде во оваа состојба на пандемија, со оглед на тоа дека празнувањето на празниците беше проследено со големи реакции во јавноста, отец Бобан вели дека секоја нова состојба предизвикува адаптирање.
– Но Светиот синод секогаш беше на потребната висина на задачата, а тоа затоа што излегуваме во насока на поддршка на мерките на здравствените власти, кои се први повикани за оваа ситуација – посочува отецот.
Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Се смета за еден од најголемите христијански празници, со кој му се дава значење на крштевањето како една од светите тајни на христијанството.
Според теолозите, крштевањето значи и духовно раѓање, односно со самиот чин на крштевање почнува живеењето на човекот во верата.

[email protected]