Вежбите на НАТО ќе се одржат на вкупно 64 локации во Европа, меѓу кои и во Македонија, односно на 31 полигон, 13 цивилни и 10 воени аеродроми, како и на шест пристаништа и на четири специфични теренски локации

Серија масовни воени вежби во кои учествуваат над 30 илјади војници од 27 сојузнички држави се најголемите армиски маневри спроведени од страна на Северноатлантската алијанса во време кога светот се бори со пандемијата на ковид-19. Воените вежби, именувани како „Бранител на Европа 21“ и „Цврст бранител“, ќе се „одиграат“ на Балканот и во нашата држава, во периодот од март до јуни годинава. Дополнително е интересен фактот дека воените вежби се одвиваат во пресрет на првата годишнина од нашето членство во сојузот, но и во чест на 72-годишнината од формирањето на НАТО, која се одбележува на 4 април.
Така, порталот Балканска безбедносна мрежа (ББМ) наведува дека вежбата „Бранител на Европа 21“ ќе се спроведува низ сите поголеми воени полигони во регионот, односно на полигоните Криволак во Македонија, Слуњ во Хрватска, Мањача во Босна и Херцеговина. Сојузничките армии ќе вежбаат и на планината Сињајевина во Црна Гора, но и во Грција, во близината на пристаништето Александрополис, на границата кон Турција, а ќе бидат употребени и базата Бондстил кај Урошевац и воените објекти во Албанија.
Порталот на американската воена команда во Европа, пак, информира дека, сумирано, вежбите на НАТО ќе се одржат на вкупно 64 локации во Европа, односно на 31 полигон, 13 цивилни и 10 воени аеродроми, како и на шест пристаништа и четири специфични теренски локации.

Во текстот на американската команда се информира и дека овие воени маневри се најголемата американска воена вежба во Европа во последните 25 години.
Во меѓувреме, за македонската перспектива на најновите случувања, воените власти во земјава неодамна информираа дека македонската армија летоска преку видеотелеконференциска врска ги реализирала неопходните плански активности за вежбата „Дефендер Еуропе 21“, во чии рамки е и вежбата „Одлучен удар 21“.
Во контекст на актуелните случувања, безбедносните експерти овие воени вежби ги карактеризираат како нова страница во американската дипломатија во светот, предводена од администрацијата на претседателот Џо Бајден.
Безбедносниот експерт Милан Стефаноски вели дека масовните воени вежби се доказ дека НАТО сега функционира многу поинаку од времето кога кормилото во Вашингтон го предводеше Доналд Трамп.
– Очигледно е дека американската администрација со овој чин сака да докаже дека безбедноста на нејзините сојузници на Балканот, меѓу кои е и Македонија, е примат. Токму затоа НАТО сега ги покажува своите мускули по должината на границите со Турција, но и оние со балканските земји што сѐ уште не членуваат во Сојузот – вели Стефаноски.
Тој објаснува дека овие армиски маневри се и своевиден одговор на воената руско-српска вежба што треба да се случи летово, но и пандан на многубројните руски и белоруски воени вежби, познати како „Словенско братство“, кои изминативе години се одржаа во регионот.
Стефаноски вели дека со овие активности АРМ и оперативно во практика како членка во НАТО ќе се етаблира како фактор на стабилност и моќ во регионот.