Фото: Игор Бансколиев

ПОСМРТНИТЕ ОСТАНКИ ОД СООБРАЌАЈКАТА ВО БУГАРИЈА ПРЕНЕСЕНИ ВО МАКЕДОНИЈА

Со највисоки државни почести, вчера на скопскиот аеродром беа преземени посмртните останки на 45-те македонски државјани што трагично загинаа во автобуската несреќа што се случи на автопатот Струма во Бугарија, на 23 ноември. Посмртните останки на жртвите пристигнаа со два бугарски воено-транспортни авиона, по што македонските војници ги пренесоа до погребалните возила, со кои беа упатени кон нивните семејства, а потоа и на вечните почивалишта.
Последна почит оддаде државниот врв, предводен од премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски, како и домашни и странски делегации, односно претставници на Исламската верска заедница и на Македонската православна црква. Присутни беа претседателката на Косово, Вјоса Османи, и претседателката на албанското Собрание, Линдита Никола. Венец положи и бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов, додека по него во знак на почит се поклонија и првиот вицепремиер Артан Груби, министерот Бујар Османи, како и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Истовремено, граѓаните им оддадоа последна почит на загинатите на плоштадот „Скендер-бег“ во Скопје, каде што беа поставени и венци со цвеќиња.
Сообраќајната несреќа во која загинаа 45 македонски граѓани, а седуммина беа повредени, се случи на 23 ноември, на автопатот Струма, во близината на Перник во Бугарија, кога автобусот на „Беса транс“ се враќал од Истанбул. Во тек е истрагата за причините за несреќата. С.Н.М.