Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според информациите од јавноста, прелиминарните резултати покажале дека руската вакцина „спутник 5“ е 92 отсто ефикасна против коронавирусот, а од регионов поголемо количество ќе увезе Унгарија на почетокот на 2021 година. И гигантите во фармацевтската индустрија, aмериканскиот производител „Фајзер“ и германскиот партнер „Бионтек“, објавија дека заеднички развиле вакцина против коронавирусот, ефикасна 90 проценти, без сериозни несакани ефекти. Ова беше поздравено како историски чекор, па ако сè оди според проекциите, првите дози може да се очекуваат до крајот на годината

Додека да пристигне која било вакцина, пред нас е голем зимски бран на корона-зараза со кој треба да се соочим

Ќе биде ли наскоро пуштена во оптек долгоочекуваната вакцина против ковид-19? Изгледите за решение се сè пореални, иако има научници што предупредуваат на претпазливост. Неодамна, гигантите во фармацевтската индустрија, aмериканскиот производител „Фајзер“ и германскиот партнер „Бионтек“, објавија дека заеднички развиле вакцина против коронавирусот, ефикасна 90 проценти, без сериозни несакани ефекти. Ова беше поздравено како историски чекор, па ако сè оди според планот, првите дози може да се очекуваат до крајот на годината. Има уште неколку чекори до тоа, но резултатите досега се оптимистички.
Европската Унија (ЕУ) одлучи да купи 300 милиони дози од „Фајзер“, а оваа набавка како да го запечати заостанувањето на најголемите конкуренти во трката за вакцината – Кина и Русија.

Д-р Бабачиќ: Соопштенијата за ефикасноста на вакцините ги земам со резерва

Д-р Харис Бабачиќ е млад истражувач од Македонија, кој магистрирал епидемиологија во Германија, а сега е докторанд истражувач при Медицинскиот универзитет „Каролинска институт“ во Стокхолм, Шведска. За „Нова Македонија“ тој вели дека се охрабрувачки првичните резултати што „Фајзер“ и „Бионтек“ ги имаат соопштено и дека ако навистина ефикасноста на вакцината е 90 отсто, тогаш тоа ги надминува сите очекувања што ги имавме.
– Тоа значи и дека можеме да очекуваме пандемијата да запре и со понизок процент на вакцинација на популацијата – од 74 отсто, а можеби и само половина од популацијата, во зависност колкав дел од популацијата бил инфициран и стекнал имунитет. Но овие резултати се од прелиминарна анализа на 92 испитаници и треба претпазливо да ги земеме, бидејќи испитувањата не се сè уште завршени. Соопштенијата за ефикасност на вакцината „спутник 5“ на центарот „Гамалеја“ во Москва би ги зел со уште поголема резерва, бидејќи се резултат базиран само на 20 испитаници. Обично со помал број испитаници ефикасност е преценета, но останува да видиме. Она што дополнително загрижува е недостигот од транспарентност за оваа вакцина и избрзувањето со нејзина регистрација без да ги помине сите фази на клиничко испитување. Но ако излезе точно, тоа ќе биде добра вест и за вакцината на „Оксфорд“ и на „Астра зенека“, која е направена на сличен принцип како руската и за која најверојатно ќе слушнеме наскоро – вели Бабачиќ.

Според него, ако испитувањата на вакцините завршат во целост во декември и независни тела ја потврдат точноста на процената за ефикасност и безбедност, тогаш можеме да очекуваме вакцинирањето да започне на почетокот на 2021 г.
– Сè уште не знаеме со сигурност дали вакцината ќе ги штити ранливите категории од потешка болест и смртен исход, што мислам дека е најважна цел за една вакцина против САРС-КоВ-2. Но можеме претпазливо да го очекуваме тоа. Најбитно сега е да разбереме дека додека да пристигне која било вакцина, имаме пред нас еден голем зимски бран на зараза со кој треба да се соочиме. Овој бран веќе е поголем од првиот и повеќе луѓе ќе починат. Во исчекување на вакцината, сега повеќе од кога било да бидеме многу, многу внимателни за напролет да имаме кого да заштитиме со таа вакцина – смета докторот.

