Карикатура: „Нова Македонија“

Најболно од сѐ е пишувањето од страна на домашни божем високи интелектуалци, новинари, писатели, преведувачи итн. дека всушност македонската страна (со своите ставови каде што се штитат националните и државни интереси) изразува „национализам, претензии, аспирации, тврдоглавост, непопустливост, без европска смисла за компромис и еластичност“ (!?)

Патриотизмот наспроти национализмот како повод

Колку и да звучи чудно, македонската научна фела имаше одлична соработка со колегите во Грција, не беше реткост професорите од универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ да гостуваат при Атинскиот универзитет. Но однесувањето на грчката интелигенција се видоизмени во 1991 година и промената беше толку безобѕирна што многумина беа изненади. Еден македонски професор, светски признаен во својата област, беше меѓу првите што ја почувствува надменоста на грчките интелектуалци. Без никакво образложение грчките дотогашни пријатели ги прекинаа сите контакти, дури и избегнуваа да се јаваат или да му возвратат на телефонските повици.

Притоа треба да се има предвид дека станува збор за долгогодишна соработка и дружба, а единствениот „грев“ на нашиот професор беше неговата специјалност – историјата на Античка Македонија. Споменатиот професор врз основа на изворите и археолошките наоди искажуваше мислење дека Античките Македонци не се Хелени. Поради своите ставови, кои се разликуваат од официјалната грчка историографија, професорот набргу беше прогласен за непожелна личност во Грција.
Однесувањето и постапките на грчките научници и на грчката држава е типичен пример како историјата се политизира во заштита на конструирани (националистички) митови. Национализмот е со тенденција секогаш да влегува во противречност со фактите и никогаш да не биде во корелација со историската реалност.

Во пошироки географски рамки, нациите отсекогаш биле заразувани со вирусот на национализмот за да ги ретушираат историските вистини со таквата алатка. Но веројатно во Европа популацијата веќе создала „антитела“ за таквиот националистички вирус. На Балканот сѐ уште се нема создадено „имунитет на стадо“ против вирусот на национализам и шовинизам. Балканските народи, особено оние што ги сочинуваат посилните и поголемите држави, боледуваат од националистички конструкции, но однесувањето на нивните политичко-општествени елити е трагикомично. Во последните децении не смогнаа сили да покажат едно здраво разумно однесување, а последни примери за таквото однесување беа контроверзниот меѓународен договор помеѓу Македонија и Грција, македонско-бугарскиот договор за пријателство и македонско-бугарската комисија, која има задача да ја „чита“ споделуваната историја.

Во основа, тие квазиинтелектуалци или можеби и платеници го игнорираат тоа што Македонците застануваат во одбрана на нешто што воопшто и не треба да се брани, како што се: националниот супстрат, реалното постоење на народот, јазикот, историските факти за посебноста, различноста и самоидентификувањето. Квазиинтелектуалците го игнорираат фактот дека македонската страна само застапува една перемпторна норма, која е навистина многу далеку од национализам

Но да го оставиме настрана прашањето за името и да се потсетиме само малку на историските прашања за кои Македонија и Грција се договорија. Според членот 6, двете страни се обврзуваат да преземат мерки за забрана на какви било непријателски активности, дејства или пропаганда што можат да предизвикаат шовинизам, непријателство, иредентизам и ревизионизам. Во членот 8 се вели дека доколку која било од двете страни верува дека еден или повеќе симболи што претставуваат дел од нејзиното историски наследство ги употребува другата страна, таа за другата наводна употреба ќе ѝ укаже на другата страна да преземе соодветни мерки. Договорот предвидува и формирање заеднички интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, кој ќе го разгледува објективното научно толкување на историските настани засновани на автентични докази и научно издржани историски извори и археолошки наоди. Исто така, Македонија и Грција се обврзуваат дека ниту еден учебник или помошен материјал нема да содржи иредентистички/ревизионистички упатувања.

Во членот 8, од договорот за пријателство, добро соседство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, речиси во идентична форма се сретнува следната формулација: „Двете страни ќе формираат заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, за да се придонесе за објективно и заснована на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани“.
Историската наука е процес на факти и интерпретација, секогаш има доволно факти за различни и спротивни толкувања. Не треба да се заборави дека историските настани од блиското и од далечното минато честопати се контрадикторни и следствено многу е тешко да се дојде до идентични интерпретации. Но меѓународните договори на Македонија со соседите немаат цел научна интерпретација на историјата, туку нешто друго.

Внимателната анализа на договорите, неизбежно води кон заклучокот дека имаат две цели: една вистинска и една декларативна. Декларативната цел е решавање на наметнатите проблеми и пријателството помеѓу Македонија и нејзините соседи, а вистинската цел, всушност, е наметнување националистички погледи. Преспанскиот договор ја принуди македонската страна да го признае грчкиот националистички мит за наводната хеленска припадност на Античките Македонци. Од друга страна, договорот за пријателство со Бугарија има цел да ја принуди македонската страна да ги прифати бугарските ставови за историјата. Истовремено, бугарската страна за да ја засили својата позиција го отвори прашањето за македонскиот јазик, надевајќи се дека на тој начин ќе ја принуди македонската страна да попушти за историските прашања.

Но најболно од сѐ е толкувањето на сево ова од страна на домашни божем високи интелектуалци, новинари, писатели, преведувачи итн. дека всушност македонската стана, со своите ставови со кои се штитат националните и државни интереси, изразува „национализам, претензии, аспирации, тврдоглавост, непопустливост, без европска смисла за компромис и еластичност“.
Во основа, тие квазиинтелектуалци или можеби и платеници го игнорираат тоа што македонскиот народ и самата држава застануваат во одбрана на нешто што воопшто и не треба да се брани, како што се националниот супстрат, реалното постоење на народот, јазикот, историските факти за посебноста, различноста и самоидентификувањето. Тие го игнорираат фактот дека македонската страна застапува една перемпторна норма, која повеќе е позната и како јус когенс.

Тоа всушност е и фундаменталниот принцип на меѓународното право. Тоа е општоприфатената норма во целата меѓународна заедница. Тоа не е национализам или шовинизам! Таквото нивно толкување на вистината, на правдата, на патриотизмот го нарекуваат национализам?! Таквото нивно толкување повлекува државен и национален суицид. Тие суштествуваат сѐ во духот на деноминацијата и демакедонизацијата. Но рака на срце, тоа никогаш и ниеден вистински македонски граѓанин нема да дозволи се случи.