Карикатура: „Нова Македонија“

Вашингтонскиот Центар за американски напредок (КАП) во својот најнов извештај излезе со исклучително интересен и смел предлог: Северноатлантскиот сојуз (НАТО) да формира своја финансиска институција! Во својот извештај КАП тврди дека специјално формираната банка на НАТО би можела да помогне во „стабилизација на одбранбените инвестиции на земјите-членки, вклучувајќи и кога се во прашање технологијата за двојна употреба (цивилна и воена) и цивилните транспортни инфраструктурни проекти – сето тоа во услови на економски пад поради пандемијата на ковид-19“…

Најава за формирање финансиска институција на НАТО што ќе менаџира со финансиите на Северноатлантскиот сојуз

Банките се институции што посредуваат во паричниот промет и во финансиските трансакции. Најчесто банките се занимаваат со земање и давање кредити. Банката обезбедува сигурна алокација на финансиските фондови од суфицитните кон дефицитните субјекти. Банките всушност им нудат поддршка за финансиски услуги на компаниите и на корпорациите или разните институции за зголемување на нивниот профит со различни банкарски инструменти, како што се кредитирање, пакети на осигурување, разни финансиски вложувања, поддршка за размена на пазарни добра и сл. Банкарството е специјализирана дејност врзана за финансии и вредности. Банкарството е од исклучителна важност за секоја економија. Преку банкарството се менаџираат парите и паричните текови, но и се создаваат и оплодуваат. Поради сето ова, како бомба одекна веста дека Северноатлантскиот воен сојуз размислува да формира своја банка, како институција што ќе управува со парите, фондовите, паричните текови, инвестициите…

Банката на НАТО слична на Светската банка

Организацијата НАТО е формирана врз база на идејата за меѓународно здружување воена сила, па зошто тогаш таа не би можела да создаде своја банка за „подмачкување“ на финансиските тркала? Ова прашање до идната администрација на Бајден беше поставено во најновиот извештај на вашингтонскиот Центар за американски напредок (КАП).
– Генералниот нацрт за една ваква организација би бил сличен на другите мултинационални кредитни институции, како на пример Светска банка – тврдат аналитичарите Макс Бергман и Сиена Чикарели.
Идејата гласи банката првично да ја финансираат (или да помогнат таа да постигне кредитен рејтинг ААА) побогатите членки на НАТО, постепено ставајќи во функција една самоодржлива финансиска организација за реализирање нови воени инвестиции.
Препораката доаѓа во период во кој новоизбраниот американски претседател го составува својот тим за Пентагон, додека неговите советници собираат разни предлози од прогресивните и нему наклонети аналитички организации во однос на агендата за национална безбедност.
Вашингтон и Европа постојано смислуваат совети за ревитализација на НАТО по напуштањето на функцијата од страна на Доналд Трамп. По неговото четиригодишно критикување и тиради врз принципите на мултилатерализмот, европските НАТО-членки се оставени да се „препелкаат“ во сознанието дека поддршката на Америка може – во најдобар случај – да биде многу каприциозна.

На Џо Бајден ќе му припадне обврската да најде нов пристап за финансиска стимулација на НАТО

Во извештајот на КАП се наведува: „Во 2021 година., новата администрација на Бајден ќе мора да ја обнови американската посветеност кон НАТО и да ја поттикне и охрабри Алијансата да зајакне однатре. За да го стори тоа, Америка ќе мора да најде нови пристапи за стимулација на инвестиции што би ја ’поткрепиле’ моќта на НАТО“.
Ниските каматни стапки на вака предвидената банка треба првенствено да им помогнат на источноевропските земји комплетно да ја исфрлат од своите арсенали старата воена опрема, останата од периодот на постоењето на Советскиот Сојуз, препорачуваат авторите на извештајот.
Специјално формираната банка на НАТО исто така може да помогне во стабилизација на одбранбените инвестиции на земјите-членки, вклучувајќи и кога се во прашање технологијата за двојна употреба (цивилна и воена) и цивилните транспортни инфраструктурни проекти – сето тоа во услови на економски пад поради пандемијата на ковид-19, наведува извештајот.
Авторите „пикираат“ на Лондон како на седиште за новата НАТО-банка. Поради фактот дека брегзит „изроди“ пораст на тензии меѓу Велика Британија и другите членки на ЕУ и на НАТО, како и поради загриженоста дека тензиите би можеле да влијаат и врз безбедносните односи, поставувањето на НАТО-банка во Лондон наедно би значело и потврда на посветеноста на државата кон Алијансата и европската безбедност, образложуваат тие.
Веднаш по инаугурацијата на Џо Бајден, најавена е заедничка средба на лидерите на НАТО. Се очекува генералниот секретар Јенс Столтенберг да предложи конкретни чекори за збогатување и подобрување на реформската агенда „НАТО 2030“, која веќе е во тек.