Побогатите држави први би ја добиле вакцината

Вакцината „фајзер-бионтек“ користи технологија за пренос на РНК, која произведува синтетички гени, кои го упатуваат човечкото тело да произведува протеини што потоа развиваат заштитни антитела.
Вакцината бара складирање и чување на минус 70 степени Целзиусови и бара дистрибуција низ скапа инфраструктура, вклучувајќи магацини за длабоко замрзнување и ладилни возила.
Центрите за вакцинација ќе добијат кутии од 1.000 ампули спакувани во сув мраз – цврста форма на јаглерод диоксид. Вакцините потоа мора да се одмрзнат, да се чуваат во фрижидери на температура од 2 до 8 Целзиусови степени и да се инјектираат во рок од најмногу пет дена.
Цената на чинење на дистрибуцијата на вакцината ќе ги зголеми постојните стравови дека побогатите држави ќе ги добијат најдобрите вакцини први. „Ковакс“, колективниот режим за дистрибуција на вакцини предводен од Светската здравствена организација, планира да собере 18 милијарди долари за набавка на вакцини за посиромашните земји.
Над 140 фармацевтски производители и истражувачки групи во светот се натпреваруваат да развијат вакцини против ковид-19, од кој веќе во светот досега заболеа над 50 милиони лица.

Јавноста е очајна за добри и охрабрувачки вести

Дел од научната заедница, сепак, повикува на претпазливост и воздржување од преголем оптимизам, барем додека „Фајзер“ не објави детални податоци за својата клиничка студија, која сè уште трае. Истражувачите забележуваат дека заклучокот за ефикасноста од 90 проценти на вакцината „фајзер“ е извлечена од привремена анализа на независен комитет за следење на податоците, кој проучувал досега 94 заразени инфекции на гореспоменатиот примерок од 43.500 луѓе. Експертите посочуваат дека ова е премал број на заразени лица за да можат да извлечат подалекосежни заклучоци.
Научниот скептицизам во врска со „чудесната“ вакцина беше упатен од американското списание „Вокс“, еден ден по еуфоричното објавување на „Фајзер“, во написот „Зошто вакцината ’фајзер-бионтек‘ е причина за оптимизам – и скептицизам“. „Вокс“ истакнува дека од почетокот на пандемијата има „возбудливи соопштенија за печатот“ за ефикасноста на одредени лекови против ковид-19, што ја зголеми надежта на јавноста.
„Но, овие соопштенија за печатот, кои медиумите побрзаа да ги објават за јавноста очајни за добри вести – честопати кулминираа во залудна надеж откако беа финализирани потребните научни и регулаторни чекори, а конечните резултати беа помалку зачудувачки отколку што беа првично најавени“, пишува „Вокс“.

И „Модерна“ блиску до објава на податоци за вакцина

Американската компанија „Модерна“ неодамна изјави дека има доволно податоци за првата привремена анализа на испитувањето во доцна фаза на експерименталната вакцина за ковид-19, што треба да помогне во утврдувањето на ефективноста на вакцината.
Засега не се знае кога планираат да објават податоци за перформансите. Компанијата соопшти дека испитувањето останува „слепо“, односно водачите на студијата не знаат кои учесници примиле вакцина, а кои плацебо. Вакцината ќе се смета за успешна доколку огромното мнозинство од заразените добиле плацебо, откако надзорниот одбор ги разгледа раните резултати.
Претходно истиот ден, водечкиот американски експерт за инфективни болести Ентони Фаучи рече дека „Модерна“ може да ги има податоците во рок од „неколку дена“ или „нешто повеќе од една недела“.
Голем степен на ефикасност би имал смисла затоа што е „речиси идентичен“ со експерименталната вакцина на „Фајзер“, рече Фаучи.
– Можеби нема да биде 95 проценти, може да биде 90 проценти, 96 или 89 проценти, но ќе биде во тој опсег – додаде тој.


