Фото: Игор Бансколиев

Во големата анкета на интернационалното истражување на „Ипсос“, со кое беа опфатени дури 28 земји, мнозинството (60 проценти) луѓе во светот мислат дека нивните држави се движат во погрешен правец, а како најголема загриженост за оваа констатација се наведуваат финансиската и политичката корупција во земјите. Какви се оцените за Македонија и во кој правец се движи нашата држава?

Интернационално истражување покажа дека шест од десет луѓе во светот веруваат во тоа дека нивната држава се движи во погрешен правец, а како најголема загриженост за оваа констатација се финансиската и политичката корупција во земјите.
Анкетата на „Ипсос“ се спроведувала еден месец во 28 држави во светот: Аргентина, Австралија, Белгија, Бразил, Канада, Чиле, Кина, Франција, Велика Британија, Германија, Индија, Израел, Италија, Јапонија, Малезија, Мексико, Перу, Полска, Русија, Саудиска Арабија, Јужноафриканска Република, Јужна Кореја, Шпанија, Шведска, Турција, Србија, Унгарија и САД.

Во истражувањето спроведено меѓу 24 август и 7 септември 2018 година биле анкетирани вкупно 20.787 лица. Во Канада, Израел и во САД истражувањето било спроведено на лица на возраст меѓу 18 и 64 години во Канада, Израел и во САД, а во сите други држави анектираните биле на возраст меѓу 16 и 64 години. А каде е Македонија во целата оваа приказна? Иако нашата држава не е опфатена во најновото истражување на „Ипсос“, сепак, се потрудивме да понудиме одговор на прашањето во кој правец се движи нашата земја, секако потпирајќи се на претходни релевантни истражувања, но и мислења на експерти.

Во контекст на овие актуелни случувања, за обележување е и фактот дека на оваа тема слични анкети, во кои беше поставено слично прашање како во истражувањето на „Ипсос“, поврзано со правецот во кој се движи земјата, изминативе години во Македонија спроведоа организациите „Евробарометар“ и „Интернационалниот републикански институт“ (ИРИ).

Последната анкета на оваа тема беше публикувана лани од „Евробарометар“, при што на прашањето „Дали мислите дека државата се движи во добра или во лоша насока?“, 34 отсто од испитаниците одговориле дека таа се движи во добра насока, за разлика од 48 проценти што се изјасниле дека Македонија се движи во лоша насока.
Според истражувањето на „Евробарометар“, многу задоволни од животот што го водат во земјава се само 10 отсто од граѓаните, доволно задоволни се 50 отсто, не многу задоволни 22 отсто и 16 отсто се целосно незадоволни.
Истражувањето на „Евробарометар“ се однесува на перцепцијата на граѓаните во 28 земји-членки на ЕУ, како и во петте земји-кандидатки за членство – Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора и Турција.

Од друга страна, пак, истражување на јавното мислење, на агенцијата Брима галуп за потребите на престижниот американски Интернационален републикански институт покажа дека на прашањето дали Македонија се движи во вистинска или погрешна насока негативно се изразиле 58 отсто од испитаниците, во добра насока изјавиле 28 проценти од анкетираните, а неутрално размислувале, одбиле да одговорат или немале став вкупно 14 проценти од анкетираните.

Фото: Игор Бансколиев

Политичкиот аналитичар Сашо Клековски вели дека прашањето за тоа во кој правец се движи земјата е конгломерат во истражувањата, бидејќи преку него се вршат различни толкувања и перцепции, од кои потоа се ценат начинот и владеењето во земјата преку различни критериуми.

– Со одговор на ова прашање се добива општа слика на задоволство или незадоволство во одредена држава, но не секогаш е јасно во истражувањата и анкетите кои се тие прашања со кои се врши процената за правилно или погрешно движење на една земја – вели Клековски.
Тој објаснува дека во практиката кога се врши едно обемно истражување, ова прашање оди проследено со други прашања или потпрашања, со кои се врши процена на евентуалната насока на движењето на државата.

Клековски подвлекува дека преку овие одговори може поегзактно да се добие одредено толкување или чувство или, пак, перцепција на граѓаните за тоа во која насока се движи државата, која може да е погрешна или добра.
Аналитичарот вели дека исто така е битен и аголот преку кој се гледа движењето на државата, а сето може да биде гледано преку еколошка перспектива, политичка, социјална и слично

– Она што е карактеристично во ваквите истражувања кај нас во државата е тоа што оние испитаници што ја поддржуваат актуелната власт, која и да е во тој момент, тие веруваат дека земјата се движи во правилна насока, а истовремено оние анкетирани што се приврзаници на опозицијата, пак, веруваат дека земјата се движи во погрешна насока – вели Клековски.