Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера го промовира и направи евалуација на досегашното функционирање на Националниот координативен центар за сузбивање организиран и сериозен криминал.

Центарот има улога на мост за информации и податоци што ги поседуваат и собираат институциите, за да можат на побрз начин да бидат достапни за потребите на сите други инволвирани институции. Центарот, како што подвлече Спасовски, почна и со поддршка на меѓународна размена на информации во делот на меѓународната полициска соработка, што е значаен сегмент во сузбивањето на организираниот и транснационалниот криминал.

– ОТА и другите служби што се за следење комуникации не се дел од Националниот координативен центар – појасни Спасовски на заедничката прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Тој додаде дека со операционализација на овој центар е остварен еден од приоритетите утврден во планот 3-6-9, а неговата работа преку подготвувањето квартални анализи на работа се следи и во планот 18.

Информирајќи дека координативниот центар е формиран со владина одлука во 2014 година, но до септември 2017 година немало никакви активности за негова операционализација, министерот Спасовски истакна дека со преземањето повеќе мерки и активности, во согласност со акцискиот план, а во кој се вклучени МВР, Царинската управа, Управата за финансиска полиција и за финансиско разузнавање, УЈП и Јавното обвинителство, обезбедени се просторни, административни и материјално-технички услови, со што центарот станува оперативен.

– Во него партиципираат претставници на сите посочени институции, кои во согласност со овластувањата имаат достапност до базите на податоци. Спроведени се и основни обуки на упатените лица за зајакнување на нивните компетенции во делот на разузнавачката анализа – објасни Спасовски.

Осврнувајќи се на минатогодишната препорака од јуни од Советот на ЕУ да се продолжи со реформите и да се испорачаат резултати во делот на правосудството, безбедносните служби, јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупција, вицепремиерот Османи посочи дека промоцијата на координативниот центар ги зафаќа двете поглавја во делот на безбедносните служби и во делот на организираниот криминал и корупција.

– Не смееме сега да се опуштиме, туку да го искористиме секој ден за да не оставиме простор и најмал аргумент некој да го злоупотреби и да ни ги уништи историската шанса и стратегиската определба на граѓаните – порача Османи и додаде дека координативниот центар е уште еден дополнителен аргумент зошто Република Северна Македонија заслужува оваа година да ги почне преговорите со ЕУ. П.Р.