Фото: Игор Бансколиев

Балканот, а со тоа и Македонија, поради специфичната геостратегиска положба, како и поради мултиетничноста како карактер на општествата на Балканот, секогаш е под ризик од замешателство на некои свои граѓани односно државјани: почнувајќи од логистика, сместување, подготовки, набавка на оружје или експлозивни материјали, кои на Балканот сѐ уште ги има во изобилство, обуки за ракување со оружје спроведени од страна на воени ветерани што во државите на поранешна Југославија сѐ уште ги има многу, па до опасност од извршување конкретни терористички акти врз странски мисии на Балканот…

Актите на тероризам во Западна Европа сѐ почести, ќе се прелеат ли инцидентите на Балканот?

Мрачната сенка на тероризмот повторно се заканува да ја покрие и покори Европа. Последниот настан што ги вознемири европските граѓани се случи завчеравечер во Виена, каде што, според последните информации, загинаа четири цивили, хоспитализирани се 17 лица, а едниот од напаѓачите, Албанец со потекло од Македонија, е ликвидиран од полицијата. Станува збор за Кујтим Фејзулаи, роден во Модлинг, Австрија, а неговите родители се од тетовско Челопек, неофицијално велат за „Макфакс“ полициски извори.
Македонското министерство за внатрешни работи добило барање од австриската полиција за соработка и информации поврзани со терористичкиот напад, а вчераутро австрискиот министер за внатрешни работи, Карл Нехамер, потврди дека убиениот напаѓач во Виена има потекло од Македонија и големо криминално досие. Тој додаде дека напаѓачот имал 20 години и бил осуден за терористичко здружување.
Министерот Нехамер на прес-конференција одржана вчера рано наутро го окарактеризира настанот како „исламистички терор“, додавајќи дека полицијата пронашла јасни докази оти напаѓачот што беше застрелан непосредно по почетокот на нападот „е радикализирана личност и симпатизер на Исламската држава“.
Овој крвав настан, како и двата грозоморни терористички напада, кои со временска дистанца од само неколку седмици беа извршени во Франција и во кои животот го изгубија повеќе недолжни луѓе, во домашната и во регионалната јавност повторно ја актуализира темата поврзана со ризиците од глобалниот тероризам.

Домашни и регионални познавачи на случувањата на оваа тема издвојуваат дека Балканот, а со тоа и Македонија, поради специфичната геостратегиска положба, како и поради мултиетничноста како карактер на општествата на Балканот, секогаш е под ризик од замешателство на некои свои граѓани: почнувајќи од логистика, сместување, подготовки, набавка на оружје или експлозивни материјали, кои на Балканот сѐ уште ги има во изобилство, обуки за ракување со оружје спроведени од страна на воени ветерани, кои во државите на поранешна Југославија ги има многу, па до опасност од извршување терористички акти врз странски мисии на Балканот…
Засега спротивставувањето на таквите намери за реализација на заканите од страна на поединци и групи успешно го спроведуваат националните институции за безбедност.
Македонија со години со своите операции, како и мноштво држави во светот, спроведува координирани државни политики за спречување на радикалните исламски предзнаци, таканаречени Ал каеда и Исламска држава (ИД).
Во истиот контекст, аналитичарите сметаат дека не само подготвеноста на безбедносните служби (техничка и материјална, кадровска екипираност, умешност, тактичка подготовка и сл.) туку и членството во НАТО се најдобриот гарант за поголема безбедност во рамките на еден глобален систем.

Во свој осврт за „Нова Македонија“, говорејќи за проблемот со заканите од тероризмот, Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност изјави дека тероризмот преставува реална закана, но во овој момент нема капацитет да ја дестабилизираат земјата.
Аналитичарот објаснува дека за Македонија членството во НАТО е темел што ни ја осигурува безбедноста на долг рок од сите видови закани, па и од овој тип.
Според него, треба да се обрне соодветно внимание на ваквите случаи како актуелниот, кои потекнуваат од група луѓе што од Македонија учествувале во борбени дејства на Блискиот Исток, пред сè во Сирија и во Ирак, од каде што солиден дел е вратен дома, а со своето враќање ја носи идеолошката матрица на ИСИС.
– Од тој аспект, тие може да бидат потенцијална опасност за безбедноста во местото на нивното живеење, бидејќи тие може да предизвикуваат и разни терористички акти потпомогнати од нивната попримена идеологија. Но Македонија веќе има изградено законска регулатива во врска со учеството на македонските граѓани во странски или паравоени трупи и од тој аспект тие не само што ќе бидат санкционирани туку истовремено Македонија има стекнато искуство со овие лица во смисла на ресоцијализација и од нив досега не сме имале некоја посериозна атака врз безбедноста – изјави Марковски.

Белградскиот аналитичар Александар Бечиќ вели дека нашиот регион со децении бил порозен на радикалниот ислам и на неговите приврзаници, кои имаат потенцијал да спроведат терористички активности.
Тој објаснува дека, за среќа, радикалните исламисти не ги делат вредностите на традиционалниот ислам на Балканот, а со тоа во голема мера и се намалува дофатот на влијание на глобалните терористички организации како ИСИС и Ал каеда во регионот.
– Токму поради овие околности, сегашните безбедносни служби на балканските земји, кои во најголем дел потекнуваат од оние на некогашна Југославија, имаат заемно одлични резултати во работата кога се соочуваат со овој проблем. Искуството во справувањето со опасноста сепак не е главен предуслов за борба со тероризмот. Јас лично верувам дека блиската соработка и заедничкиот напор на сите држави од Балканот ни се единствена најсилна карта да ѝ ставиме точка на оваа опасност – порачува до сите институции и држави на Балканот белградскиот аналитичар Александар Бечиќ.

[email protected]