Унгарија за неколку дена ќе добие копии од руската вакцина

Унгарија ќе добие копии од руската вакцина против ковид-19, најави тамошниот министер за надворешни работи Питер Сијарто. Тој појасни дека прелиминарните резултати покажале дека вакцината „спутник 5“, е 92 отсто ефикасна против коронавирусот.
– Ова е добра вест за Унгарија. Ние сме во сериозни преговори со Русите за купување поголемо количество вакцини – рече тој.
Примероците прво ќе поминат тестирања во лабораторија. Поголемо количество е планирано да се увезе на 5 јануари.


Приморац: За пет месеци отсега, пандемијава ќе биде завршена работа

Професорот Драган Проморац за телевизијата Н1 кажа дека во Хрватска има системски пристап кон пандемијата на национално ниво. На почетокот најголем проблем во Италија било тоа што целиот здравствен систем бил расцепкан, што не било случај со Хрватска. Според него, ако не се искористи потенцијалот на вакцината, тоа би било голема грешка.
Хрватските власти имаат доволен капацитет за тестирање и исто така имаат развиено силен систем за следење на контактите.
– Можеби само неколку месеци нѐ делат од вакцината, а голема грешка ќе биде ако не го искористиме тоа. За пет или шест месеци, пандемијава ќе ја паметиме како завршена работа. Убеден сум дека сме на добар пат и дека имаме една ефикасна вакцина. Имаме 11 вакцини што се во трета фаза, тоа е голем оптимизам – оценува тој.


СЗО предупредува дека проблемите врзани за вакцината може да ја продолжат пандемијата

Праведен пристап во однос на вакцината во целиот свет му е во интерес секому и на секоја земја, изјави директорот на СЗО, Тедрос Аданом, додавајќи дека трупањето вакцини во некои земји може само да ја продолжи пандемијата.
– Национализмот врзан со вакцинирањето ќе ја продолжи пандемијата, нема да ја скрати – рече директорот на Парискиот мировен форум неодамна, предупредувајќи дека вирусот ќе се шири, а економското закрепнување глобално ќе се забави ако луѓето во сиромашните земји не бидат вакцинирани.
– Некои земји однапред купуваат повеќе вакцини во количества двојно повеќе отколку што имаат население, со што го доведуваат во опасност вакцинирањето во другите земји – рече директорот на СЗО.
Тедрос кажа дека за иницијативата на СЗО, чија цел е да се осигури пристапот до тестови, лекување и вакцинирање против ковид-19, недостигаат околу 28,5 милијарди долари, од кои итно се потребни 4,5 милијарди.
Францускиот претседател Емануел Макрон вети 100 милиони евра за проектот кога вакцината ќе биде достапна. Исто така понуди дел од првата доза, која ќе ја нарача француската влада, да биде достапна за земјите во развој за да можат тие да ги вакцинираат своите здравствени работници.
Од ковид-19 во светот од почетокот на пандемијата заболеа повеќе од 53 милиони луѓе, а починаа 1,3 милион.


„Не знаеме со сигурност дали вакцината ќе ги штити ранливите категории од потешка болест и смртен исход, што мислам дека е најважна цел за една вакцина против САРС-КоВ-2. Но можеме претпазливо да го очекуваме тоа. Најбитно сега е да разбереме дека додека да пристигне која било вакцина, имаме пред нас еден голем зимски бран на зараза со кој треба да се соочиме. Овој бран веќе е поголем од првиот и повеќе луѓе ќе починат. Во исчекување на вакцината, сега е потребно повеќе од кога било да бидеме многу внимателни за напролет да имаме кого да заштитиме со таа вакцина.“

Д-р Харис Бабачиќ