По едномесечната бугарска политичка и негаторска офанзива спрема Македонија, во Бугарија се огласија интелектуалците и научниците за актуелното македонско прашање, како своевиден глас на разумот

Агресивното однесување на бугарската политика, во смисла на негирање на Македонија, македонската нација, македонскиот јазик и воопшто македонското постоење пред институциите на ЕУ, се чини почнува да се преиспитува однатре, од бугарските интелектуалци и научници. Бугарската политичка офанзива во обид да добијат европски легитимитет за нивните стари аспирации спрема македонската самобитност, имаше две кулминации во период од еден месец. Првата е објаснувачкиот меморандум за земјите-членки на ЕУ, со кој се бара поддршка критериумот за добрососедство (односно наметнување на бугарската историја и јазик) да биде доминантен во преговарачката рамка на ЕУ за Македонија. Две седмици потоа, бугарското собрание изгласа одлука со која 24 Мај – Денот на сесловенската писменост се преименува во ден на бугарската писменост, повторно како обид за бришење на македонската улога и значење во создавањето на словенската писменост, но и обид за монополизација на кирилицата и словенската писменост во ЕУ.
Сепак, по едномесечната политичка и негаторска офанзива, во Бугарија се огласија интелектуалците и научниците за актуелното македонско прашање, како своевиден глас на разумот. Првично, триесетина бугарски историчари, научници, универзитетски професори и јавни личности со заедничко писмо до јавноста се изјаснија против меморандумот што Софија го испрати до земјите-членки на Европската Унија.

Во писмото „Европа не нè разбира“, тие инсистираат на „фундаментална промена на парадигмата во историското размислување“ и пишуваат дека не се согласуваат „Македонија да се претстави само како земја што нe се справува со сопственото минато“. Според нив, Софија демонстрира застарени сфаќања и изнесува неодржливи и наивни тврдења против Македонија.
Потписниците на заедничкото писмо сметаат дека меморандумот не ги рефлектира достигнувањата на голем број бугарски историчари во последните децении, а е неразбирлив и за Европа.
– Не гледаме како Европа може да ги разбере тезите на некои институционално влијателни бугарски научници, кои не зборуваат на јазик ниту на модерна историографија ниту на современите хуманистички и општествени науки. Меморандумот не ги одразува принципите и вредностите врз кои е изградена Европската Унија – велат бугарските интелектуалци во писмото.
Потсетуваат дека неодамна копретседавачот на Заедничката бугарско-македонска мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, Ангел Димитров, изјави дека бугарскиот меморандум ги одразува достигнувањата на „бугарската историска наука“, а пред неколку дена, пак, членот на споменатата комисија, Иван Илчев, се пожали во бугарските медиуми дека „Европа не нè разбира“.
Понатаму, триесетината бугарски интелектуалци истакнуваат дека тврдењето за заедничка историја до 1944 година, еднострано толкувана како бугарска, е неубедливо. Сметаат дека концептите како што се „споделена историја“ и „испреплетена историја“ би можеле да го збогатат меѓусебното разбирање за минатото.

Во однос на одлуката на бугарското собрание за преименување на Денот на сесловенската писменост во ден на бугарската писменост, различни научни тимови од Бугарската академија на науките сметаат дека нагласувањето само на бугарската азбука (кирилското писмо, создадено од Преславскиот круг на писатели) „го одделува“ од празникот делото на Кирил и Методиј, и го прикрива сесловенското и европското значење на светото просветителство.
– Предлогот празникот да се преименува во ден на бугарската писменост значи дека Бугарија може да го намали сопственото историско значење – рекла Вања Мирчева, доцентка на Институтот за бугарски јазик на Бугарската академија на науките.
Според нејзиното мислење, името на празникот „ден на бугарското образование и култура и словенска писменост“ навистина може да се промени, но треба да се одржи врската со словенскиот свет.
– Исто така, можно е да пишува „ден на бугарската писменост и словенската литература, бидејќи 24 Мај се слави во Русија, Белорусија, Украина, Србија, Црна Гора и Северна Македонија. Овој празник се слави и во Словачка и Чешка. Не можеме да ја игнорираме оваа традиција меѓу словенските просветители – рекла Мирчева.

Реакциите на бугарските интелектуалци, како обид да се коригира агресивноста во настапот на бугарската политика, беа прифатени со одобрување од македонските научници, но, сепак, со резервираност за нивното влијание во целиот процес на обиди за демакедонизација на Македонија и Македонците во ЕУ.
– Кажав и порано дека во Бугарија не се сите историчари, политичари и интелектуалци – националшовинисти. Ама, за жал, не седат тие во власта. Ни во БАН. Ни во Комисијата за соседство (добро ли е?), исто така! – напиша на социјалните мрежи професорката од Институтот за македонски јазик, Елка Јачева-Улчар.